ЛУТИ СМЕ

ИЛИ

ЛУЃЕ СМЕ

 

ДРАМА ВО ТРИ ДЕЈСТВИЈА

 

/Сами од себе се наложија лицава на КОМЕДИЈАВА. И, стварно:КОМЕДИЈА се.../

Лица:

СОБАРКА

ДОМАР

ДИРЕКТОР: /На сместовното хотел-ресторанче/

ШЕФ/На сала/

КЕЛНЕР

ГОСТИН:/ Маж во години/

ЗЛАТКА:/ Вдовица дошла од некаде да земе здив од по смртниот случај на мажот/

СЛАТКА:/ Разведеница се впуштила во живот без компас/

ВРАТАР

/ Дејството се случува пред почетокот на туристичка сезона во едно пријатно хотел-ресторанче во туристичко колку мирно, толку и немирно гратче за живот и за терање шега, сега и во веки.../

 

Прво дејствие

Прва појава

 

Собарката и Домарот: Тој додека чека гости да смести, таа додека мете и чисти прав, си дофрлаат како и обично немошни/

 

ДОМАРОТ: Не лути се ти се молам.

СОБАРКАТА: А да би молци фатил да фатиш...кому ќе се лутам...и зошто?

ДОМАРОТ: Дека те гипкам.

СОБАРКАТА: Со уста гибај, само со раце немој /Онака ококорено бидејки е млада, убава со чембер на косата да не и се бунџеви ко пуфче/

ДОМАРОТ: Да те бакнам!...

СОБАРКАТА: НЕ чепкај се.../Му се топори со рачката од метлата/

ДОМАРОТ: Усте благооооо/Покажува со својата собрана уста какво/

СОБАРКАТА: Море, смотај се...

ДОМАРОТ: Ммм, мхх...

СОБАРКАТА: Макал та сркал...

ДОМАРОТ: Ќе ми се налутиш ако ти сркнам од твоето усте мед?

СОБАРКАТА: Не ти е првпат та ќе ти се лутам (интимничи).

ДОМАРОТ: Како мажот ти?

СОБАРКАТА: Како што умее, и, знае... Како жена ти?...

ДОМАРОТ: Домрдана е... Туку кога би те подграбнал јас тебе, вака... (Покажува како, засучувајќи ги ракавите), ко конобарот од оној голем пансион што е на брегот на езерото распореден, отпетлан, распетлан, ха-ха-ха, хи-хи-хи, го фатиле кај напаѓа една чужџенка за да ја ... , сочатали... Немој да ме предизвикуваш, оти чудо почудено, секој да се чуди како можел, на бел ден, да не сторам...

СОБАРКАТА: Ан, де, де, ак’ можеш, пробај... Тук’ ти на жена ти не си ѝ направил што ѝ било за правење, та пак мене..., на чужџа жена...

ДОМАРОТ: На чужџо поубаво се фаќа... Ме с’ска (интимно); ко крадено цвеќе што се фаќа... Ме нас’ска убаво (интимно).

СОБАРКАТА: Внимавај, братко, би ти советувала јас собарката таа и таа, да н’ се фрлиш од некој горни кат на ‘Отелчево, на два ката (се смее), та да останеш ко на два дела поделен ни жив ни умрен...

ДОМАРОТ: Почуј ме ко ти велам, мори, кучко, свиј ја еднаш опашката, та ак’ сака тој час и од работа нек’ ме шитнат... нек ме џитнат...

Втора појава

 

(Во тој момент влегува келнерот во одмориштето кај стоиштето и рецепцијата заедно со гардеробата на приземјето гледајќи го домарот кај ги фитили мустаќите и ја пупунчи косата забрефтан накај собарката цела во пламен, ја фаќа за рака, ја трга и му дофрла на домарот мудри зборови.)

 

КЕЛНЕРОТ: На јавно место, колега...

ДОМАРОТ: Не ти сум колега, и не мудрувај повеќе...

КЕЛНЕРОТ: Добро, не ми си колега, тук’ ко оној мојон колега од пансионон отпетлан, запетлан..., исто ти чини, исто ти се фаќа...

СОБАРКАТА: Море овој, сѐ наслушнувал...

ДОМАРОТ: Си потслушнувал?

КЕЛНЕРОТ: Не сум потслушнувал!

ДОМАРОТ: Си демжел...

СОБАРКАТА: Си гомжел...

КЕЛНЕРОТ: Ни сум демжел, ни сум гомжел, тук’ сум сакал одамна, кукле, да те ставам, еве вака /покажува како удирајки ја по задникот да боли и да плуска со показалецот врз палецот сљубен за средниот прст/ в рака.

СОБАРКАТА: Значи и ти ми се токмиш, скубе едно, и тебе ти текнувало, јас мислев не ти текнува, токмаци ти скокале по главата...

ДОМАРОТ: Пуста душа сака...Шо не сака... Душа изгорена...Пак јавриче да е уште згора...Пилче младо..., ко ова усте медено /Пружа раце кај му ја водат

собарката од пред очи мижурлавејќи со погледот блуден.../

...И јас вака усамотен да ме видиш /Покажува домарот како со рацете врз елекот црн по бела блуза мрдајќи нервозно со прстите застанат на сталакот ко шанкерот врз шанкот меѓу него и меѓу рецепциската полица квадратна или правоаголна за клучеви како и одлево наспроти вратата главна на низот од сукалести закачалки за случај потреба на гардеробата во комбинирана служба и на домар и на шеф на рецепција и на гардеробер заради заштеда во пред сезоната дури имрен да ти е, жал да те фати та и по малку грев/ што ќе видиш?... Ко да се видам на огледало, ми се чини убав сум... Ко да се обидам во живот, ми се чини, ко да не сум тој, истиот, што сум се видел во огледало додека сум чепкал млади мозулчиња по лицето... Некако како да ми савнува крвва што инаку ми врие ко вино младо, ко да преврива што е способно да распука обрачи на бочва, ко попрази и подопашници на младо самарено магарче, ко прле штотуку преминато во магаре, така јас ова сега што се обидувам од магаре обарното повторно да преминам во прле...А и јас дома што имам... Се зедов на душа: Друга сакав; друга од друг град зедов-пењушка. Се оклетив: бити-А, бе, уба изгледаше, ќе ми речат, јас, ти, како кокона... –Уба, да, ама за колкувреме? Колку и потраја убајната, младоста. Ела сега да ја видите. Само зиморлија, само стуткана со шалои. И, во лете таа не е влезена во вода, не е искапена. Белки од друг град не е прилагодена. И климата, и храната си сака белки да си е некој оттука, да си е секој во своето родно место. Море мене таксират ми било, ме фатил таксиратот, оти малку има такви што не се земаат од родните места и пак си живеат на јарно, си летаат, си имаат крилја, си раѓаат, живеат домузнааа... Најверојатно си се сакаат пред сѐ... Јас не знам ние ал’ сме се сакале?... Набрзина нешто откога се оставивме со „онаа“ мојана, та и таа остана неомажена, зарад’ една грешка сторена во животот, случајно се најдовме со „онаа“ и, туку ми текна, ѝ предложив и така се прооженв. Сите се зачудија кога им реков дека ќе се женам, зашто сите ме знаеја каков пребирач сум за жени и на жени ко на вратоврски, бидејќи на шапки не сум, туку одам гологлав со коса подолго кадрава пуштена, а не залижана ко крави да ја лижале, волој да ја мажале. Шо барав, изгледа, најдов! Ко таа: додека пишела веѓи- ископала очи... Така јас ова го сторив. Не е цвеќе во градина, та ќе го помирисаш. Од ат на магаре слегов. Од кол на кол, на арно дебел кол ко на Колјана се наденав галиба. Влегов в батак, в шамак... и, сега ми е жал да излезам ко од тиквана ни варена ни печена, ко замрзната станата алтуше што ќе ја кркам сакал- несакал, јал- не јал три и пол... можеби да не е крива и таа? Не сме се испитале ние доволно... Можеби кривицата да е во мене?... Само остаре бргу некако таа, што знам за ошто... Брчки, брчки фатија да ѝ шетаат на челоно, а сега и на образине... Не знам од ошто? Само неколку години сме во брак. Како си врват годинчинава... Ко вчера да беше сѐ ми се чини... Али , не, последниов пат ко се видов на огледало, забележав во кадрите неколку бели влакна и кај мене во косава; а двеве мустаќести брчки до бузава горна и долна од кај двеве ноздринки до накај брадава. (Покажува и сега со палецот и показалецот од десната рака на брчките) и, уште повеќе ме загрижија и ме уплашија што не ќе смеам ми се чини уште еднаш да застанам така лесно пред огледалце и да се погледнам со очи мои во огледало освен на бербер, зошто и онака се бричам на бербер, али тоа е веќе нешто друго, што не се зема во случајов и не иде и не спаѓа предвид.

(Собарката истргната од рацете на Конобарот, карајќи му мајката, му се обраќа на домарот).

СОБАРКАТА: Уште ли ти е лошо?... Извини ме!...

ДОМАРОТ: Џембос... Ми помина лошото... Ни те извинувам ни те обвинувам... (Се мести во косата, вади чешел, го поправува елекот, ракавите...)

КЕЛНЕРОТ: Слабо стартираш за добар апетит... Не ко оној отпетлан, запетлан... (приповратен).

ДОМАРОТ: Што разбираш ти од тие и такви работи, конобарче? Бар не пукај ми ја душава, полни очи, празни раце, ќе си ја фател ти, собаркава наша, в рака? Кажи му мор’ ти, место мене!

СОБАРКАТА: Што да му кажам?

ДОМАРОТ: Оти и тој остана со прстот в уста.

СОБАРКАТА: Вел во очите.

КЕЛНЕРОТ: Ама и во гаќите, обајцата. Зашто јас сум Таќи...

ДОМАРОТ: И пак ти биди си Таќи колку сакаш пати, само не биди фластер, туку биди копец не за пантолоните, туку за на уста, црвче!

КЕЛНЕРОТ: Те вика дилекторот (на собарката).

СОБАРКАТА: Уште не фатила сезона... Зошто ме вика шефот?

КЕЛНЕРОТ: Шефот на мефот, дилекторот на инспекторот, треба ти велам, ко си аџамија уште, аџамииште. Те вика по сто пати сакаш да ти речам, разбираш али не? Тебе ти зборувам ал’ кому, му биле откопчани- закопчани пантолите, невесто, дилекторот, слабо мрдаш...

СОБАРКАТА: Кому му биле сега отпетлани- запетлани пантолоните, кус ѓавол, на кус пес опашка, не те разбирам... Ме збрка?.. Се збркав!... На главниот шеф, ал’ на шефот на салата..., слабо мрдам?

КЕЛНЕРОТ: Шефот на салата пак си ја има пуштено километрарски долгата плоча со Хозелито, која само кај нас се свири, а не во живо ко во хотелине- мотелине долж брегон на езероно и откога ќе се отвори и откога ќе се затвори сезонава и за тие со откопчани и за тие со закопчани гаќи и пантоли, убавице, олкестрине по баројне и по диско клубојне.

СОБАРКАТА: Значи кој? (Додека по книгите, што ги води, нешто превртува, бара, потпишува, потцртува, прецртува домарот).

КЕЛНЕРОТ: Ди-ле кто-рот...

СОБАРКАТА: Дикнал го врагот, та и него, та и тебе, та и шефот твој, та и шефот мој, та и тој што ме викал, та и тој што не ме викал туку само се милкал и се канел да ме викне за да ми...

 

Трета појава

 

ШЕФОТ НА САЛАТА: Што е вие ко отпетлани, ко запетлани, ко откопчани, ко закопчани, ко наколкани во ушите со памбук, нигде што ве нема што правите, што трици јадите? Директорот толку време кај ве бара опкрш по цел хотел- ресторантот нигде ни трага ни гласа од вас, човек не може да ве најде... На должнос сте али на седенка, билбили... Бисер зобате..., Камче си подавате... Раце си подавате: еве го, ене го, прстенчето... Си играте со службата, со лебот терате шега... Правите комедија! (Им се обраќа лут на Конобарот и на собарката додека тие уште се расправаат нешто меѓу себе, се јадат).

КЕЛНЕРОТ: За сѐ е крив вашиот Хозелито (нервозно).

ШЕФОТ: Како, како, оп-па, Бато; шо рече, шо рече?... Ја речи уште еднаш убо да те чујам! (Преминува на жаргон од нервоза). Тука сме значи... А така... Ќе ме видите кој сум!... Ќе ме разберете убо на бироно...

СОБАРКАТА: Али, господине шефе, јас не реков ништо, меѓутоа, јас не сум чиновничка на куќава, не сум „на служба“, сум си на работа...

ШЕФОТ: Висат, висат на бироно ко лустери, колку да ми сакаш барајќи работа и како твојата... Сезонски работнички да влезат на работа... Кукличке! Отпетлани, запетлани во фустаните и во кецелките...

КЕЛНЕРОТ: Јас имам една роднина таква, ак’ сакате...

СОБАРКАТА: Ја знам роднината од ова скубе, од овој гугуш, да ви ја продадам, шефе! На минишан не е излезена. Да ви ја препорачам ак’ сакате, мојте и светица да ја прајте, ако е овде за оваа работа таква требна...

ШЕФОТ: Мене ми треба „собарица“!

КЕЛНЕРОТ: Таа може да е и „куварица“.

СОБАРКАТА: Ак’ сакат нека е и „шефица“, мене не ми е ич никакво гајле...

КЕЛНЕРОТ: Само Хозелито, аман, жити господ, нека не е...

ШЕФОТ: Али и, „курварица“ ко...

( „оваа овде“ – сака да рече, туку се здржува во последниот момент, само покажува со движење на брадата и толку) .

ДОМАРОТ: Машала, машала, ве слушам, ве слушам, друже шефе, толку време, и си мислам, што јазик ко конобарчево и вие сте имале. Просто да ви завиди човек во повеќе правци и од повеќе причини на запетлани и отпетлани жени и фустани, закопчани и откопчани блузи и бојчиња! Гледај го ти шефот наш што ти знаел, собарките да ги вика „собарици“, готвачките „куварици“, курварките „курварици“ за да ги вработува и да ги прави „шефици“ едни за сметка на други, што си ја пулат „службата“ и си ја гледаат „работата“. Как’ не ви е срам на обајцата ви се чудам..., земете се себеси, исповедан грев не е грев, речете, мечка страв, мене не страв. Одете од стенана на брегон на езероно и фрлете се, мијте се, тријте се, со таков речник ќе ми пречекувате гости во хотел- ресторанов, срам да ве бие та по глава та по опашка, вие не сте биле луѓе. Ќе сте отпуштале пак уште згора невини луѓе од работа, се заканувате, препорачувате трети лица, и на крај си останувате од по сето тоа живи, ко кукуреци, ко за в маф и ко за в маскара.

... Кој ви го дал тоа право вие таа политика, комисиски и на институцијата „конкурс“, друже шефе на салата, лично да ја водите?... Или сами сте си го узурпирале?... Во име на крајбрежниот прифатилишен хотел- ресторан „КРИСТАЛ“ во населеното место со стар углед на жителите и со комплетно решени проблеми од „а“ до „ш“ со инвестиции вложени и до крај искористени од горе до долу, а не со отпетлани и запетлани, од базата до врвот во угостителство и туризам достасано ко дострелано досега ко и отсега што се надеваме, да се развиваат работите на ова наше познато летувалиште со борба за проширување на сезоната со нови туристички денови и капацитети, подрачје, реноме. (Просто виси „очитаната лекција“ во воздух дикциски и модулациски како со скандирање, или хорско- рецитаторски потцртната за да и на најнеупатениот во туристичко- угостителските и хуманитарните дејности му влезе в памет лекцијата што му ја одржа домарот на шефот на салата, а и на сите тука што беа присутни.)

 

Четврта појава

 

(Во тој момент влегува директорот со гостинот)

ДИРЕКТОРОТ: Што се случува, што се случува?...

ШЕФОТ: Ништо, ништо...

ДИРЕКТОРОТ: Нигде ве нема никого... Се одрав викајќи: “Кај сте бре луѓеее... Луѓе, луѓе... Никој жив не се чини... Никој жив не се стори... Кај отидоа луѓево, си велам, кај загинаа... Што ги нема да се појават, да се потскажат, глава да појават, да потскажат!?...“

КЕЛНЕРОТ: Ние сме сите тука на број ко во строј, другар дилектор, Хозелито е тамо кај вас...

ШЕФОТ: Одраниот те одрал, конобарче- коноштипче, што се дереш толку, што правиш од себе, откопчани- закопчани, шут?

ДИРЕКТОРОТ: Што е оваа работа пак сега, не разбирам.

ДОМАРОТ: Нема ни да ја разберете во мигов, друже директоре, зашто е долга и широка...

ДИРЕКТОРОТ: Тогаш ќе ја врзам в крпче...

ШЕФОТ: И, ќе ја ставиш на забот да ти го исцица босакот на назилето...

КЕЛНЕРОТ: Или ко на деца ќе им го дадеш зашеќереното лепче наквасено во тулбенче за в уста, ко нашите стари баби да го шмукаат и да се мамат... заполтат.

ДИРЕКТОРОТ: Ќе видам допрва што ќе направам.

ГОСТИНОТ: Е, многу се слободни некои од персоналов. (Гледа зашеметено во сите на ред од лице во лице за да види кој како ќе реагира)

ШЕФОТ: Гледајте си работа...

ДИРЕКТОРОТ: Што е оваа работапак сега... Кој тера кој не тера работа, ни работа, ни сабота се знае... Кој гледа, кој не гледа работа, ќе ве молам кажете, овде и сега, на кого се однесува, на лице место...

СОБАРКАТА: Така случајно, друже директоре, се отвори муабет.

ДИРЕКТОРОТ: Гостинов има некаков поплак.

КЕЛНЕРОТ: А, уште ти згора беше кусо... (На гостинот кој го фиксира со погледот). Еве ни го и на Али Паша, или на Џеладин Бега вратникот.

 

Петта појава

 

(Со два тешки куфера во двете раце, од двете страни, настапува вратарот, кој на чивитлијата тегет алиште од левата страна носи павта, со жолто навезан натпис “Вратар“, а на шапката со козирка со ист таков со жолто стои: Х. Р. „Кристал“. Првин по него иде, во црно, со црна капела и со црн шлаер, отмена госпоѓа, која во моментот ја разбива, преовладливата, нагласена ситуација на белината со црнина: исправена, диг- дигната, височка така убава, со црна чанта в раце и книга под мишка. Кога влегува, кај сите во стоиштето, ја вади црната шапка, од кое ѝ паѓа чантата и книгата од под мишка, та се растрчува персоналот да ги подигне за да ѝ услужи, та се прави комична ситуација).

 

ЗЛАТКА: Ништо, ништо..., не старајте се... не вознемирувајте се... Јас тоа можам и сама...

ШЕФОТ: Нешто, нешто...

КЕЛНЕРОТ: Не сме фатени во рацеве...

СОБАРКАТА: Ти пак, кепо, ако не проговориш, ја од едната, ја од другата страна, дупка на небо ќе се отвори.

(Некој чекор поназад отсечена, младенечки настапува малку растурено што делува засебно со куферче и со куп журнали во едната и во другата рака, русокоса полничка „женска“, чиниш во изразот со тукушто престанал да ѝ се разлева по лицето небрежен женски кикот).

 

ДИРЕКТОРОТ: Стигна ли автобусот? (На вратарот)

ВРАТАРОТ: Тукушто.

ЗЛАТКА: Љубезно момче, ова од мене да се почестиш. (На вратарот му дава бакшиш, книжна банкнота)

ВРАТАРОТ: Фала, не треба, сѐ е платено (Збунето).

ЗЛАТКА: Ма, земи ко ти велам, за угледот на хотелов „Кристал“

(При ракувањето, запознавањето и распознавањето, едни викаат „Земи“, други „Не земај“).

ДИРЕКТОРОТ: Секој на работа...

ДОМАРОТ: Првин кај мене!

ШЕФОТ: Ској својат работа да си ја гледа.

КЕЛНЕРОТ: Ред по ред, молчипикај.

СОБАРКАТА: Со ред само, молчи толчи.

(Гостинот нешто протестира, директорот го зема под рака алабрацета, под мишка и го води пак во ресторанот каде што на цел глас пишти автоматот со сериските плочи на Хозелито).

КЕЛНЕРОТ: Море него за мишки, за мишки и надвор! (Вика искористувајќи прилика што му се даде, покажувајќи со прстот испружен во правец на гостинот). Таков отпетлан, распетлан што е ко оној конобар, откопчан, закопчан, без копец на уста и без влакно на јазик... потаен јаглен... оган погулен...

 

Второ дејствие

Прва појава

 

(Се се случува исклучиво во вестибилот на првиот кат приреден тука и така како архитектонски проширен простор аконто одмориштето и стоиштето како и оставиштето на приземјето и на скалилата од скалата со железна ограда до накај вториот кат каде што се сместени тројцава гости, двеве жени со соби со поглед на езеро, мажов визави собата на вдовицата со поглед во дворот и околукуќната градина на хотел- ресторанчето „КРИСТАЛ“).

ГОСТИНОТ: Добро утро!... (По неколку дена заеднички престој во хотел- ресторанчето на Златка, таа слегувајќи по скалилата, тој качувајќи се по нив)

ЗЛАТКА: Добар ден. (Откога погледнува во часовничето, се смее)

ГОСТИНОТ: Сме подраниле?...

ЗЛАТКА: Како да се земе... и, да и не (претпазливо).

ГОСТИНОТ: Како сме спале?

ЗЛАТКА: Ко топ!

ГОСТИНОТ: Убаво време и денес имаме?!

ЗЛАТКА: Убаво си е времето, што му недостасува!?

ГОСТИНОТ: Ете јас видете, госпоѓо, триесет и шест години и кусур дена сум се сторил млад јунак ко ерген што се вели, како заботехничар дентист, т. е. правам вештачки „социјални“ во техниката. Не бев нешто арен со здравјето, и другарите заболекари ме пуштија, да се опоравам во ова убаво летувалишно место..., Али олку вакви убави денови, собрани на едно купче не сум видел и не сум доживеал...

ЗЛАТКА: Убаво, убаво од нив, и од вас...

ГОСТИНОТ: Само, не можам да спијам доволно... Првин не можам да заспијам долго време... А, потем рано се разбудувам... И, се борам пак да заспијам, али никако...

ЗЛАТКА: Сите така сме. (Со книга под мишка: „За егзистенцијализмот“)

ГОСТИНОТ: Вие студирате?... (Со шаховската кутија под мишка)

ЗЛАТКА: Така нешто...

ГОСТИНОТ: Играте можеби шах... Сакате да изиграме една партија... Ако ми дозволите да ви понудам и да ви се препорачам, јас и сам в соба си играм партии шах, зашто во ова време од трки разноразни и тешко е да најдеш партнер за партија шах, за карти е нешто полесна работа.

ЗЛАТКА: Али јас не играм ни едното ни другото... Ене, сосеткана од собана, до собана, соба до соба со поглед на езеро (која е на повидок одозгора), можеби е порасположена за такви работи...

 

Втора појава

 

(Во иста ситуација гостинот непосредно, скоро не мрднувајќи од скалиштето Слатка на скалите зазборувајќи ја, додека Златка го одминува)

ГОСТИНОТ: Добар ден!...

СЛАТКА: До-бро у-тро...

ГОСТИНОТ: Сме подзаспале...

СЛАТКА: Сме подраниле...

ГОСТИНОТ: Сме поспале...

СЛАТКА: Сме пораниле...

ГОСТИНОТ: Сме читале?...

СЛАТКА: Итака- итака (Носи журнали за решавање крстозборки).

ГОСТИНОТ: Можеме ли да видиме ако е дозволено со ошто, како со душевна храна се напојува увезената, госпојца?

СЛАТКА: Може, зошто да не. Само вие мене ми ласкате, не сум ли ви го кажале тоа, дека јас веќе бев омажена, само од недоразбирање... Имам и две деца, едно машко и едно женско... Првин беа кај него... Потем ги поделивме, машкото кај него, женското кај мене... А, сега, откога се двете кај мене, ме фати силата, ѝ ги тутнав на мајка ми: „Нà, реков, расправај се со нив ти мамо, баба си, сакаше внучиња...,“ – јас ѝ уфекав, ја дувнав... Ја оставив да се расправа со нив, а мене еве ме овде, ко од уважение (се смее), меѓу вас...

ГОСТИНОТ: И, добро сте направиле...

СЛАТКА: Не знам дали добро сум направила (му ги подава журналите). Само знам дека нешто сум требала да направам...

ГОСТИНОТ: Сте решавале крстозборки (откога прелистува еден од журналите).

СЛАТКА: Сум решавала, а дали сум и решила, кој знае?...

ГОСТИНОТ: Тоа ни е хоби, или имате и некое друго хоби, играте ли можеби шах? Да изиграме ако сте расположени една партија шах?

СЛАТКА: Благодарам, не, не играм... Играте ли можеби вие тромфи?...

ГОСТИНОТ: Што се тоа тромфи?

СЛАТКА: Карти, господине, карти... За некои игри се потребни повеќе секунданти, али има и такви што се играат вудве... Да одам да отрчам до горе во собана да ги земам... тие се царот на хазардот и ќе си останат до крај на животот како такви... Иако има и други фазони, али тие се по мое мнение кралеви и принцеви, но не се и цареви на хазардот ко што ви реков. Особено оние игри што се играат во посложена групна составка, а не ко јас што морам да ги чешлам честопати сама.

ГОСТИНОТ: И, јас со мојот забавен и мисловен шах, госпо..., правам скоро исклучително комбинации и свои лични и од теоријата за шахот, реконструкции што ми чинат задоволство.

СЛАТКА: Добро, господине, али не ви се чини ли оти таквиот начин на забавување ве прави по малку егоистичен?

ГОСТИНОТ: Не. Зошто? Ни најмалку. Јас на таков начин никому со ништо не му пречам, не му сметам, не му чинам зло, ниту му донесувам жал, зашто јас никого не го ограбувам, ниту пак мене некој ме пљачкосува.

СЛАТКА: Да, ама ве затвора во себе... А, животот покрај вас си врви, врви... тече, тече... ко и покрај мене... Јас, богами болно го чувствувам, и, тешко го поднесувам.

ГОСТИНОТ: Покрај, вас, навистина човек, госпо..., еве колку време сме заедно, не би знаел човек како да се чувствува во ова време на големи технички и технолошки иновации, меко спуштање на Месечината... и, на Марс еден ден... Ете, таа, земете ја на пример, нејзе земете ја, па ќе видите колку надежи заедно со нејзиното откривање, разголување паднаа во вода, колку љубовни воздишки се пуштаа во воздух, колку песни сме поскришумувале во ученичка клупа, потурале стихови во ученичка чанта, писма, писма... И, одеднаш сега што? Револуција, револуција, госпожо, права... Кога ги имало олку и вакви во векојте? Во сѐ имате изуми и иновации; веќе сега да погледнете, во моментов додека зборуваме, горе во небото (махинално погледнуваат во таванот), веднаш ќе ви стане јасно којзнае колку летала има што се вкрстосуваат, судруваат, гинат, гаснат ко ѕвезда ко да му угасне на некому на кому во тој момент му згаснал животот, сѐ се тоа трици, трици варени та печени, госпожо, ме слушате, измислици... Додека зборуваме, веќе веднаш се раѓаат безброј нови животи, каде ќе бидат сместени тие, каде оди планетава наша... Каде се движи?... Со ошто ќе ги нарани сите нив, госпожо драга, Ве прашам јас вас, да ми одговорите вие мене, со пилули, со апчиња... Трици се тоа ви велам јас вам, безгласни букви... Кај нас, во мојава струка да земеме за пример веќе како ништо се всадуваак вестачки заби, ко природни мислам; бебе од епрувета уште згора и тоа го измислија и тоа беше кусо го измислија, ви се молам што е тоа, зар не е густа пренаселеност. (Устата пена му фати зборувајќи на гостинот, докажувајќи ги сите техничко- технолошки поважни изуми и чуда на науката и техниката.) Безболно породување да не се почувствувате жена и мајка, кој им го дал тоа право, препознавање и придонесување однапред да се знае или да се повлијае да се менува полот на детето...Затоа јас не се решавам да стапам во брачна врска, а овде од овие акмаци, од овие ашлаци, хај- хуј, ахаха- ихихи, ќе чуете секакви мрсотилаци, гнасотилаци недозволени. Госпожо драга и мила (а таа веќе си отишла, исчезнала), како некој грубијан отпетлан, распетлан ко аризан од бога и ко исчезнат од природава потфатил, подграбнал чужџенка, ми е срам да го речам јас тоа, а некали да го сторам. Ех, што ти сме ние луѓево понекогаш, чудни суштества и дијании, госпо..., Ме слушате (расфрлал журнали околу себе се распафтал, размафтал донкихотовски смешен, додека Хозелито си ја реди својата песна), пеј ја Хозелито, пеј, својата стара песна на нов глас...

 

Трета појава

 

(Во пресрет му оди собарката во свечена облека зашто така денес персоналот во договор со директорот решил да им направи прием на гостите по повод денот на прогласувањето на сезоната за отворена.)

СОБАРКАТА: Ај добро утро, добар ден, господине.

ГОСТИНОТ: Добра вечер, добра ноќ,, лека ноќ... А, тоа сте вие, мадам, извинете, не ве познав, на прв поглед, се препознав, која сте вие... Госпо...а, Златка, беше тука и, си отиде; госпо...а. Слатка, такуѓере... Ама, навистина, која сте вие, зошто ме мачите, зошто играте миженка- криенка со мене, зошто така жестоко се криете, да не сте некоја нова, зошто не се откриете, не откриете раце од лице, не се отворите ко оној конобар распетлан, отпетлан; откопчан, закопчан, сте се стегнале и не се отпуштате, не попуштате...

СОБАРКАТА: Ми примрачи, ми притемне во очиве зарад оној поплак кај шефон, ме отпушти од работа...

ГОСТИНОТ: Мислиш кај директорон... Јас тоа така...

СОБАРКАТА: Вие тоа така, ама мене, како што гледате, ми се одрази еве вака. (Покажува со раката израз на терање низ врата)

ГОСТИНОТ: Јас чесен збор не го мислев тоа така, не го реков за така да испадне... Впрочем, тоа така и директорот ваш, готов сум да се извинам повторно ако нешто поинаку ме разбрал (му пукнува пред очи кој е во прашање и со кого има работа во случајов), не го врза в крпче, туку еј онака, бев малку чудно настроен тоа утро додека миревте во мојата соба. Јас рака не сум пуштил откога знам за себе на женски задник, тога, просто и сега не знам што ми би, пуштив... Ќе ми простите, јас сум виновен, ми удри крвта в глава како што ретко кога ми удира така, отпетлан, распетлан, згрешив, пуштив рака, признавам добив апетит. Еве сега, моја кралице убавице, беше тука пред мене госпо...а Златка, нека ви каже и самата- ништо; по неа мина и ги заборави, еве јас ги берам, госпо...а, Слатка со журналиве, такуѓере- ништо, та вас ќе сум ве повредел, навредел, драга моја Клеопатра, мила моја Теодора, душевна Дулчинеја, си признавам јас сум Таки откопчан, закопчан ко што го вели народон, да не знам што се смее а што не се смее, што е допуштено, ашто не е допуштено, до која мера и граница, сакам решам- не знам кажам. Просто не знам како да се изразам, дали ме разбирате, не знам како, пукнато перде, да ви се извинам. Примете го моето чисто- срдечно извинение, и ако сум направил грешка, и точка, барам прошка.

СОБАРКАТА: А не, тука само запирка може да се стави, никако точка, господине.

ГОСТИНОТ: Али, јас ве молам, барем точка и запирка ставете, нека има компромисно решение, пола мое, пола ваше.

СОБАРКАТА: Не, тоа никако не смее да се случи, да се меша ваше, ни крива ни должна (се смее) со мое, мое со ваше... Тамам работа... Зашто јас можам и прашалник и извичник, во таков случај да ставам, та тогаш ќе е работата задебелена ко за по судој и за по мудој, судии за прекршоци, авукати и авукатлаци. Играј та свири, ко овој наш Хозелито што шефот на салата ни го трие по цел ден, сол на глава...

ГОСТИНОТ: Добро тогаш, драга моја, почитувана моја (интимничи), Јосифина, како ви беше името, Костадина, Филипина, Климентина, како ли..., Имам еден нов предлог, не да ми клапаат вилициве од редот на мојот занает што се рекло ко да не се погодени, вие имате бисер бели убави како венец седеф запчиња дробни бисери како во наниз нанижани природни, а јас пустиот штрбле. Така е тоа, на мајсторот занаетчија секогаш му се кондурите скинати, пантолоните дупнати, да го оставиме прашањето отворено..., без никаков знак...

 

Четврта појава

 

ВРАТАРОТ: А, бре ајдете... Што се забавивте?... Каде сте?... Што правите?... Ве чекаат уште само вас за да почнат... Сѐ е готово!... (Во еден здив сѐ изречува, задишано, зазбивтано).

ГОСТИНОТ: Се расправаме за нешто важно (Тргнува накај горе).

СОБАРКАТА: Не е важно веќе... Сѐ би, помина, ко на куче (Го тргнува со раката накај долу, гостинот). Денеска сме сите овде гости... Нема отпуштени од работа... Ниту имало, ниту ќе има (Свртена кон публиката. Вратарот, во меѓувреме, ги збира журналите и фигурите од истурената шаховска табла во вид на шаховска кутија).

ГОСТИНОТ: У, ху ху, моите скапи фигурички, мојата шаховска кутија од еди која си година... Шаховска табла од седеф од исклучителна музејска вредност, историска важност, ќе остане ли жива?... (Свртен кон публиката) Ќе поигравме една- две партии шах и со вас... (Очајнички)

ЗАВЕСА

 

Трето дејствие

Прва појава

 

(Во вестибилот сѐ е подготвено за голема приемна чајанка со бел чаршав од дамаско на јајцевидна маса, освен келнерот што уште нешто носи, надополнува. Сиот учествувачки персонал избран од директорот досега па и натака, ко за на прием виси стоечки ко сијалици на гирланда, во црни костуми со бели кошули и црни вратоврски, освен шефот на кујната со пеперудена вратоврска, а келнерот со иста таква вратоврска но, со бел џакет и бела кошула и црни пантолони ко за служење. Златка е во црнина, додека Слатка е во фустан со големи шари ко ветка)

ЗЛАТКА: Честито.

ДИРЕКТОРОТ: Фала.

СЛАТКА: Што „честито“. Што честитаме?... Што имаме чест да честитаме?... Некој се свршил, се женил, знам сите се овде во келеш- тефтер... Не пулам некој нов... Да не би, вратникон, нешто... Да не е за, ти изгоре, куме, ќесето?... (Додека ја држи раката во раката на директорот, а потем се реди да се поздравува со сите на ред, по Златка)

КЕЛНЕРОТ: А, ха, откопчани, закопчани ја наполнил една, хи-хи-хи од по вашиот бакшиш и, еве сега по последна мода. ќе го...

ДОМАРОТ: Пис усто, на чело ти тебе срам да те бие...

 

Втора појава

 

(Наидува собарката со гостинот за рака водејќи го, а потем и вратарот)

ШЕФОТ: Ти гореа ли ушите? (На вратарот)

ВРАТАРОТ: Не, зошто?

КЕЛНЕРОТ: За чисто брашно...

ШЕФОТ: Али и овде нешто, галиба, се готви такво. (Покажува со очите на собарката и на гостинот)

КЕЛНЕРОТ: Од по сонце- бура, како велат, од по поплакот- помирба, прекоманда... Отпетлани- запетлани..., не земајте ја на душа...

ДОМАРОТ: Таа си е стопанска жена. Мајка со дете.

ШЕФОТ: Та заради тоа ти залетнува тебе?...

КЕЛНЕРОТ: Никому не му залетнува за вакво парче...

ДИРЕКТОРОТ: Доста ломотите...

ЗЛАТКА: Не е фер.

СЛАТКА: Ниту по бонтон. Само вие, господин директоре, не ни ја кажавте причината зошто сме овде збрани?

ДИРЕКТОРОТ: „Другар директоре“ , госпожо. Ево ја причината поради која ние овде и сега сме се збрале, поради една мала симболична катагодишна наша свечаност. Тринајсти јуни, што ве заслучи овде сите вас меѓу нас како наши драги гости во претсезоната, катагодишна, имаме одлука на нашиот скромен колектив, што ќе го прошириме во текот на сезоната со уште неколку туристичко- угостителски работници, во нашиот реномиран хотел- ресторан „Кристал“, кој има чест да ве задржи малку и да ви одземе малку слобода од вашето скапоцено време за одмор и рекреација, кое многу го цениме, и да ја прогласи толку очекуваната за нас нова сезона. Нашата натрешна контрола во барање и во очекување натрешни скриени резерви и од името на нашите надворешни советодавни тела и органи кои во случајов овде и сега не се присутни, освен натрешните лица од Работничкиот совет и Управниот одбор, реши да ја вака заеднички прославиме и прогласиме СЕЗОНАТА за отворена... Ако се согласувате, јас имам еден предлог, да си ги заземете, на оваа наша скромна трпеза, местата. (Сите ракоплескаат)

 

( Седнуваат по наредба на шефот на салата на однапред распоредените места кој каде да седне: директорот насреде, Златка оддесно, Слатка одлево, домарот до Златка од едната страна, собарката сама седнува до домарот, шефот одлево го остава празно местото за себе до Слатка, до себе го насадува гостинот, до гостинот- вратарот, келнерот останува простум однанога, оставајќи се од нозе да служи, али и со празно место повремено да седнува)

ШЕФОТ: Конобар, Хозелито!...

ДИРЕКТОРОТ: Повелете почестете се...

КЕЛНЕРОТ: Олабајте се ко дома. (Носејќи уште ладен чај, чајшеќер, парчиња исечен лимон во табака и сл.)

ШЕФОТ: Ти, домарче, ко блажен меѓу жените ми си седнат... Варди од таа зазабица да н’ те фати и некоја икајца...

КЕЛНЕРОТ: Дур’ кога ќе го натпее твојот Хозелито, шефче...

ШЕФОТ: А сега, навалете драги гости, ко што си е ред во вакви прилики на лапалогијата... А, ха, ха- хи, хи, хи... (Се смее тој, се кикотат тие). Оние што прават чести приеми и оние што ги посетуваат нив како поканети гости, мала тајна од угостителството (сам се потсмева), како загладнети и како неканети, чини ти се, зинати во устите, пресегливи во рацете од маса на маса за час прават маф, метла, а посрамежливите и постаписаните остануваат со прстот в уста. Што е попоо, да е готоо... Ки, ки, ки...

КЕЛНЕРОТ: На јадачката и на пијачката...

ДОМАРОТ: Несолено!... Невкусно!...Никој тука не е дојден за јадење и за пиење..., впрочем чајот е основното...

ДИРЕКТОРОТ: А, и коњакот..., првокласен за ваква прилика за пријатели и, за гости... покрај нашиот домашен... има и албански и грчки... со чајшеќерот тоз во книжиња и во чајчиња бажиња, шеќерчиња, тука се и лимончињата сокливи, женски...

ГОСТИНОТ: Зошто, машките, залетнуваат?...

ДИРЕКТОРОТ: Не, али кај лимоните, ние туристичко- угостителските работници, тоа добро го знаеме, сме го уочиле, им ја знаеме особината на лимоните и оттука ги делиме на машки и женски, ко сокливи и несокливи... На оние што пуштаат доволно и, што не пуштаат доволно сок... Инаку, што би сме правеле, зимна доба за таков чај голем што се троши, и толкава топла лимонада од природен лимон, ако лимоните не се сокливи...

ШЕФОТ: Женски... блосоени...

КЕЛНЕРОТ: Ко благословени од бога откопчани, закопчани... отпетлани, запетлани... Ха, ха, ха- хи, хи (се смее).

ДИРЕКТОРОТ: Да се чукнеме...

ШЕФОТ: На екс...

(Сите ги земаат чавчињата освен вдовицата и гостинот)

КЕЛНЕРОТ: Има штрајкувачи. (Покажува со очите)

ДИРЕКТОРОТ: Макар малку, за адет, лизнете... (на вдовицата)

ШЕФОТ: Колку да не го расипете ојнот...

КЕЛНЕРОТ: Зошто кој што ќе го расипи ојнот – се вели тука кај нас уште од деца – да му се расипи гробот...

ГОСТИНОТ: Јас во животот не знам што е тоа алкохол да сум ставил до уста... За поубавиот пол, си имам мислење, иако еве, освен кај жените и кај лимоните преѓеска дознав, мажјаците се секаде попривлекателни, поубави...

ШЕФОТ: Ам’ кај трутовите, тртуви, тртуши?...

СЛАТКА: Тоа е друг проблем! (Се тргнува ко од сон сета отсутна)

СОБАРКАТА: Овој да не е женски Петко. (Ѝ излетува од уста)

СЛАТКА: Не... Тој какви изјави на љубов на скалилата од скалата... Какви комплименти...

ДОМАРОТ: Ма ти пак, каква грешка за поплак направи и, пак еве, убава моја се обидуваш да правиш. (Ја мазни по косата, свртен целиот кон нејзе)

СОБАРКАТА: Ма не јас, така случајно, сам зборот ми излета од уста... како кога наумија ќе ти излета од умот и од паметта, збор кога ти е на врвот од јазикот, а не иде да се фати на јадица и на канџа...

ДИРЕКТОРОТ: Ти, крајезерка си, крајколјарка (Се обидува да ја стави раката врз рамениците на вдовицата, откога малку пред тоа ја подржа врз половината бидејќи кожните трпезариски столови тоа го дозволуваат, која таа внимателно му ја отфрла).

ДИРЕКТОРОТ: Внимавај, сепак, како настапуваш (Погледнува во вдовицата, како да сака да прочита од по својот гест во нејзините очи: А што потаму сега?...). Нели госпо... Златка, треба да се внимава на себе и на сѐ?... (Љубопитно)

ЗЛАТКА: Тоа е основно правило за бонтон... Меѓутоа тоа таа не го рече со некоја зла намера, цел... Таа е наивна добродушка... со природна интелигенција надарена... и, привлекливост.

СЛАТКА: Што ти е живот?

ШЕФОТ: Живот ти е „братац- сачулатац“, би рекол Чкаља. (Ја гушнал Слатка)

ГОСТИНОТ: Што е ЖИВОТ, нека каже онаа таинствена госпожа во црно, бидејќи студира...

СЛАТКА: Таа одамна завршила со студии... Се наоѓа на постдипломатски.

ГОСТИНОТ: На што?

СЛАТКА: На философија...

СОБАРКАТА: Таа е висока интелектуалка... Ретко жена вака ко неа...

ГОСТИНОТ: А, затоа она: „За егзистенцијализмот“ го влече сегде со себе...

СОБАРКАТА: Ко ти шахот по тебе...

КЕЛНЕРОТ: Отпетлани, запетлани му останаа фигурите...

СЛАТКА: На потег си, таинствена госпожо, за егзистенци... ли... змот (одвај ко нашава домаќинка „интелектуалка“ го дотерав до крај, и али го дотерав, али не, еден господ знае (со потихо речено).

ШЕФОТ: Тогаш распали, госпожо, објасни надолго и нашироко што е тоа егза-егзи (му се плетка во јазикот).

ДИРЕКТОРОТ: Да не ја заморуваме госпо... Златка, накратко, или како ќе што ќе најде таа за згодно да ни го објасни тоа свое студиско чудо и да се почувствува послободна, мис(л)ам, ка(к)о за егзистенција... (Ѝ ја зема книгата „За егзистенцијализмот“ од рака и ја покажува пред сите, мафта)

(Тогаш, принудена, поласкана а и амбицирана, Златка навистина станува од местото кај што седи, малку оддалечена од јајцевидната трпезариска маса на која калдрма е софра од сендвичи, фриканда, погачички и други дополнителни мезелаци и скара со чајот и коњакот за да одат, руска и француска салата, како и овошна, крикети, помфрит и ситни слатки, ореовки, француски бомбони, румовки, бајадери и сл. каде наголемо се јаде и се пие, полуљубов се тера и се залажува душа.)

ЗЛАТКА: Филозофијата на егзистенцијализмот, другарки и другари, дами и господа...

ШЕФОТ: Што се овде дами и господа?...

КЕЛНЕРОТ: Нема овде: дами и господа...

СЛАТКА: Така обично се вели... Таа е учена ко на странски собири, и на собири на кои учествуваат и претставници од странство...

ДИРЕКТОРОТ: Добро, другари и другарки само, да не ја прекинуваме, јас мислам, а верувам дека го толкувам вашиот целокупен интерес и расположба и имам право земајќи си за право во име на сите вас и на сите нас, ако речам „другарката“ Златка, внимателно да ја сослушаме, да продолжи...

НЕКОЛЦИНА: Ти-ши-на... Така е, така е... Во право сте директоре- дилек-торе... Да продолжи... да продолжи, другарката Слатка... бравос... бравос... алал ѝ... алал (Ракоплескаат).

ЗЛАТКА: Заправо филозофијата на егзистенцијата не е исклучително мисловниот, како да се изразам, субјект; туку човекот сфатен во целост. Филозофијата, при тоа секогаш не останува при голи факти на дејствителен човек, туку ја испитува неговата суштествена опстојна структурност, што ја разликува филозофијата на животот (Lebensphilosophien), кои како на апстракцијата ѝ го спротивставуваат животот и настојуваат на тоа, сепак не можат да му го определат начинот на неговото постоење.

ГОСТИНОТ: Колку високоучено зборува...

ШЕФОТ: Да не можеш да ја разбереш до толку што е умна!

СЛАТКА: Разбрана е, мува да пролета ќе се чуе...

ДОМАРОТ: Разумна е, сѐ е во уво претворено...

СОБАРКАТА: Паметна.

ДИРЕКТОРОТ: Напред, само напред...

ЗЛАТКА: Егзистенцијата на човекот не е нешто различно од неговата есенција, туку е неговата сама есенција... Непосредните дејствителни причини за создавањето на филозофијата на егзистенцијата се феномените од општествено- економскиот живот на денешницава: светските војни и повоените ситуации, економските кризи и др.

ВРАТАРОТ: Да те заспие, до толку убаво што зборува.

ЗЛАТКА: ... Расниот претставник на егзистенцијализмот во Франција, на кого му се паѓа, му се прави таа чест да води во оваа насока, е виден професор...

КЕЛНЕРОТ: Ко тебе...

ЗЛАТКА: ... Ко мене или не ко мене (Го прифаќа предизвикот дојден од страна, се смее...), главно, ко што ви велам, тој потем станува слободен мислител, ангажиран на линијата на прогресот, бидејќи за време на фашистичката окупација на Франција и на Париз- светскиот град, светската метропола на која од памтивека се свртени очите на светот..

ШЕФОТ: ... Е, па, штом е така, доста ни ги тегневте ушите, кажете ни го како се вика, убаво вели вратникот, не пушти Преспа, како му е името, што туку му го кри-е-те слав-но-то и-меее... (Се балегави полупијан)

ЗЛАТКА: ... О, јас кутра, зар не ви го кажав името?...

ГОСТИНОТ: Таинствена личност остана досега... Анонимус!...

КЕЛНЕРОТ: Што е пак тоа сега?

ДИРЕКТОРОТ: Ќе се случи и тоа.

СЛАТКА: Ќе биде и тоа.

ДОМАРОТ: Ќе биде ден...

СОБАРКАТА: Ќе дојде ден...

КЕЛНЕРОТ: Со пантоли, без пантоли... ха, ха, ха... крап со мустаќи...

ВРАТАРОТ: Немој така, помлад сум, да те учам...

ЗЛАТКА: ... Жан Пол Сартр, превосходно познат француски филозоф и книжевник..., пропагандист, есеист, полемичар и сведочник... На кратко слободар, Паралелно на книжевен план (Ѝ се чини ова ќе е подостапно, како што и излегува за аудиториумот и за приликава) во циклусот романи со индивидуалната драма на поедини лица кои бараат слобода. Сартр ја дава општоевропската драма во големото време на Втората светска војна. И во театарот, исто така иде до израз егзистенцијалистичкото поимање на СЛОБОДАТА на човекот. Со овие нагласки просто те зинува во уста кога го гледаш неговиот егзистенцијален театар, те ангелосува во изразот на лицето, кога ти заигрува срце, ти смрежува поглед и ти иде да плачеш, додека, додека ти липнува душа, те тера да размислуваш, размис-лу-ваш. (Сите погледи се упатени кон нејзиниот мистериозен израз на лице што ти се чини дека и го доживува она на некој начин што го говори)

ШЕФОТ: Ау!...

КЕЛНЕРОТ: Страшно...

ЗЛАТКА: Најпластична, во секој случај, сценска илустрација на егзистенцијалистичкото гледање на судбината на човекот (Фатум) се смета драмата: „Без излез“ (Hus clos), што претставува потресна слика на Дантеовиот пекол, иако во него нема ни ѓавол, ни враг, ни сотона ни цацко ни тартакуш ни тартакут. Како сѐ ли не го викаат тој демон истеран од рајот за од ангел мирољубив да стане ѓавол потпалувач на сите зли огнови, како што го нема и обратниот во ваква сцена и драмска прилика и самиот оган и пламен- варењето кому како пишано во катран ко ни за да живуркаш ни за да умираш, туку само ни жив ни мртов да пекаш за ова - за она ко за леб и за вода, фрлен во некакви си Танталови и Сизифови маки од антиката и од класиката..., во подземен ко во надземен свет...

ВРАТАРОТ: Тргалиште нивно?...

СЛАТКА: Страшилиште...

КЕЛНЕРОТ: Аџиба е така?...

СОБАРКАТА: Знае интелектуалката...

ВРАТАРОТ: Мачилиште!...

ЗЛАТКА: Токму така, ко што рече вратарот на хотелско- угостителскиот објект „Кристал“. Патилиштето е обична хотелска соба без прозорец, во која три човечки суштества се осудени постојано заедно да ја живеат својата вечност.

ВРАТАРОТ: Слава богу овдека кај нас има прозорци колку да ми сакаш...

КЕЛНЕРОТ: Отворени, затворени, ко отпетлани, запетлани за да може провев да ми те фати колку ти срце љуби...

ШЕФОТ: Колку ми ти душа милува продув... Да се проветриме... и, да изветриме... ха, ха, ха-хи, хи, хи... да испариме... (Полупијано)

КЕЛНЕРОТ: Штом била таква работата (Зашеметен од коњаците, станува од местото лелајќи се), штом имало умирачка... Дајте да му живиме... Што сте се збабушиле дамли и другарки, ха, ха, ха-и, хи, хи, што сте се здедушиле, господа и другари ко оној конобар откопчани, закопчани во пантолите пуштени во пачите и во пачалоците... Сега јас ќе ви приредам еден театар, една комендија во која јас ќе сум и авторот и авторитетот и артистот и лежисерот, колку станаа, четири лица?... Главно не се три ко кај тој Жана Поло, туку се четири и јас самиот, цели... целоикрени пет... Фатализираното три (3) и со збор и со број, чинам е одбегнато, зашто и онака Чкала вели оти животот е братко, сачулатко... А јас него го гледам, го слушам... Не лакомам, правам пехриз за да не сум капс или да не ме сурдиса за понадвор да ме растера...

(Оди во ресторанот и првин го пушта апаратот со Хозелито за да чвичне, од кое сите се тргнуваат, а потем од дома донесениот грамофон со плочи првин потивки за игра та до најбесни, најживи ги реди без престан оди- дојди, така што се прави полукруг свртен кон кај публиката околу јајцестата маса на вестибилот, во која сите се вртат во чифтови, освен вдовицата што седнува на своето место, останувајќи до неа директорот, и најсетне таму е и гостинот. Додека останатите чифтови се нишаат, менувајќи го во танцот ритамот: шефот и Слатка, домарот и собарката сите игри ги играат во стилот на потивките – тангото, инглишот и инглишвалцерот, додека келнерот (кепо) го изјудува вратарот (штркнат) да го учи да игра додека му дојде времето за пречек на нов автобус кога просто дувнува, летнува низ врата нешто порастрбушен отколку обично)

 

ЗАВЕСА

 

 

Е П И Л О Г

(Во ресторанската сала во агол или во положено “П“ се распоредени масите покриени со бели, снег чаршафи кое за појадок наместени, кое за ручек, а некои се празни. Гостите- патници со багажот, меѓу нив и домарот кој зема адреси, нешто споредува со личните карти, запишува, допишува приведувајќи ја кон крај администрацијата околу боравокот, а тие откога нешто каснале за појадок, на долгите маси, жените пијат кафе, гостинот чај, распоредени со погледот кон публиката, оддесно Златка, одлево Слатка, насреде гостинот. Тука се и келнерот и вратарот на пусија)

КЕЛНЕРОТ: Е, ре, Катно пиле... (На вратарот)

ВРАТАРОТ: Е.

КЕЛНЕРОТ: Ќе се крева тебабијава... Ѝ дојде времето... Ѝ дојде денот, ѝ дојде часот... Кога поминаа две недели и кусур, лебати...

ВРАТАРОТ: Ан, де, де... И јас се чудам кога поминаа... Ко вчера да беше ко ми го даваа бакшишот..., ми се чини... (Ја вади банкнотата и ја покажува). За успомен и долго, долго сеќавање, ќе ја чувам, зашто уште еднаш ваква јагма, ваква чалкатура, нема да ми падне в раце од гости, боже ми прости ако грешам душа и, до крај на животот...

КЕЛНЕРОТ: Оди, баци ја... (Се смее)

ВРАТАРОТ: Не е , речи “кација“ – “мајка ти ја бација“ ова, откопчано- закопчано, отпетлано- запетлано..., Гајгур.

КЕЛНЕРОТ: Младо си ти, ер шо да направиш, сѐ ти личи... Пули ние по остаревме (Ја чеша брадичката).

ВРАТАРОТ: Ко ќе си му дојде времето, сите тоа ќе си не најде, туку позакопчај си го дуќанот, конобаре, и посопри си го Хозелито, многу ти се пуштил, не можеме да се чуеме... (Ги исполнува наредбиве кенлеров и се смее)

КЕЛНЕРОТ: Ти од каде беше родум?

ВРАТАРОТ: Зошто?

КЕЛНЕРОТ: Така те прашам.

ВРАТАРОТ: Од гостилница... И; тука нека има некој марифет да се крие?...

КЕЛНЕРОТ: Не, туку каде беше правен?...

ВРАТАРОТ: Се клацкаш, ал’ се тринкаш со мене, не гргај се, ти од дупени, ја су од гостибаже... Ме разбра сега убо, да си ги излижеш прстите е да каснеш нешто тучно од кај моја милос, та правен на светло, та на сенка, та на сонце та на месечина, катаден, катачас, катаминута, катасекунда чекајќи гости, ак’ не заврне баре да капне, катникот ти не паднал тебе толку, Катно пиле, отпетлан- запетлан, откопчан- закопчан ко оној конобар со чужџенката ко да дојдат во сезона гости да си ги измијат газињата во езерово наше...

КЕЛНЕРОТ: Уште го нема дилектороф со шеоф наш да ја спрашти, кога ја докусуруваат, нашинциве- вашинциве, сиктерманџава..., а Вољо?

ВРАТАРОТ: Не јади им го акот на шевот прв и на шевот втор во ’отелов и во салава „Кристал“, Магарешар- тагарешар, манџар, грашар...

КЕЛНЕРОТ: Магарето е македонски трамвај; а знаеш ли ти, каква е разликата помеѓу трамвајот и магарето?

ВРАТАРОТ: На магарето умот му е во..., а на трамвајот...

КЕЛНЕРОТ: На трамвајот каде му е умот?... Не туку, трамвајот го има тој бабачкото горе (се смее), а магарето долу...А, вие со кој тргувате?...

ВРАТАРОТ: Со тој во единаесет и пол... Со железничкиот... Сиве гости биле за по пругана оставање... На сине градски станици по еден... Првин госпожа Слатка, па гостинот Таки, и најсетне идела госпожа Златка ко по ред по рекана од кај устието кон врутокот... А, еве го и дилекторот шо го бараше ти, конобарче, коноштипче отпетлан, запетлан со сите друзи...

(Влегува директорот со три ветчиња зрели черешни во наниз, по него е собарката со две кошничиња од двете раце пак со черешни покриени со орешкојца, зад неа иде фотограф со апарат за снимање, па шефот со уште едно такво кошниче в рака. Директорот им приоѓа ритуално и првин на жените им дава по ветче со цреши, потем на гостинот; собарката првин на вдовицата ѝ дава кошниче, потем на гостинот; а најсетне шефот на разведеницата истото тоа го чини ритуално и поспектакуларно. На ушите им се ставаат како наушници обетки од чифтови цреши максус за тоа пред тоа собрани. Фотографот сето тоа го снима)

ЗЛАТКА: Од името на сите ви благодариме за срдечниот прием... кој ќе ни остане во долго, долго сеќавање...

СЛАТКА: Не требаше...

ДИРЕКТОРОТ: На странците на бегање им се дава тегличка ајвар, на домашните во предсезоната, кошничка черешни... Тоа е адет кај нас...

ДОМАРОТ: „Обичај“, директоре.

ШЕФОТ: По бонтон на „КРИСТАЛ“, а ла, гала „Кристал“.

КЕЛНЕРОТ: Гала, гала, оп!...

(Келнерот пушта плочи со македонски ора, се фаќаат на оро сите, танецот го води директорот со бело ризе од ресторанот, гостите ги држат в раце ветчињата со черешните, по директорот се фаќа Златка, по Златка гостинот, по гостинот Слатка, по Слатка шефот, по шефот собарката, по собарката домарот, по домарот келнерот, по келнерот вратарот, додека фотографот „за документација“ сѐ снима, бидејќи така му е порачано).

СИТЕ ЗАЕДНО: „Оф, леле, леле, сега без кандилце... Оф, оф, оф, оф, оф, чупе без шамивче...“ (Во редените ора со песна, пожелно е да е ова последното за испраќање)

ЗАВЕСА

КРАЈ

 

Лектор:  Доца Цветкоска

 

 

 

gallery/img_2737