РАНИ РАСКАПИ

                ДРАМСКИ ЗАПИС ВО СЕАНСИ

 

ЛИЦА И СИМБОЛИ:

 

БОСА ГОЛА /Гола боса/ : Девојката Сирма

ФИЛОЗОФОТ: Илинденски таткоец

ЦРНАТА ВДОВИЦА: Ропска Македонија

АПОСТОЛОТ НА ВОСТАНИЕТО: Стратегот востанички

ВИДЕН ВРХОВИСТИЧКИ ПОЛУМУДРЕЦ

ТУРСКИ ВОЕНО-ПОЛИТИЧКИ ПОВЕЛНИК

СТРАНСКИ КОНЗУЛ

СТРАНСКИ КОРЕСПОНДЕНТ

ИЛИНДЕНЦИ ЧЕТНИЦИ и ЧЕТОВОДИТЕЛИ,

Обичен забеган и заплашен народ

ТУРСКИ АСКЕР СО КОМАНДЕН КАДАР И БАШИБОЗЛУК / во придружба штом ќе поминат и каде што ќе поминат оставаат зад себе пустелија

Дејството се случува во 1903 во Македонија

 

 

 

 

 

 

Сеанса прва на една вишинка

 

Собрани се на советување: Боса гола, Филозофот, Црната вдовица, Апостолот на востанието...

 

АПОСТОЛОТ НА ВОСТАНИЕТО: Стаса ли Долга Мара?...

ФИЛОЗОФОТ: Долга памет, мислиш, Апостоле?...

АПОСТОЛОТ: За кревање на востание, не е требна, Филозофе наш, татко наш насушен, дотолку долга памет: туку е требна долга рака што досега нишан аскерски и далечина...Око далечно гледливо што зема на нишан тиранин клет и, ја ранува право в срце тиранијата клета и триклета, ранираскапна, проклета.../Од далеку се слуша инструментално интерпретираната мелодија: Од врв Пирин Планина, очаен глас се чуе, Македонија плаче.../

ФИЛОЗОФОТ: Не скокај така од место, де, постој, почекај, дај да ја смениме мелодијата со песна, мадем со песна ја почнавме да ја тераме уште не сефтеисана, Апостоле, што не трпи тиранија, велиш!...

АПОСТОЛОТ; Тиранија лута... серт...

ФИЛОЗОФОТ: Песната, револуционерната ја чисти душата, ија носи бранувана во мечтата на бескрајот, во прелеста на беспределот каков што е идеалот наш безграничен, сонот наш богуветен за Слободата наша сакана и мила... (Почнува да ја пее, а потем како да надојдува побујато, навтасува пошироко саканата песна на Гоце Делчев) Пиринско орле, орле крилато; високо леташ, далеку гледаш...

АПОСТОЛОТ; Е, тука ме закла со песната ( се смее), крц! Дама чинам. Ми се зеде здравјето. Сакам да речам да видиш и тоа, али сакам да речам и, нешто друго...

ФИЛОЗОФОТ; Што друго, речи, кажи Апостоле (Скокнува од место). Зашто инаку зборот ќе стане ѓупче ако остане недоречен, кажата ако остане недокажана, очите избиени очи ко од Самуиловите ослепени, неизлезени од очи в очи, несоочени очи со очи, та така ова испаѓа копај си ги очите сам гаври си ги, Филозофе оче наш, копај си ги забите, та ќор шетај без заби, размислувај за политиката на Востанието, за организацијата на Републиката , стратегијата на Државата македонска...јас ли за сето тоа сам главата да си ја толчам, али со пријатели, веќе за со душмани не станува збор?!... (Сега тој се потсмевнува под мустаќ и подскокнува од место, како да нашол прав израз). А време е кога кружат разни редови на нововерци низ Македонија, брате наш, Апостоле наш: анабаптисан, евангелиски, адвентисти... И, тогаш што побрзо да преземаш, како да се бориш, (се усрамува) а ваму те сметаат заедно со Апостолот и идеолог и визионер, душа за она што се мисли деноноќно и, се подготвува та да не знаеш што е поарно, да се браниш, или да напаѓаш, ошт од каде си, со ѕвезда на чело да си, ѕвездочатец, не ти иде на ум, на памет мисла кој пат да го фатиш побргу, по кој пат да тргнеш ко во осама. Осана во вишни, или ко во безизлез, кој пат да го фатиш ко за низ пати,низ пети, под пат, над пат, ко на распаќе и на беспаќе, распнат на крст. Ер кој пат да го фатиш за да и се уфатиш: ер која катара, која напара, нафака, кататонија, која улера ко која удава да се давиш во ова море од крвје и од рани раскапи, рани раскапи ко од туѓ коњ те сметнуваат, те сметнуваат и ич не му мислат не му думаат гајле си немаат, гајле не берат како на свое, окце не им клепнува, на маслат не те клаваат, за жив не те сметаат.

АПОСТОЛОТ: Си се занел ,Филозофе. Бога молиш или лиџба личиш ко за на талал и на молитва?... Спешна ни е работава, Брат. Немаме време за чекање и, за мовтори кажувања, ко оние ми ти од сите четири страни евтирии вадење... Оние ’од горе‘ како озгора, така оздола... Тук да се живи Народите, нак’ е жив Народот наш, тие се со нас...

Филозофот: Да, Апостоле Свети, ти си тука повеќе од прав, не е време од голи прикаски кажување, празни муабети водење за да не дојде време да ни е жал што сме го прокоцкале златното временце во времето на напнатоста на силите ни и, за да не се рече потема, работава ни би: Илјада зборој за една пара, кога другиот, на кого му оди чадот право праугоре, си ја наредил својата и, ни да чуе за туѓата мака, ко за оваа нашава, од пресветла го Цара наша светаго Самуила што пресвисна од болка за загубот на бојбитката на Беласица та до ден денес само во пеколни маки и страдања е фрлена нашата мила мајчица мачна и страдална Македонија за која никој како да нема ми се чини понекогаш, пустина ми иде да фатам, ни грев, ни жал, ни срам ни намус испечена на ражен, измачена на маки Ристозови кладена на чекрек, обесена на ченгел, на зинџир ко Црна Вдовица нашата угул лична Македонија.

ЦРНАТА ВДОВИЦА: (Тргната од занес, ко провикната, шашардисано) : Јас црна, клета, кутра неокаена петстотини лета чекам, чекам, се счеканив чекајќи и, не знам дали ќе дочекам скочанета во раце- ноѕе да видам бел ден, бело видело, бела пладнина, бела виделина, бело платно на очите таму ним на тие аскери, на тие торбари, тие пипери лути, грабачи силни да е кабил очите и тоа сето во очите што го имаш и што го носиш, око лакомо, да ти го изграбаат, изедат, испијат, исркаат, искркаат, на тие ѓаволи башибозучки, а вие тука Мадреци мои ве гледам се расправате за од магарето санката, за од вратата мандалото, од црквата клепалото...

 

Сеанса втора: Под една раскрошнета круша горница.

БОСА ГОЛА: (Ја врзуваат двајца аскери за в харем на силникот бег од оваа каза, кога таа се провикнува лист на гора да се тресе, гората да се одѕива колку ја глас држи) : Тирани клети, проклети, имам јас свој одмаздител... Нели сум јас Сирма убава, го имам Гоце делија, го имам Гоце војвода што ќе ги сите даноци отплати што сте ни ги земале, од секое влакно пот што сте ни збирале, тој силен јунак, Делчев над јунак (јунаци) на Крале Марко синчето правдоделно, слободољубно, што ќе не сите сардиса и, ќе не сургун според злоделото армаса, чумата да ја пропади... од наша земја таткова и, наша Земја дедова... прадедова... надпрадедова... старовремска... старозаманска...

ЦРНАТА ВДОВИЦА: (Упаѓа наврапито) : Ќер- ко- ле... врзи прст, барај лек!... Прашај паталци; не прашај гаталци... Прашај ми ја душава од ошто ми е... Прашај ми ја мршава... Друг да е ќе рече: Од челик да си пак ќе попуштиш, некали од крв и од месо../ Туку немој, да не колне Господ, не будали се ни по пари, ни по богатство... Нам сиромаштијата ни е најголемото богатство... Зашто убаво рече тука Филозофот наш, братот наш, пред малку време, тука ќе се бијат браќа Македонци, на Самуила славни потомци...

БОСА ГОЛА: Ај на бас е работава, го знам јас тоа. Црна вдовице, Црна кукавице, без да ми го кажуваш ти тоа мене, Црна црнице.

ЦРНАТА ВДОВИЦА: (Отргнувајќи ја од рацете на беговите гавази) : Сепак, јачи се, јуначи се, Боса гола, Гола боса, сили се, не давај се, со сите сили од сите свои дамари и жили... Стискај заби... Виличи вилици... Закопчувај по сите свои страмни места копци машки, женски, страм да ги биде, страм да им биде, страм да им е, од ништо живо немаат ни страв ни страм, ко за чудо почудено, чудо невидено, за чудо и приказ, така петлај машки јунаци илиѕи, петлици... Покривај го срамот!...

БОСА ГОЛА: За друго опусти, Црна вдовице, Црна мајчице, се прашам што ќе излезе од сева оваа возбуда, сколободија, шамата, јајгара, скашавена каша, шамак, батак, ’рлос мрлос, алтијос, кучето стопанот не си го знае. Кучето на Василица (на еден здив).

ЕДНИОТ АСКЕР: А, што се имаштијата и немаштијата старост и младост?...

ЦРНАТА ВДОВИЦА: Учни сме ние- ние оте (отаде и одавде) на Ридот на тоа да бидеме мачни, затоа и така не именуваат, во сљубена го Тја Сина именујат, и, Дух виде голубиње известуваше сло(во) весел(ие)утвржение, Јавлај се, Христе Боже, и, Мир просвештениј, слава Тебје, Господе Боже, и, во Век и веков, Амин. Ни го кажувале нам старите наши уште од старо престаро Време ко од орана преорана Земја неоставана да престои угар да не го продаваме Христа бога за жолтици и, да не стануваме јуди, проклетници, да ни се сотре семето како на такви што ни се јавувате во бесчоештина, безчезбина, бесрамници, за Симета си и посвршена Сирма, оставете ја, не гибајте ја, не чепкајте ја таа е чесно древо од на Божи Гроб направена, создадена, сотворена ко од твар и од плат, али духот ѝ е рисјански, верата каурска, ни ѓаур ни неѓаур, на Илинден ќе ја даваме таа Девојка Дејка од Дојка, на сам Илинден во Илино село од под Илина планина крај Илинска река, Боса гола, Гола боса, Босарка Новка ко за Ново село стокмена за пред нови луѓе. Нова планина Нова пладнина, Нова рудина низ која насреде мине Лео река за да стане македонска леунка, добра мајка здрава родилка. Тогаш свадба ќе правиме, тогаш ќе ја земеме сватици со петстотини зурли, тапани, тешки темни робии, болни мрачни чалгии, со вдовици и со сираци и, со сѐ живо во Македонија што пркнало, што се кренало и, што ќе се крене на Востание.

 

Сеанса трета во селско ајатче. Филозофот, Апостолот и Врховистот претставник.

АПОСТОЛОТ: (Обраќајќи му се на Врховистот) : Ги донесовте ли Долгите Мари?

ВРХОВИСТОТ: (Обраќајќи му се на Филозофот љубопитно) : Што му се долги мали? Тие се побргу долго долги, отколку што се долги- мали?!...

ФИЛОЗОФОТ: (Се смее бадски) : Не се тоа долги мали, туку се тоа долги Мари ко за јаболка берење лалиња- кримки – така ги викаме овдека кај нас на смеење; што ги ветивте на договорот во Софија како братска помош на Бугарија на востаниците за кревање на Востание во Македонија и, сега влечкате работа како да сакате да речете: Брат за брат – сирењето со пари!...

 

ВРХОВИСТОТ: (Со натегањое) : Е, не оди таа работа така леснооо: Тука е Дворот; тука Собранието си има дума; Командуваштиот на војната команда на војсковите части; има многу дупки за затворање, многу порти за отворање, многу околности, тврде тешко оди таа работа... (Мекави)

АПОСТОЛОТ: Сега ви беше редот да се покажете...

ВРХОВИСТОТ: Има време, пак ќе се покажеме.

АПОСТОЛОТ: Али, сега му беше моментот..

ФИЛОЗОФОТ: Правиот момент...

АПОСТОЛОТ: Сега бевте на потег...

ФИЛОЗОФОТ: Врагот ги јал.

ВРХОВИСТОТ: Кого?

АПОСТОЛОТ: (Чукнува со една сопа по едни падвали од бочви растурени на едно купче расфрлени на тремчето на ајачето каде што се седнати крсноѕе, освен врховистот на коленици) : Вашите големци...

ВРХОВИСТОТ: Зошто?

ФИЛОЗОФОТ: (Како за себе) : За чисто брашно потпаано... Натема ги... Натема им ја тишката... тимбата... глави дебели...

АПОСТОЛОТ: (Кревајќи ја повторно сопата ко калата во игра за силен замав што да не е Филозофот да го сопре Апостолот од кое по трет пат затреперува тремчето молневито, којзнае што би се случило и со тремчето и со нив двајца и особено со Врховистот над чија глава се одигра навистина права мала драма како да се вкрстоја витешки мечови мина виорен ветер од студеми веди, ќе „слезеа“ аскалди долу) : Ќе кренеме Востание, и, без вас!... Ќе се кренеме и, без ваша помош, господа... Та зар не гледате, „Ваша Милост“, ќори ли сте за да не можете да видите крај очите ко заслепени подалеку од носот, какви бомбарници, какви леарници сабјарски, смрдешки сме кренале; мартинлии натокмиле во Тетово, Гостивар, Дебар и Скопје надолж и нашир крстосано е севкупното „сувоземно море“ македонско наличено сѐ со лиџба ни личат одбор јунаци та во Вардарско, та во Пиринско, та во Егејско, сега да им мигнеш со око јуначко за да им дадеш знак за кревање и почнување на сенародно востание готови се барут, оган потпален, да скокнат како еден за сите, сите за еден да ја бранат Татковината од секакви недела и зла и да добијат Слобода со здрави центри: Солунски, Битолски, Серски, Скопски, Ениџевардарски, Горноџумајски и други до победоносен излез со кауза за Обединување на мајка Македонија и со девиза: Смрт или Слобода за нашата Македонија! И, тука, Итрец што се правиш на три и пол, и се смееш, те гледам, немој да мислиш оти не те гледам како подсмевно се смееш под мустаќ, сме се решиле на живот и смрт, нема отстапување, нема враќање назад, туку има само терање напред во Слобода и изод и здобив и истер на чистна народен правдољуб.

ВРХОВИСТОТ /Итречки полугласно/: Тука те чекав, братко. На таа воденица вода да налееш...

АПОСТОЛОТ /Призапалено/: ... Колку и какви само пушки од Албанија „гра“ сме надонесле, очекувајки ги уште само вашите пратки од црноморски „кримки“ и, гром да е работата. А, ова, како нешто да чекате, чмеете, окнисувате, како да сте се врзале- Господи прости ме како некои мандии и не пишуј ми го во грев, од нешто маст-масло како да сакате да извадите така ловите во матно мазмазии, изгледа брзате да ни го расипете ко од Бога ветеното Востание сакајќи да истргате некоја корист што Внатрешната Македонска Организација по својата кауза не може да ви ја направи како отстапка ниту сака да дава каква и да е концесија валчеста та четвртита. Со Господ напред и со пушка в рака и устав праведен на револуционерни сили какви што се нашите да се надеваме дека тоа нема да го добиете и во тоа да успеете со земена клетва врз Евангелие свето и вкрстен полн пиштол и наточена кама додека ни стои главата на рамениците наши...

ВРХОВИСТОТ: М, да, Јас за тоа носам приготвен документ (Го вади со налог и печат) од нашата Врховистичка до вашата В’трешна организација чиј благоволен потпис како на востанички стратег и, на вашиот политически благотворен разумен брат и побратим (Покажува на Филозофот) така желно го очекувам како и мојата организација што го очекува жедно тврде добро за да заминам веднага за Отечеството Б’лгарија.

ФИЛОЗОФОТ: (И, тој сега со натегање) : Е, за тоа ќе видиме сега, мадем била таква работата, побратиме

АПОСТОЛОТ: Море каков ти брат, каков ти побратим? Јудија од Јудеја што дошол да ни го изјуди Востанието. Да ја обезнадежи нашата надеж, да го обескораши нашиот кораш. Небото ќе го предупиме, преораме, кога ќе му дојде денот ќе го смилиме Бога на рајата и на ратајот, ќе го крениме Востанието сенародно и, ќе се здобиеме со победонос и ослобод... Во таков случај не ни треба никој на помош да ни дојде ако нејќе со мило, милост од никого не бараме, никого не молиме со сила... Али и, не потпишуваме ништо со принуда, под принуда и, со присила, под присила...

ФИЛОЗОФОТ: (Ги збира рамениците) : ... Со други зборови, сакаш да речеш побратиме, зашто за брат, та и ќе те правам сват, треба каде-каде повеќе смисла за правење жртви, носење ризици, отколку она нашено во изрека што го вели: И, Јас можам, и Ти можеш, али кога Боже не поможе... кога таа работа, да не си правиме и да не си имаме илузии, не ја решава божи прст и божие провидение, туку одржан и исполнет даден збор престорен и пресоздаден во дело.

ВРХОВИСТОТ: А, коњ, а охрана, за назад?...

АПОСТОЛОТ: Ни коњ, ни охрана, ни враг ни тартакуш!

ВРХОВИСТОТ: Тогаш ме терате право во убиство, свесно во самоубиство? Не сте белки разија, во вакви мошне тешки, опасни и рисковни времиња на тоа, за тоа...

ФИЛОЗОФОТ: И, не е Апостолот, а и јас не сум. Го разбирам и него, а те разбирам и тебе. Само има лек и за тоа.

ВРХОВИСТОТ: Кој? Каков?

ФИЛОЗОФОТ: Да го искинеш тој што го имаш в раце овде на лице место и, како повереник на вашата организација да сочиниш, составиш друг документ диктиран под наши услови и вникнат во наши натрешни прилики одобрен и прифатен од нашиот Натрешен револуционерен комитет и од Горското началство за кревање Востание.

ВРХОВИСТОТ: А, јас тоа не можам да го сторам.

АПОСТОЛОТ: Ам’ кој може да го срочи?

ВРХОВИСТОТ: Моите претположени.

ФИЛОЗОФОТ: Не може да не сте ја предвиделе и оваа ситуација. Не си ти таква мала риба, секретар на Организацијата ваша. Имаш ти неограничени, овластени права, а и дозвола, ај ти, знам јас како одат тие работи, одврзани раце...

ВРХОВИСТОТ: Тогаш ќе ги почекаме да дојдат кримките.

АПОСТОЛОТ: А дотогаш што ќе правиме?

ФИЛОЗОФОТ: Ќе пратиме курир.

ВРХОВИСТОТ: Зошто куриер?

АПОСТОЛОТ: Да го поспеши испраќањето на оружјето.

ВРХОВИСТОТ : Зошто не?

ФИЛОЗОФОТ: Зошто и онака немаме намера да го потпишуваме. Ако е за така, не треба курир, еве си ти тука, секретаре.

ВРХОВИСТОТ: Меѓутоа еве сум јас реим.

ФИЛОЗОФОТ: Зошто ни си?

АПОСТОЛОТ: За пастрма!

 

 

Сеанса четврта: на еден широк селски домаќински чардак на триножни столчиња седат Филозофот, Странскиот конзул и Странскиот кореспондент, додека Филозофот им ја расправа случката со Боса гола и, бара дипломатска, етичка, правно-политичка помош и заштита кај конзулите за населението (аман) за Гола боса биејќи жица за небаре прикажаната верска толерантност на Османлиите коко прокламирана како нивна стратегија и тактика на протоколот.

ФИЛОЗОФОТ: Господине Конзуле, колат бесат османлиите и, ич не му мислат, думаат како да ќе се вечни се однесуваат држејќи се како неограничени господари во дејанијата во туѓа куќа, на туѓ имот грабан, во туѓа земја ораница, копаница сред планинско како и сред рамничарско на цел простор исцела целоита исцело ко Целокупна Македонија земја поробена. Што е најважно при тоа пред никого не одговараат, ни пред Бога ни пред луѓе, ни пред цара ни пред господара; пули пишуј, господине Кореспонденте, зашто Гола боса (Боса гола) ја шмркна црниот А(к) шам ноќта за да ја белата рисјанка престори во анка анамка црна каданка поцрнета од глава до петици под фереџе за в харем.

КОНЗУЛОТ (Возбудено познајсе ги трие дипломатски со големоградски манир белите меки раце) : Како го дознавте тоа?

ФИЛОЗОФОТ: Како, како го дознав?

КОНЗУЛОТ: Па, така мислам. Кој ви го кажа?

ФИЛОЗОФОТ (Си ја мазни брадичката) : Како кој ми го кажа. Со свои очи го видов, ете така, како што ве гледам сега вас тука. Ние сѐ што кажуваме или сами гледаме, сведоци сме на настаните што ги има плипот, умпле жални печални како што ги има маките наши големи, или сами ги доживуваме. Нема кај нас киски миски, Петкој, кажување, прекажување или прераскажување ова било, она било, вака се случило, така се случило празни и измислени мовтори од весници (газети), како што е у вас случајот у слободните земји поопшто, додека у вас големите сили и поособено и посебно.

КОРЕСПОНДЕНТОТ: Зошто тогаш не се спуштивте да браните?...

ФИЛОЗОФОТ (Сопирајќи го) : Ве разбирам, али и јас би и, така прашал и, така постапил млад господине, да ми игра моното на триесет триесет и едно, ко вас да сум конзуларен претставник во Великата Порта, инаку да ми пее петлето а не вака вошки да ме јадат по кориине...

Настапува мало недоразбирање во објаснувањето на странски јазик...

КОНЗУЛОТ (Од по паузата): Мојата велесила која јас ја претставувам во Портата не е ни најомилена ни највлијателна во Отоманската империја (пак така како понапред ги трие рацете вешто) , инаку во овој убиствен пекол, јас да имам некоја посебна сила и, некој попочуен глас, инаку би го вртел и, би го свртел листот сред овој златен македонски народ сѐ да пука од општествена сигурност и, од исправност на Балканот изопшто и, во Македонија подвојно.

КОРЕСПОНДЕНТОТ: Конзулот сака да рече дека Македонија ја гледа со особено око на симпатија, толерантно, азилно.

ФИЛОЗОФОТ: Јасно ми е, разбрав што сака да рече млад господине кореспонденте, како што сака да рече можеби оти има иверска и друга граѓанска толеранција тука во Туршчијана како на Запад и, оти она со Боса гола (Гола боса) можеби било само особит случај на недоразбир ко што е чардаков особит граден лабит од другите одделенија во куќава.

КОРЕСПОНДЕНТОТ: И, што видовте со Гола боца, што ѝ стана потем на Боца гола?

Пак недоразбирање.

ФИЛОЗОФОТ: Ништо, ја набија в шише. Тешко на тој што ќе си го јаде, окрка... ко, кој јаде јаде... Кај ќе разберете, кај можете да разберете, вие, што е и што значи Македонија земја петвековно поробена ко што рече Ц рната вдовица тудамна по случајот Боса гола (Гола боса) во овој пресек на време уште кога „лебот“ го викате „папо“ за овие наши од исклучителна важност страдални маки и проблеми за разбирање.

КОНЗУЛОТ: Како, како?

КОРЕСПОНДЕНТОТ: Што, што, што рековте?...

 

 

Сеанса петта во која претходните бројно се зголемуваат уште со Апостолот напред, насреде е Црната вдовица и најнакрај Врховистот

ФИЛОЗОФОТ: Господава се дојдени, Апостоле наш поради, заради... (Гледа во Врховистот и засучува, врти сошива збор).

КОНЗУЛОТ: Мило ми е, мило ми е (Му ја стиска раката со обете свои раце во тока токосувајќи се).

АПОСТОЛОТ: И мене ми е мило такуѓере.

КОРЕСПОНДЕНТОТ: Со кого имам чест?

ФИЛОЗОФОТ: Со Апостолот на борбата за слобода на нашата јуначка али во жалноплачна положба лична Македонија, млад господине кореспонденте.

АПОСТОЛОТ: Да не сте за унијатската мисија?

ФИЛОЗОФОТ (Гледајќи го продолжително и не симнувајќи го погледот од очите на Врховистот, Филозофот, имајќи го и натаму на око, продолжува дипломатски): Не, Апостоле наш, не се исклучиво господава дојдени за таа дејност, али додека разговараме, јас убаво размислив дека и тој вопрос е убаво да го земеме предвид за да го вклучиме во протоколов на разговоров.

ВРХОВИСТОТ: Штооо, зар и таму ја вртите гуната?...

ФИЛОЗОФОТ (Цинично): Од каде што дува ветрот...

АПОСТОЛОТ: А, тој нема право да упаѓа. Сус, господине!

ВРХОВИСТОТ: Не ме ни претставивте. Се скапав стоејќи лин нога...

ЦРНАТА ВДОВИЦА: Македонија Лина диван стои пет векови цели, пет века лин нога е и, ни ум да ѝ ја земе, ни памет да ѝ се смели, еве ја здрава чита...

АПОСТОЛОТ: Нема нужда! (Одмавнувајќи со рака накај Врховистот).

ФИЛОЗОФОТ (Незаинтересирано): Ветрот да го земе... Зел те ветрот... ветрот да те носи?!...

КОРЕСПОНДЕНТОТ: Вие говорите англиски? (Му се обраќа на Врховистот).

ФИЛОЗОФОТ (Се смее): Говори, само со бугарска не со македонска дикција (чактисувајќи).

КОРЕСПОНДЕНТОТ: Мило ми е, мило ми е, би сакал да знам како е таму кај вас, како живее народот.

ВРХОВИСТОТ: (Наоѓајќи се во небрано за себе повеќе)... И, јас би сакал да знам, горам од желба да дознаам како е таму кај вас, како живее народот ваш, заземачи на светот, императори, унијати, нужда закон измењава.

АПОСТОЛОТ: Меѓутоа овде сме ние домаќини. Ние диктираме ред, и, тој чинам, по секој пропис и меѓународен кодекс треба да се почитува. Зашто господинов Врховист, едно идење, посегна по убавите бели рамења на бела Неда, црната Вдовица, лична Македонија, црна Робинка, како би и по Боса гола (Гола боса) да можеше, да имаше шанса, како по делба и, мирази барање од миравчии и делвачи на нашата Мајка, што не родила, Македонија.

ФИЛОЗОФОТ: Љубезниот домаќин се погрижил, драги господа, да не погости со тоа што дал господ во куќава (Откога им приоѓа домаќинот и ги кани за ручек), затоа ќе ве молиме да преминеме во одајата кај трпезата ставена да молими бога за поубави времиња и подобри и посреќни денови за мајка Македонија и за замин на османлиите од оваа рида на Балканот што како последна се токми да крева глава за да насити глад и да угасне жед палејќи свештен оган на слободата во лажичката, свештен пламен на неслободниот македонски роб та бил тој рисјански та муслимански за да заживееме како вистински браќа со наравства на слободни луѓе федерално врзани во братска заедница на конституцијат правно сфатена и, човечки олеснета во олџичката како: Слободен човек, ослободен Народ во слободна Македонска Земја раширена како Мапа од врв до врв, од крај до крај и, отворена кон сите четири страни на Светот за секого кој ѝ е пријател и кој ѝ го мисли доброто да може слободно да шета и да се движи несметано надолж и нашир од Пирина до Егеја и до Охрида града наша стара престара световна и духовна древна Светиклиментова столица да не чува тој златен и да не има од десна рака со фенер што шета ноќна доба по градот и го чува од секакво зло, злодело, загин и злозагин пуштајќи знаци и сигнали на соединување на сите три дела подлежни на грабеж на соседите ни, еднакво топло и живо приман, како и еднакво единствен богуугодно носен во срцата ни... (Сите бурно ракоплескаат освен Врховистот што стои наведнат со главата и како вкопан гледајќи в земја и шумкајќи во кратките паузи на аплаузот гласно со склучените раце што пред тоа ги држи не знаејќи каде и како да ги стави повеќе спуштени или скрстени)

АПОСТОЛОТ: Устата мед да ти јала, Умниче брате, нема му друго, ќе биде Ден, ќе биде Час, Господ те почул, Јас тоа ти го ветувам...

 

 

Сеанса шеста, пратката кримки не дојде. Востанието дојде. Илинденското востание е во многу слика на измама и на недоволна подготвеност и предвремена преизбрзаност.

 

Забег во една вишна далечна корија на планината Пајак.

 

ФИЛОЗОФОТ (Како убиен од бога опкружен од силен народ, жени и деца): Го изгубивме Апостолот, чунким наведнат над гробот на Македонија, се простивме со водачот на Востанието Илинденско!... (Липа). Свршивме работа?... Ни ја сврши „Лукавиот“... Од лукаваго... така е тоа кога ќе тргнеш по лукавиот ко по мува... се знае каде ќе те однесе... Македонскиот Гарибалди, Бајрона го пиеше, го голташе нежно со уверлив сјај во очите напојувајќи се и самиот како поет роден и за со пушка и за со перо да се бори и за својат родена мајка Македонија и за секоја поробена мајка во Светот што би во предвидна, гледнаи, недогледна спрега побарала евентуална помош од кого и да е да ѝ се даде самопрегорно како за свое родено чедо и, безрезервно како Јунак над јунак што знае до крајот на кратковечниот живот, свесен гостин на Земјава дојден, способен да го прекуси кога ќе затреба и каде ќе затреба за оскотот и за болскотот на срцевината на секој племенит метал на Слободата...

Кукуш тогај не заплака, солза не пророна, али се закани со тврда корава рака и со тврдо решена до крај да истрае, Водачот да го свети, памет... Нека му е вечна паметта!... (Избезумено) Нашиот премил Делчев војвода што не стаса чумата да ја пропади од жална, плачна и од мачна Македонија, ни остави аманет, оставајќи ни завет да се бориме до крај до последната капка крв и бабот на дамар.

... Еднакво го кренавме на Востание, за тоа бар не ми е мака, сите три наши вилаета: Солунскиот, Битолскиот и Скопскиот, разурнавме железнички линии надолж и нашир, мостови и уѓумаци, на многу пунктови ја прекинавме телеграфската мрежа, раздвиживме живо на мртво умпле сѐ што е кадро пушка да носи, борба да води... (Откога се созема малку, му се обраќа спонтано на Писарот- архивар). Пишувај сѐ што ќе ти се каже и, што ќе стасаш да чуеш и да видиш и сам. Ми притекна, остана незабележано, како дебелоглавиот Врховист иронично уште тогаш во времето пред кревањето на Востанието Илинденско му се присмеа на Странскиот кореспондент како да му се притруса, прислоиса несвеселиски велејќи му буквално бадски шкето: „... Те боли меламницата, Кореспонденте, за туѓи работи; да измислуваш измислици, да кроиш планови како посензационално да измамуваш читатели, береш туѓи гајлиња, се мешаш во туѓи работи, думаш думи издувни, избувни, експлозивни; сѐ со умисла однапред напишано, Пишурко, премислено, превеано, предумано...“ Тој, значи, Архиваре, арна душо добро писмена, ко од нафталин вадејќи атрибути грдовни, епитети грдешни под поимот „туѓи гајлиња“ – гајлињата наши ги смета за свои, додека под „туѓи работи“, работите, каде се чуло видело, мома војвода да стане (Се слуша песната за Сирма Војвода), чудовишно на организацијата наша натрешна уште тогаш ги преточува, смета, присвојува калапејќи ги во фондот, полицман бере, на врховистичката класа.

... Сега и тука збегнати, во срцето на Настанот во кој сме најдени, Писаре-архиваре,теслим ти ја правам и оставам Востаничката Архива и на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација именувајќи Те за Прв секретар, со клетва-афорозмо, Јунакот да падне, Барјакот да не падне дурдека ни стои жива главата на рамениците а и потем и потоа, жити тоа потоа, сѐ додека постои племе, семе за заврзување, Народ Македонски. (Тоа е еден расен висок вит помлад рус Востаник извештен во пишување со капче на кое фатните работливи раце на младата му жена везачка од жолт срмен усук со вкус, чувство и мера успеале прелесно да го извезат револуционерниот борбен илинденски лозунг: Смрт или Слобода! За да преминот во плеќестото му сетре и кошулата подвезната со шаричка рибина коска над шајачените оптегнати бечви над објалата доколеници вкрсетни со ремења место со опути врз опинците, пинци-ремења покрај со лежерно обесениот нагант, уште згора со долгите дулбии врз вратот, патроните и патрондашите под тенката малихерка, та и бомба патрони наружен, накитен ко зет со една стојка да ти е милина, во чаша да пиеш, грижливо познајсе подрамнета брада-брадулче за разлика од таа на Филозофот пуштена волно и бујато да расте. Се колнам..., примајќи како прав печен војник на Македонската востаничка војска возвраќа рапорт).

... Секретаре на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација, сега еден единствен секретар и за Организацијата и за Горското началство (Штабот) нешто слично ко што би Добромир летописецот на благочестивиот ни наш цар Самуил зашто ќе ни треба, сине наш, сѐ да е запишано ко од првоучителите наши сеславјанските солунски браќа Светиите Кирил и Методија делото што си го славиме и што се слави по света ко по цел свет на чест и слава видело светло, светост и сведбина под ореолот на фалата и на славата ко под вршникот на небото и на небесата, иже еси на небеси, сѐ да е напишано од конца до монца ко од почеток до крај што беше и како бешезашто ќе ни треба и во историјата, историската вистина и, за поколенијата што ќе не следат и, што идат по нас да се задојуваат и, да се напојуваат со слава и со гордост за тоа како почна и како заврши Илинденската епопеја; што беше пред тоа, а што потоа. Настан по настан, список по список, човек по човек, машко, женско, сѐ е јатак, сѐ е востаник.Иктизата те тера, маката те учи на сѐ, новопечен со старо искуство. Секретаре маките наши, гајлињата, премрежињата, големи се, зашто е голема болката, раната во рани раскапни, рани раскапи по Татковината. Луѓето лежат од болест, ние од јад, жал и печал ко жал за младост по Мајковината. Оф, пуф, оф, пуф, со оф и со леле легнуваме, стануваме од ден до ден, од утро до мрак ко од лулка до дупка со болки и со рани РАНИ РАСКАПИ. Затоа, љуби да откриваш тајни, слушај случки, знај дека смртта е расипи работа, сети се на забегот, затуркот, затегот и засолнот во Охридско кај славниот Рашанец, тој пеколен котел, таа во катран фрлена клуч да вари, клокоти и фрла бури, аранија зајаппанџена, зајакапанџена во панџите на ѓаволот ко во Марково Долче од толкав народ, жени, деца, славен Востан на уште пославни востаници, што останаа... што остана од таа рана раскапна, жива рана што тече, што пече за векови гнојна рана, рана што крвави и што нема да запече за векови за да се памети и да се прикажува ко за чудо и за приказ од колено на колено од сите страни сардисани од што се знае турски аскер и башибозук за да прописка, за да приписка дете во мајка македонска-саранџа. (Оддалеку се слуша ко од бунар да излегува тивок инструментален и вокален призвук на Песната за Рашанец). ...Пули и пиши село по село, град по град, центар по центар, реон по реон, предел по предел, реонско по реонско раководство кој какво учество зел, кој каква помош дал, кој каква мака тргал, месно по месно раководство од место на место, улога по улога, архива по архива во секој крај на Македонија, така што на секому може да му се смачи, тебе не, на секому може да му се слоши, тебе не; секој може да се разболи, ти не; ти мораш да си, Секретаре, карабаџак каков и што си, иако си русјак песјак во лика прилика варен та печен во оваа ука, струка, наука. Ме разбираш што сакам да ти кажам: До тишка што се рекло, натемати тишката, до душа да се запише, сѐ што е на број што зело учество во Востанието да може така да се фотографира да не се пропушти раска што се рекло, ронка, трошка, дамка, бемка, лико, влакно, детал, дробиск за да не се пропушти историски факт, податок кој понекогаш чиниш е мал, но подоцна да се покаже како показател од пресудна улога и важност во разни пресврти констелации, претрес и коментари, ко што и пресвртено тоа во даден момент што може да ти се чини главно, потем да оди по своето значење на периферијата на настаните, а за систематизацијата во науката, методите на селектирање и двоење на главно и споредно е сето тоа сетнежна работа, отпослежна. Најсетне, слушај ме ти мене, слушај паталец а не гаталец што ќе ти речам, се надевам допрва ќе видиш, разбереш и уште поарно кога уште повеќе ќе дојдеш на свест, оти така прават сите воени кореспонденти во странство не пропуштајќи од професионалното им тајновито око на проникливи познавачи не даваат игла да им одбегне побегне, загине од пред очи опулени двете четири имајќи како вртимушки и на задот очи. Кој како паднал, умрел, гладувал, кого како бибитки бишки го јале, пиле; кој како загинал, се одметнал, забегал, се одметнал од четата; кој како паднал болен, ранет; кој како паднал в раце на душманот клет, ни на душманот, крвопиец; кој како предавал, шпионирал, станал потур, ете му душа, душа во души да не му се смеша, на душата да му е; кој како помагал и ги исполнувал целите и задачите на Организацијата. Така ќе напишеш и за оној мошеникот Врховист кој бил и што бил и за тие мошениците Врховистите од Бугарија какви биле, што трици јале; измрдаа од принципите и од каузата кучиња и, што сакале најсетне во Македонија?!... Само, де не колне господ, Синко, да препра ваш али да доправаш, да наклаваш али да одземаш, да припишуваш али да отпишуваш, зашто во таков случај голем грев на душата пред идниците што ќе дојдат си земаш, пред идните поколенија си клаваш... Ова од мене како најголем аманет да знаеш, јас колку сум бил не ќе бидам, како најписмен во Организацијата и во Штабот моментално го имаш (Секретарот закашлувајќи се, се засркнува од скромност и од што му е незгодно). И; прими совет, земи порака што би се рекло, за да ја земеш работата под рака фаќајќи ја за да ја уфатиш, криј ја централната Архива, Сину; под дрво под камен, во рогој, во пиргој, дајте налог да се кријат по народот во избите, ќералите, реонските архиви во волчевите јами, мечкините дупки, не поткашлувај се (Му се обраќа мошне директно, в лице, не зад тил, бадски и својски), зашто само така малите народи добиваат своја голема и достојна за секаква почит историја, какво што правеле, а ден-денеска прават пишувајќи со големи букви и со нужен респект големите народи своја историја, со златни букви своја повест, чувајќи ги достоинствениците свои и кога не ќе се многу – многу на план од загуб, за да се јават ко ќе им затребаат ко од нафталин извадени, али зачувани од молци облеки за секоја прилика и секаков случај, зашто тоа е мајсторство од кое треба секој, стига да не се душмани на народот треба да умее со ум и со разум, со памет и со умштина да се раководи во својата дипломатска политика раководење за во својата дипломатска историја потема водење, преку потребен урнек, особит потребен земен наук како пак со крвави наши македонски свој дамарен, свој стежерен летопис поникнат на своја почва треба да се пишува урок на страниците на мајка Македонија. (Поусамено): Тогаш, токму кога си во криза и кога ќе се најдеш во тесно, треба да си најмногу широк и, со најмногу такт ко ние сега за да ја залекуваш раната, живата рана, саранџата рани раскапи. Тогаш и леарниците и бомбарниците во село Смрдеш, Банско, Видобишта, Виница и Черешовото топче, ова овде што е со нас, преку, море отпреку голема работа што сврши, сакам да речам ова овде што е со нас, верен содружник, верен сепатник, што е секогаш тука, до нас, со нас, меѓу нас (Го милува со плачни очи топчето) чувајќи ни го стравот, земајќи ни го страшилиштето нас, умот и паметта ним ко Господ ум да ти дал и, Господ умот ти го зел, чавки мозокот ви го испиле насилственици внатрешни и надворешни силници од сите бои и нијанси, животот и здравјето на аскерот и, берданките и кременките и малихерките и мартинките и тие од типот „гра“ и тие реликвии како ѕвонот на камбаните крушевски, средградската црква Свети Никола, Крушевските кории, Гумењата што ни ја со сѐ друго личат Крушевската Република на чело со претседателот Никола Карев во очите на светот Париска комуна, „конте Париж“, достојна за секаква и секоја почит, и Смилево и Бигла планина и китниот Јаворец и оној Пирин и овој Пајак и оној Лисец и онаа Китка, Шар Планина, Вичо, Пелистер, Галичица и кој ли не друг и што ли не друго ко и што е знаено и што не е знаено ко незнаено и несказано и ко ни видено ни чуено ќе стане легенда, ќе стане историја достојание твое митска Македонијо со твојот прикажан Устав на Организацијата и со твојот надалеку познат демократски Манифест ко за во ласките и за во прикаските на светските демократии пример како во Гемиџиството опомената еден непознат народ станува познат.

Плач и ридање се слуша и се гледа, липот и поулавеност машка и женска...

НАРОДОТ: На многу крстови беше распнуван Апостолот наш, ѕвездоносниот син на благочесната Султана и благонаклониот Никола како и Народот наш, не на еден!... (Се носи и распростира глас во далечина).

ЦРНАТА ВДОВИЦА: Боса гола (Гола боса) личната Сирма не се даде така лесно во рацете на Бегот. Го ошути бриченото бегче, го маѓоса со својата убавина Лина мома Тентелина, го маѓепса бела Неда а потем го зеероса. Во татли кафе какво беџето мошне љубеше во шарен филџан да срка и да се оближува како ко да лиже прсти од шербетли татлија и лоја растопена тук тучен од овна виена ко од пресно млеко овчко дебела кајмака и од крава небукана, неколкана му стави горка зеера и него и евнуха му скопеникот на тој начин, пишуј Писаре наш сѐ што ќе ти каже Црната вдовица, Црна кукавица, двајцата сосе доглавника му, доставника доставчика, а со помош на вратара вратника, на кого бегулето бежуле пред тоа нож до коска подбирајќи му ја личната невеста му ја изврве, помина и ја сургуноса клавајќи ја во тешка болест брзотечна офтика договорена однапред работа, ги испрати Гола боса (Боса гола) богу на исповед. И, таа лесно да речеш не помина, женска на кол ја наденаа. Уште душа недодадена, душа од бога живота што ни дал недоземена, во некрста вера уште непремината, ја ставија меѓу две коњски опашки и, ги збоднаа аждерите еден од каде што сонцето се раѓа, другиот каде што сонцето заоѓа. И, откога, пиши, Секретаре, и таа церемонија се сврши, главата ѝ ја зедоа и ја пресекоа и по едни кажувачи, на домузите селски од нејзиното село Смилео за да расте смил и кофил ѝ ја фрлија, апо други, во јама со гнас, помија и поган и ја фрлија, да не личи и да не се различи, да замириса на миро, босил, ѓулап и свет темјан одповтур и, да не заличи макар и во пелин, јад на глава на тас на Јован Владимир, цар, Самуилов зет од ќерка му Теодора Косара ко св. Јован Крстител, зашто небаре овој случај на дело докажал дека убавината достоинствено убива, како што и личотата го заслепува до смрт во младоста свршеника, црното да ти се гледа бело, грдото убаво, човекот чудна дијанија (диханија), пака што и ден-денеска корен и спомен, гроб и гробнина, белег и урнек за пример кажан со прст покажан за пред исполџиите чифлигчии чифлигари Сасќитап и на кулана Китапсасоа чифлигсајбиите, еве овде лежи раб божи Боса гола (Гола боса) не и се знае не е утврдено, како што се затре семе во Востанието по толкави села, кази и вилаети каде што тоа се водеше, опколени, плачкосани и запалени од страна на аскерот и неговиот поклисар башибозукот предводен од качаците арамиите, арамииштата. Претрупани од безживот и безсознај Болен Дојчини, Болни Дојчиновци, Куси Колевци, како сам Свети Никола, врти кола Никола, да ги заклал на самиот Ден чинење на светецот зашто не му ошле, не му играле по гајдата на ангелот така ги иструпил, го трупи нешто, уште еднаш не заиграле фатени на оро, на бало. Од по темни тешки робии, сто и една и, уште згора, аирлија да е, со живот да се ќердосаш овие лузни, рани неизлекливи, рани раскапи, рани крвјосани, рани гнојосани да ги раниш со мелем блага работа, илач мека мекуша мекушка, саранџи живи рани картечини, живо во ушите. Душмани, жива в дупка ја напотискавте нашата Македонија, живи в гроб отпростум нѐ умревте, ги намативте, блага ни е крвта, Македонците, Тирани, од кое спасибог ни нема, куртулија ич (бише), ичништо, ичникаде, за нигде никаде, ни за на Небо, ни за на Земја, кој те сака ваков, тирип фулус, фулуска? (Се цлушаат пушки постепено, се гледа настап, сардисување, пукоти, пискоти, повторен колеж, потретен палеж).

ФИЛОЗОФОТ: Секретаре, со Народот и со Архивата повлекувај се! (Тука е и попот со молитвеникот да чита простени молитви)

ЦРНАТА ВДОВИЦА: Развивај бајрак, Македонијо, клета и триклета.

ФИЛОЗОФОТ: Оф!... (Погоден од аскерски куршум). Спасувај го черешовото топче, ќе ви треба... (Го милува за последен пат и ѝ го препушта на Црната вдовица, а тој вадејќи го нагантот се самоубива како прав рицар). Збогум Македо...

ЦРНАТА ВДОВИЦА (Избезумено): Ни дојде шашрма голема... Кои како знајте, зачувајте глави... Ќе ни требааааат... Каде се преврзувачите..., болногледачите... милосрдните сестри... Ние немаме питач, немаме скитач, имаме само имени и безимени безрезервни борци... врсни јунаци...

 

 

Сеанса седма и завршна, од по баран прием на Конзулот и на Кореспондентот на „Тајмс“ кај турскиот Воено-политички повелник на Македонија.

 

ПОВЕЛНИКОТ (Љубезно): Молам господа, повелете. Ви стојам на располагање, со што можам да Ве услужам?

КОНЗУЛОТ: Многу сте љубезен, ефендум, со отворено срце што се рекло нѐ примивте но, дали бевте вака љубезен до пред малку додека траеше и Востанието на ортодоксите источнохристијански во Македонија?

ПОВЕЛНИКОТ: Ќе знаеме да го цениме, додека го имаме вашето прашање предвид (Чука со рацете за да дојде послужувачот и тој во воена униформа), уште пољубезно да му најдеме одговор и, објаснение бидејќи заслужув внимание и нужен респект. (На послужувачот): три кафиња молам.

Се создава недоразбирање.

КОРЕСПОНДЕНТОТ: За мене...

ПОВЕЛНИКОТ: Што за вас, млад ефендија... Вие бевте журналист, ако не се лажам, за весникот „Тајмс“. Сме се среќавале тогадамна на теренот. Веќе со господинот конзул, да не речам, али апчиња сме. Нели е така, господин конзуле имам ли право така да речам (До него седи преведувачот на англиски и тој во воена униформа, за разлика од послужувачот кој е изразито и убав и оптегнат во униформата човек, овој е позгажван и попристар, дури постар изгледа и од повелникот, едно шик бејче конте од средни години).

КОНЗУЛОТ: М, да; имате, како не сте имале?!...

КОРЕСПОНДЕНТОТ: За мене...

ПОВЕЛНИКОТ: Што за вас?...

КОРЕСПОНДЕНТОТ: За мене еден...

ПОВЕЛНИКОТ: Не точиме ние алкохолни пијалоци, забрането ни е од Султанот а и од Пророкот, тоа господинот Конзул убаво го знае... Сакате ли можеби рахат локум, коцка шеќер со чаша вода, еве ко за терџуманинов мој (Се смее и го тупа по раменици), мојов мурќатип, ќатипкат, ќатипџи...

КОНЗУЛОТ: Но, сите сме сепак на крајот од краиштата за сиктер манџа, вие како што велите, ефендија.

ПОВЕЛНИКОТ: О, не ефендум конзул, зборот назад, не сме ние уќуматлии и полисмани...

КОНЗУЛОТ: Да, да денот се познава отсабајле каков ќе е преку цел ден...

ПОВЕЛНИКОТ: (Пак плеска со рацете): Само сепак не кажавте какво кафе сакате, господа. Послатко али погорко?...

КОРЕСПОНДЕНТОТ (Истрчува): Послатко да е...

ПОВЕЛНИКОТ: За вас господине Конзуле? Нема овде војни тајни... (Се смее):Какво да е?...

КОНЗУЛОТ (Дипломатски): Нема значение... Погорко нека е... Христијаните пијат погорко кафе... Кога го имаат разбирасе, зашто муслиманите пијат потатли, тоа е општопознато... Туку до каде застанавме со разговорот?...

КОРЕСПОНДЕНТОТ: (Влегува во разговорот наврапито), Вие, господин Конзуле, прашавте како ефендијава го сфатил Илинденското востание на ортодоксите во Македонија?

ПОВЕЛНИКОТ (Се врти се сучи на местото): Се насобрал џган тука или таму..

КОНЗУЛОТ: Ништо ли друго немаше за респектирање во тоа „кревање“ на народот, на рајата на Востание што остава посилен впечаток, ефендум?

ПОВЕЛНИКОТ: Што би имало?

КОРЕСПОНДЕНТОТ: Тоа е интересно прашање.

ПОВЕЛНИКОТ (Притеснет): Всушност прогонот уште трае, негде инцидентно сѐ уште трае, негде се испитува..., не е сѐ уште свршено, не е сѐ уште готово, Господа. Кога ќе е готово ќе се има поточна претстава, посоодветна слика, поверна и попрецизна анализа од каде почнало, зошто и, како и, до каде дошло, стасало, какви димензии заграпчило, како завршило сето тоа што беше било на тој шејтански Илинден... Само вие господата претставници од странство и, господата од пресата, многу чепкате, многу сакате да знаете и да дознавате, а и ја мерите само крвта на ѓаурите и ги броите телата и добитоците, запалената и изгорената само на рисјанските башибозуци (Му катнува), додека на муслиманските, во тој ред и на турските жртви не ги ни клавате на маслат, како тие да не се од мајка родени, маченички убивани од заседа стражари, жени, невести млади кадани зграпчени, татковци на деца, синови верни на мајка што грепчат по куќи и по ниви и на Великата порта и, Султанот.

КОРЕСПОНДЕНТОТ: Забележан е во меќувреме и содомогоморски садизам со сенливиот велгошки поп што е бесчестен и донесен на мртво име издупен со штик од вашите актери на дејството аскери...

ПОВЕЛНИКОТ: Тој случај инцидентен не ми е познат... А, што ја замешаа и Црквата комитларите, комитаџиите да не знае човек што да прави, тоа не го кажувате, гибате како проблем, господааааа?...

КОНЗУЛОТ (Ладнокрвно): Таа е составен дел на Народот.

ПОВЕЛНИКОТ: Кажете, во случајов, господа, што ве интересира поконкретно?

КОНЗУЛОТ: Што мислите за Гоцета Делчев и, за другите како него (Му поставува шкето прашање).

ПОВЕЛНИКОТ: Ах, еве го веќе тука и кафенцето, во прво време и, на прво место дој-де-ноооо... забавено али незаборавеноооо... Аферим бе аскер!... Тоа за шејтанот Делче(в) што ме прашавте прееска, мое лично мислење е,а и за некои од другите, јас лично така мислам, не е присилбено оти е точно, има нешто тука, нешто од кое сите сепак треба да се поучиме што е за уважение и, да им дадеме право признание како на опомената што укажува на идењето на едно ново време, еден нов бран... едно ново поколение што ќе донесе нешто ново...

КОНЗУЛОТ: Но зачудува фактот како паѓаа жртвите уште од Гемиџиите навака просто фанатизирано задоени со своите идеи врзани за својата илинденска кауза.

ПОВЕЛНИКОТ: Не ми дозволува повеќе положајот да кажам а и условот во кој се наоѓам, меѓутоа слободен сум да речам а и да мислам, длабоко сум си уверен дури во тоа, вие како сакате така земете си го, Илинденците не одбраа добар пат кревајќи се на вооружено востание; инаку по мирен да тргнеа да бараат реформи за Македонија во Европска Турција многу ќе добиеја... Може ли најсетне да се фати комар со бивола, Господ е голем – Поданикот послушен – Човекот мал, ве прашам јас вас да ми одговорите вие мене уважени трезни господа? Алах, Алах, сакајќи со насилство да го исправат векот, светот дуњата сами си ги изедоа, испокршија главите, ме разбирате!?...

КОРЕСПОНДЕНТОТ: На крајот, многу бевте љубезен ефендија, само немојте веќе потака со жртви...

КОНЗУЛОТ: Но, сепак, ефендум, тоа е прашање што бара покомплетен одговор, зашто мојот личен пријател Делче(в) што го разбираше светот единствено како поле за културно натпреварување на народите не ве мразеше вас Османлиите како народ туку тој велеше дека војува против тиранијата на владеачкиот систем. Меѓутоа оваа молба за жртвиве на Кореспондентот на „Тајмс“ е и моја, молба на која ѝ се придружувам а и порака од моја страна препорачувам да се тури крај и, да не се пролева веќе невина човечка крв во Македонија!...

Додека се поздравуваат Повелникот уште еднаш потенцира.

ПОВЕЛНИКОТ: Ако има и натаму во недоизлекуваната рана Господа, наши мртви, бој се од Бога – почитувај го Царот, зашто борбата продолжува, ќе има секако и нивни жртви...

 

 

Епилог

 

 

ЦРНАТА ВДОВИЦА: Ропска Македонија (Во црно завиена сред пепелаво-црно-белузлав фон), кому да речеш: Господ ум ти дал – Господ ум ти зел – Господ дух да им даде – Дух и ангел да им влезе во срцено... Ал’ падна Апостолот, падна Филозофот, падна Боса гола (Гола боса), сенливото Попче, Знаени, Незнаени незнаено во РАНИ РАСКАПИ, тешки темни облаци се надвиснаа над Ропска МАКЕДОНИЈА, само сепак, ако Јунакот падна – Бајракот не падна!...

Завеса

 

КРАЈ

 

 

1 Драмата е прв пат објавена во списанието „Културен Живот“ во двобројот ноември-декември 1987-та година.

 

gallery/македониум