САМУИЛ

                                             ДРАМА ВО ПЕТ ДЕЈСТВИЈА

 

ЛИЦА:

ЦАР САМУИЛ

АГАТА, венчана жена на Самуил,

ГАВРИЛ, кнег Гаврил Радомир, син на Самуил,

ГАБРИЕЛА, законита жена на Гаврил Радомир,

ИРЕНА, патрициска девојка од Лариса, љубовница на Гаврил Радомир,

ИВАЦ, најверен Самуилов војвода и најспособен полководец, учесник во сите славни битки,

АРОН, кнез Арон, постар брат на Самуил (кого Самуил го убива уште во почетокот, во династичките расправии)

ЈОВАН ВЛАДИСЛАВ, син на Арон, прв братучед на Гаврил Радомир,

МАРИЈА, жена на Јован Владислав

СЛАВЈАНКА (сестра Софија), калуѓерка, совест на родот, ќерка на Мојсеј– заборавена доморотка,

РОМАН, заробен бугарски кнез, претендент на бугарскиот царски престол,

КОСАРА, ќерка на Самуил и жена му Агата,

ДОБРОМИР, дворски советник и летописец,

ПОЛКОВНИЦИ, ВОЈНИЦИ, НАРОД,

 

Дејството се случува 976–1014 во Преспа, Лариса и Охрид.

 

 

 

 

 

 

Прво дејствие

 

Квечерина, Самуил, по долг лов, е прилегнат на софа во собата за дневен одмор во својот дворец.

 

СЛАВЈАНКА (Зафрлувајќи ја калуѓерската превеска) : Ветрови силни како да го лулеат домов. А овој дом беше на сите среќни браќа, гнездо на сите тетреби на брсјачкиот кнез Никола. Во него и татко Мојсеј градеше дни на семејна среќа. Тука и јас босонога се втрчував, со гороцвеќе, ко китка росна.

ДОБРОМИР: Во Брсјачкиот Шум се судрија два елена виторога за тоа кој ќе биде наречен златорог. Залула гранка Брсјачкиот Шум исо суво злато и бесценети камења му ги накити пирговите на виторогиот дородок. Незнаено звезди затсебе во затсебнина остави месечината в заблаз додека вечерницата ја остави в зачуд.

 

ПРВА ПОЈАВА

( В доглед како далечен призвук се слуша разговор).

ПРВИОТ СТРАЖАР; Стој! Кој иде?

ИВАЦ: Војник и заповедник!

ВТОРИОТ СТРАЖАР: Кој војник и кој заповедник?

ИВАЦ: Кнезовиот заповедник– војводата Ивац.

ПРВИОТ СТРАЖАР: Сепак лозинката, молам.

ИВАЦ: Брсјачкиот Шум!

ВТОРИОТ СТРАЖАР: Го носи Дрим!

ИВАЦ ( Влегува кај кнезот без потроп, носејќи в раце свијок од пергамент): Ми се ита војниче. Каде е кнезот? Тука ли е кнезот? Честити кнезу!

 

ВТОРА ПОЈАВА

САМУИЛ: Какво добро, војводо, по ова невреме?

ИВАЦ: Читај, кнезу, па ќе видиш каква подлост, каква дрскост избива од овој пергамент. Бар да има зошто, итака, итака ќе се најде оправдан да се истура братска крв и одбратска крвнина!?

САМУИЛ (Вознемирено) : Ама каква крв и каква крвнина, војводо? Што туку сонуваш? Или јас бев подзаспан, подзанесен во полсон, или ти? Што ти би тебе што бладаш црни мисли, црно кобиш крвје и крвнини? Докрепи памет војводо верна, и немој да вестиш врани и гаврани...

ИВАЦ: (Му го дава пергаментот): Читај, кнезу, те молам, ако не веруваш, како што и јас не верував, за да се увериш. Кој не би сакал орли и соколи место врани игаврани...

САМУИЛ (Чита): Пресветли и пресилни Василевсу, според нашиот таен договор, јас го поканив брат ми Самуил да дојде во мојот голем дворец, иако тој гулаб превртач не се дели ко птица од гнездо од својот мал дворец кај рекичката Разметница, каде што јас без грешка добро го намирив брат ми Мојсеј, уште кога бевме каде– каде помали, по углед и по слава, отколку што сме сега, зашто покажуваше настојби вакви како Самуиловите. Потоа исто така, убаво ја засолнив в манастир неговата ќерка Славјанка. А сега што се однесува до „она“, уште првата вечер ако даде вишен Бог благослов и добра среќа, јас ќе му го испратам брата ми Самуил на исповед ко по нагодба во рајските градини. Туку, за да не се кренат војводите против мене, штом ќе го добиете писмово, јас би ве молел ко брат брата, да испратите војски и хрисовули, со кои велелепно, како што се договоривме отпорано, ќе ме признаете, во чест ваша и чест моја, за единствен моја милост, законит владетел на нашата баштина. Ова гледајте сторете го што побргу, по можност венчас, зашто инаку ќе си имам големи маки јадовни и неизмерни страдања додека да го ставам в трло нашево стадо овци. Ваш потчинет отрок: кнез Арон.“

САМУИЛ: Ама, ова сон ли е или јаве, војводо?

ИВАЦ: Сон беше, кнезу, бурило преварено вино тригодишно, што му го има поматено умот на кнезот Арон, твојот и по мајка и по татко благородна кнезовска крв роден брат, од војник и заповедник на кнезовската титула да стане низок слуга покорен на нашиот крвен непријател, соседот цар Василиј. Алчен за самовластие и своевластие, во страв и во византиски заговор би му донелвистинска несреќа на својот народ.

САМУИЛ: Зар мојот брат, велиш, ми го зготвил тоа? Таа чаша отров. Зар е можно тоа?

ИВАЦ: Како што гледаш и самиот, за жалост, така е кнезу мој, сакајќи да те заслепи на некој начин, тој се обидува со писанија...

САМУИЛ (Резигнирано): Ама сепак не ми се верува. Не ќе е можно. Што велиш ти? Пак велам јас, да не е некое недоразбирање, војводо?

ИВАЦ: Јас би рекол, уште еднаш да размислиме трезно, по војнички дури, зашто додека и водата спие, ѓаволот не спие, туку ора, копа, `рти, рие како крт во оваа нашава, како доволно недооткупена, уште со крв расколничка, Брсјачија.

САМУИЛ: Сепак ова е главоболка, јас мислам, преку која не може и не смее да се мине тукутака како преку секоја друга главоболка. Тука и ти ќе се сложиш.

ИВАЦ: По моја преценка, ниско, мошне ниско паднал брат ти твој. И којзнае дали веќе и сега, додека правиме разговор, не тргнал на спиење да те најде за да го исполни тој свој залог? Во својот даден збор и заколнување, се гледа јасно ко на дланка, се здружил со Ромеите, како ништо да не било.

САМУИЛ: Право велиш, да ти цутин устата, војводо. Ко брат брата, Арон го моли во пергаментов Василија Втори, откажувајќи се од мене, без око да му клепне.

ИВАЦ: А за Мојсеј, за Славјанка, го забораваш ли така лесно, кнезу?

САМУИЛ: Пст! Срамно, Ивац, срамно! Туку, колку луѓе имаш со тебе, војводо?

ИВАЦ: Стотина, честити кнезу!

САМУИЛ: Десет или сто, војводо, сеедно. Тоа е без значење кога се нема време за чекање, како што велиш ти. Ако не јас него, тој мене. Туку, секако треба сосем секавично да се дејствува ако сакам да не го ставам вратот под мечот на Арон, а син ми Гаврил, со загубата на својот татко, да не мора да ја става својата судбина во веќе извалканите раце на еден крвник.

 

ТРЕТА ПОЈАВА

(Во Самуиловата соба ненадејно влегува Арон вооружен.)

САМУИЛ: (Му го покажува пергаментот): Чудесно си сакал да ме стокмиш, брату?

АРОН (Се загледува остро во Ивац): Каде го има најдено? Кој му го има дадено?

САМУИЛ: Не може злото да се скрие под ноктот, а да не се познае оти е црно зло.

АРОН: Јас тука немам прст.

САМУИЛ: Како во погубувањето на Мојсеј, сакаш да речеш.

АРОН: Молк!

САМУИЛ: Предавник!

АРОН: Моли за тоа што го рече.

САМУИЛ: Подлец. Моли ти.

АРОН: Кутро кутре недоносено, недобабено, недокрстено.

САМУИЛ: Окутраго кутриот, проклетијо.

АРОН (Избувливо): О, небеса! О, бесови! Коленичи пред моиве нозе, Самуиле. Барај прочка за последно ти велам ко на брат помал, инаку горко ќе се каеш, само ќе ти биде доцна.

САМУИЛ: Убиец, нели војводо?

АРОН (Се фаќа за рачката од мечот и уште се двоуми): Штом сум бил таков, тогаш нека останам докрај, бар да знам зошто.

САМУИЛ: Ха, вака ли ги засолнуваш луѓето, на спиење? Додека најдеш оправдан. Впрочем како за Мојсеј, кутрата невина Славјанка. Дури сега ми е наполно јасно зошто таа братова врсничка, станала испосничка во манастир како сестра Софија.

АРОН (Гневно јурнува кон Самуил, налутен како рис со исукан меч):

На една земја не можат да владеат двајца господари, како што на една трпеза не седат двајца стопани в еден ложник на една жена. Јас али ти. Друг избор нема.

ИВАЦ: (Му го дофрлува вешто мечот на Самуил, откако овој голорак го одбегнува првиот налет на Арон) : Фаќај се брзо за мечот кнезу, друг излез нема.

(По извесно време мечување).

АРОН: (Смртно погоден) : О– оф, брате Самуиле, го заслужив јас тоа, зашто еј сё така беше лошо скроено, лошо замислено уште од самиот почеток во мене. Ѓаволска работа, врагот беше влезен во мене. Туку ти барем, брате Самуиле, не биди како мене, туку имај ми го мојот Владислав... Господ нека ми го чува од десната рака... Имајте милост обајцата, зашто, што е тоа дете виновно за таткови гревови...

САМУИЛ: Кој се бори така, вака се изборува, јас мислам тоа правило треба добро да се запамети, Ивац. Не посегај по чесно древо другпат, брате Ароне. Нели е тоа така, војводо?

ИВАЦ: Така е, кнезу. Отсекогаш тоа така и било, никогаш инаку и не можело да биде, само зависело од тоа кој како го разбира.

САМУИЛ: Да одиме тогаш, војводо.

ИВАЦ (Гордо) :Само напред, кнезу, нема враќање назад.

САМУИЛ: Така е војводо, погледот горе и гледај стреловито. По нашиот војнички закон тоа се вика– подвиг!

(Ивац потоа се враќа со некои од стражарите на Самуил за да го кренат мртвото тело на Арон. Додека стражарите го изнесуваат телото во собата влегува вчудовиден Гаврил).

 

ЧЕТВРТА ПОЈАВА

ГАВРИЛ (Гледајќи го завршниот дел од призорот): Тате, стрико, што сторивте? Што ви го помати умот та така се закрвавивте. Како ќе му се каже тоа на стриковиот син Владислав, со кој од мали сме јавале коњи и сме се напивале, во една постела сме спиеле, живеејќи како браќа и како први братучеди.

(Во меѓувреме Ивац се враќа уште еднаш за да го земе пергаментот што Самуил го заборави на софата, среќавајќи го Гаврил, возбуден, тука како татни, надава).

ИВАЦ: Не хули, Гавриле, замолкни срце и чуј ме што ќе ти кажам: двобојот навистина испадна братски раскол, но барем беше изведен под рамноправен услов. Би требало навистина добро да му се знае коренот па тогаш да се суди. Инаку лесно може да се попадне во грешка.

ГАВРИЛ: Немаше ли услов за доразбир, војводо?

ИВАЦ: Токму тука станува работата посложена, Гавриле, што немаше. Во рацете на обата кнеза молскаше меч, иако постоеше опасност татко ти твој голорак да ја прими борбата. Ако не беше дофрлен мојот праведен меч тој тука можеше да лежи мртов наместо стрика ти ко кротко пиле раскинато на празен плочник од врипен самоизеден јастреб. Стрико ти безрезервно посегаше по сакоја поставена трпеза. Присутен бев на тој свет чин, света тајна, во која јас лично се уверив, без некој да ми го кажува, каков ненаравственик и каков превратник бил тој.

(Му го дава писмото да го чита).

ГАВРИЛ: (Го чита вознемирено): Хм, колку заплеткани работи. Самиот вишник, кој им ги праќа овие стрели отровни на луѓето, да не може да ги одметка.

ИВАЦ: Сега благоволи суди исам, Гавриле, откако убаво го дозна задлицето на овој настан. Зашто за тебе не е без интерес и судбината на стрико ти Мојсеј, како што не е без интерес и судбината на братучетка ти Славјанка.

ГАВРИЛ (Љубопитно): Која Славјанка? Каква Славјанка? Зар јас имам друга братучетка освен братучед ми Владислав?

ИВАЦ: (Го зема писмото и брза да си оди): За тие гревови, другпат, Гавриле, сега немам време, сега ми се брза, ме чека итна работа, прости.

ГАВРИЛ (Со испружени раце му го бара писмото, но залудно): Остави ми го, војводо, тогаш барем тој сведок на вистината за да можам пред Владислав да се бранам, ако ништо друго да не морам ненужно да црвенеам и непотребно да веднам глава...

 

ПЕТТА ПОЈАВА

(Владислав влегува весел и безгрижен).

ВЛАДИСЛАВ: Замисли Гавриле, рткине и соколон ми подгониле во скутовиве едно чудно ѕвере, едно чудно ѕвизде. Го пулам јас него, ме пули тоа мене едночудо време вчудовидено како човек. Си мислам: О, чудно ли знамение, о, чудно ли показание! Се ѕвериме ние така , туку кога одеднаш се чу некој татнеж, некој грд рик, гората се затресе, чиниш земјата зина, се отвори. Туку, што ти е тебе, Гавриле, менуваш бои на лицето и како воопшто да не ме слушаш и не ме заушуваш што ти зборувам и што сакам да ти кажам.

ГАВРИЛ: Колеж Владиславе, колеж! Каков што не видела оваа земја одамна. Брат– брата, кнез– кнеза, тука, на ова место се случи несреќата.

ВЛАДИСЛАВ: Ама кој кого? Кој, зошто? Каде е чичо?

ГАВРИЛ: Татко ми мој го уби твојот татко!

ВЛАДИСЛАВ: Чичо го уби татко ми?

ГАВРИЛ: Да, Владиславе, како што гледаш и сега остана наполно сам да кнезува во земјава наша како единствен законит Брсјак.

ВЛАДИСЛАВ: (Втрчувајќи се кон крвта со распашан меч, што најпосле ја забележувана подот, за да клекне): Значи, окрвавени се рацете на татко ти со убиството на татко ми, Гавриле, ако убаво те разбрав, остави ме тогаш, за одмазда да се причестам од оваа крв.

ГАВРИЛ: (Му притрчува и го придржува): Би те оставил, Владиславе, дури и би ти се придружил, да нема своја опачина овој недоразбир.

ВЛАДИСЛАВ: (Избезумено): Каков настан, господи! Кој го чекал, кој му се надевал? Кому би му паднал на памет, би му дошол на ум, ни на сон!... Не, не е можно тоа Гавриле. Не е вистина. Речи дека не е вистина, туку дека е измислица. (Се втурнува да излезе).

ГАВРИЛ: Стој каде одиш, Владиславе? (Го задржува).

ВЛАДИСЛАВ: Пушти ме да видам!

ГАВРИЛ: Што ќе видиш и да те пуштам? Туку што го држев пергаментот со кој татко ти се обврзал пред византискиот самодржец да му најде убијци за да го испрати од лицето на земјата. Бидејќи не ги добивал подолго време, се осмелил самиот и се дрзнал во нерамен двобој, жими овој меч (го бакнува) ти се колнам. Владиславе, бил готов подмолно да го убие татко ми.

ВЛАДИСЛАВ: (Недоверно): Зошто не го убил тогаш тој него, штом било така, како што велиш, туку се случило обратно. Како можело тоа, не ми е јасно, Гавриле? (Липнува во плач). Има тука нешто скришно, нешто тајно, неразјаснето.

ГАВРИЛ: Еве како Владиславе. За среќа, велам за среќа, Владиславе, зашто во лудата нарав на татко ти, кога му јурнала крвта во очи и му го засенила умот, се нашол тука Ивац, верниот војвода татков и десна рака кнежевска со кого и добро и зло се дели во нашата куќа, му дофрлил меч и израмнил услов ако загине во двобојот да загине како рамен со рамен. Тука е, Владиславе, ко во валчеста соба што не може да се најде крај, вплетена историја на овој злобид, чиј корен за расплет се наоѓа во пергаментот сврзан со уште една сторија за чичо Мојсеј и за братучетката Славјанка. Туку, јас би рекол, опаши си го мечот, Владиславе и дај да ги оставиме овие потскажувања и да се засолниме, зашто пак и не знаеме до каде патува гневот на оној што бил безгневно предизвикан на гибел ни крив ни должен.

Завеса

Второ дејствие

 

(По неколку години, Самуил блед, со испиени очи од несоница на една од многубројните колонади на терасата од преспанскиот дворец, гледа во мрежестите води на езерото, растргнуван и несреден во мислите по расколничката ноќ, зборува со полшепот).

 

ПРВА ПОЈАВА

САМУИЛ: Го оженив горостасниот ми син Гаврил за умна принцеза, ќерка на мојот голем пријател крал Стефан и поради миротворство и поради мирољупство. Гаврил и Габриела ги гледам сега како езерски русалки како ми растат и ми вишнеат, а заедно со нив и внучето Михаил, кои како да се чистат од сињаков во сё почист образ на ова наше ширно езеро– Преспанско. Туку како срцето да не ми се полни со медовина, зашто посегнав на братовиот живот и пролеав братова крв. Не можев ли поинаку да постапам за да не ме гони крвта негова? Колку било грдо да те обземе крв, да те фати крв! Уште и таа претсмртна исповед негова. Барем таа да не дојдеше тогаш тука во задниот час. Или тоа е така поради повлеченоста на Владислав во љубов и мисли, небаре околу својата нероткина. Иако, којзнае какви мисли коварни кове и тој како татко му, поради распалената желба на прекуморската островјанка по секој начин да се фати за ногалките на престолот. Тука можеби само Славјанка како сведок и пред бога и пред луѓето како сестра Софија во калуѓерскиот ред најдобро ќе запали крв и ќе пушти пијавици за да го посведочи Мојсеј, брат ми мој, мој советник и татко во една доба кога ме гледаше мене како свој син, нејзин роден татко и сё друго во животот, зашто бргу остана без мајка. Туку, каде е сега таа? Можеби во светогорските манастири, можеби во олимписките, а можеби?... О, господи вишен, жал ми е и да помислам на неа. Та што сме сториле ние за неа кутрата, клетата, неокаената за да бараме помош од неа?

 

ВТОРА ПОЈАВА

(Самуил се тргнува од мислите кога син му Гаврил пристигнува до него).

САМУИЛ: Веќе сте се вратиле, Гавриле? Зар толку ви беше работата, пуста мака ваша, толку ли ви беше седењето од по заедничко патешествие во Просек?

ГАВРИЛ: Не, татко, туку јас самиот доскокнав.

САМУИЛ: А жена ти Габриела каде ја остави?

ГАВРИЛ: Остана со Владислав и Марија во Просек.

САМУИЛ: Како така, синко? Како се оставала млада жена, сама, ме чуди.

ГАВРИЛ: Што има тука, татко, толку нешто за чудење не знам.

САМУИЛ: Како што има? Не ни ја дал нас пријателот мој, унгарскиот крал Стефан, белки за да ја оставаме да самотни како затвореник.

ГАВРИЛ: Ех, па и ти, татко, колку далеку отиде со умот, додека јас и не помислив на такво нешто. Не ќе ја грабне некој Габриела?

САМУИЛ (За себе): Сепак не требаше така да постапиш, синко, зашто ќе ја навредиш Габриела, а навреден човек за сè е, способен.

ГАВРИЛ: Што сакав јас таму, се чудам и самиот? И што отидов ми е криво, да ти кажам право татко.

САМУИЛ: Како, што си сакал, не ми е јасно? Габриела ти е венчана жена и природно местото како на законит маж ти е при неа.

ГАВРИЛ: Ако сакаш токму да знаеш, мислите ми се на друга страна, татко.

САМУИЛ: Каде ти се тие забегани овци, синко?

ГАВРИЛ (Отсечно): На бојното поле, а не при Габриела.

САМУИЛ (Вртејќи со главата): Тогаш, сакам да знам, кој ти ги врши брачните должности?

ГАВРИЛ: Секако оној што е определен за тоа.

САМУИЛ: Тоа не беше така во мое време.

ГАВРИЛ: Не било, меѓутоа, што те чуди, сега е, како што гледаш и самиот, или ти требаат и сведоци?

САМУИЛ (Во себе): Веќе почнаа децава и да не слушаат. (На Гаврил): Најпосле кој е тој што определува овде кој каде треба да оди, да седи; на бојното поле или дома?

ГАВРИЛ: Ти секако, татко, само некаде и немој, не се мешај, подобро е...

(Надвор се слуша џагор и дување во рог. Забрзано влегува Ивац).

 

ТРЕТА ПОЈАВА

САМУИЛ: Каква е тоа парада на пристанон, Ивац?

ИВАЦ: Едно мало, изненадување, кнезу.

САМУИЛ: Какво, војводо?

ИВАЦ: Позагледај се подобро, кнезу, ќе видиш!

САМУИЛ: Кој е оној од благороден род, Ивац. Очиве ако не ме лажат?

ИВАЦ: Ни најмалку, кнезу.

САМУИЛ: Скроен е како млад храстјак, војводо.

ИВАЦ: На ровка почва раснат. Од царско колено е јунакот. Сè со потквасено, сè со самокиш.

САМУИЛ: Чиј е?

ИВАЦ: Тоа е братот на преславскиот цар Борис Втори, кнезу.

САМУИЛ: Роман?!

ИВАЦ: Токму тој, кнезу.

САМУИЛ: Зар не беше тој со брата му на заточение во Цариград?

ИВАЦ: Биле и се истргнале оттаму, честити Самуиле. Само сега Борис лежи мртов, убиен од нашите извидници во шумите на нашите источни заземи, а Роман, кој тојчас забегал, го навтасале наши војници и откако го фатиле, жив го испратиле кај тебе.

САМУИЛ: Кој бил тој јунак толку силен што го сторил тоа, војводо?

ИВАЦ (Со восхит): Се знае кој може да биде.

ГАВРИЛ (Во полшепот се јавува замечтаен од верандата загледан во сините води на езерото): Еј вие два лебеди на езерото. Два засакани лебеди. Што барате тука? Се живее ли во оваа земја со љубов и со сакање или не, та што сте дошле тука? Може ли да се живее така? Може ли така да се одвива животот тука на ова езеро немирно со љубов и со сакање, на овој бран од кули браништа, инаку меки на срце лебеди ко в душа чувани, бели, бели, пребели, како водите пенести езерски, а сега пуштени в бура, фрлени в бран за да се носат ко птици по бескрајот на љубовта.

(Извесно време го слушаат Самуил и Ивац и се чудат што му е и што му станало на Гаврил).

ГАВРИЛ (Се тргнува ко од сон): Што е тоа, тате?

САМУИЛ: Ама да не е? Можеш ли ти, Гавриле, отаде да забележиш поубаво?

ГАВРИЛ: Што повелаш, кого да го забележам за да ти ја имам молитвата, татко?

САМУИЛ (Со мал цинизам): Кој е тој наш воин, реков, татин, што го придружува Романа, синко.

ГАВРИЛ: Кој може да биде друг освен оној кого Добромир со штозло повели по твој налог го возвеличува за да ти ја исполни желбата. Со душа и срце во секој случај те служи стотникот Никола.

САМУИЛ: Ама е јуначиште навистина тој Никола, а Ивац, наспроти мнозина способен заповедник да се бори лично тој сам горјанин, да рикне колку што глас го држи, димни гори да се одѕиваат, носејќи ги в уста оние што ќе му се испречат на рамното поле. Цел век е по заземите, по браненките, ни за жена мисли, ни за дома.

ИВАЦ: Таму му лежи душата на војникот што е деноноќен чувар на кнежеството, честити кнезу, што сме го создале сите ние со заеднички сили под твое мудро повелање.

САМУИЛ (Гледајќи го Гаврил): Прав си, војводо. Со такви како вас, навистина е горд овој наш народ.

ИВАЦ: Што милувате да направите со Роман, молам повелајте, кнезу.

САМУИЛ (Размислувајќи): Борис е убиен од нашите чувари на заземите, Ивац? Е, тоа е веќе навистина многу. Воопшто, ако веруваш, не ми влегува во главава како можело да стене тоа.

ИВАЦ: Не знам ни јас точно, право да ти кажам, исповедан грев не е грев, како станало сето тоа, кнезу. Сигурно готвеле заговор со брата си што го остави проклетија Арон во завет.

САМУИЛ (Строго наредува): Тогаш доведете го веднаш тука.

ИВАЦ (Забрзано, растрчано): По наредба на кнезот да се доведе заробениот горе.

 

ЧЕТВРТА ПОЈАВА

(Двајца вооружени стражари го водат Романа со заврзани очи пред Самуил)

САМУИЛ: Ти и брат ти Борис сте сакале да кревате востание, Романе? Вистина ли е тоа и со каква цел?

РОМАН: Да, кнезу, тоа ни беше целта.

САМУИЛ: Добро, тоа го разбирам. Во тоа ништо чудно, ништо необично. Но, што сте барале во нашиве краишта? Тоа не ми е јасно.

РОМАН (Лукаво): Дозволете ми да ви појаснам, кнезу, во што е работата тогаш. Ние тргнавме кон татковината ослободени од заточение со брата ми Борис, но не знаевме дека краиштата на вашето владение отишле толку далеку на исток што е наша грешка, која брат ми Борис со глава ја плати, а јас го плаќам тоа со ова мое заробување.

САМУИЛ: Не сте „знаеле“ велиш?! Чудно! А зошто тогаш не сте прашале, штом таква била работата, Романе?

ИВАЦ: Тие друга цел имале, кнезу. Тоа е стар ромејски вртигрб, стар колку и нивните стремежи по туѓи заземи и посеви, распри и пограби, што тие се обиделе да го искористат и што го имаат научено кај Византијците додека уживаа азил кај Василиј Втори и додека беа на воспитување, божем на заточение кај него.

САМУИЛ: Зошто тогаш сте се пресоблекле во подшумската позеленија штом таква била работата, Романе?

РОМАН (Заобиколувајќи ја вистината): Се разбира само по себе дека сме сакале незабележано да минеме крај византиските војници за побргу да втасаме дома.

САМУИЛ: И мислиш дека ти верувам на тоа што го велиш, Романе? Сè знам.

РОМАН: Под таа претположба што цел имате со мене да правите, кнезу? Зашто судбината моја очигледно ја имате во свои раце.

САМУИЛ: Симни му ги темнилата од светилото, војводо, белки очите кога ќе му видат светлина поинаку ќе зазбори јунакот.

(Ивац му ја вади црната капа)

РОМАН: И во светлина и во темнина не ми гине загинот.

САМУИЛ: Великодушен е овој кнез, Романе, така што не мораш така да думаш, само и запомни добро, дека тој еднаш е таков.

РОМАН: Тогаш што? Заточение и тука како и таму, зашто е погодено вашето честољубие, белки?

САМУИЛ: Не, Романе, ни тоа не. Туку ќе те поставам за управник на една моја област по Повардаријата за да ја исчистиш душата од гревот што си го носел и што си се токмел да го чиниш заедно со брата ти Борис.

РОМАН: Јас, од царско колено, управник на некоја си област. Зборувај право, кнезу.

САМУИЛ (Отсечно): Само таму и никаде на друго место.

РОМАН: Тоа не може да биде.

САМУИЛ: Мое е да судам што ќе биде. Водете го надвор!

(Откако повторно му ги заврзува очите Ивац, штитоносните копјаници го водат во распоред еден напред, тој среде, друг по него).

 

ПЕТТА ПОЈАВА

ГАВРИЛ, САМУИЛ, ПОТОА СЕ ВРАЌА И ИВАЦ.

ГАВРИЛ (Потсмешливо): И таа комедија се сврши. Што сега?

САМУИЛ (Гневно): Каква комедија, синко? Зар тоа е комедија за тебе?

ГАВРИЛ: Комедија, туку што? Плашам деца.

САМУИЛ: Не играј си со животот како него, синко.

ИВАЦ (Се замешува): Немојте така татко и син. Да ви кажам што има ново.

ГАВРИЛ: Не ме интересира.

САМУИЛ: Не те интересира Габриела; не те интересира Роман; што те интересира тебе?

ИВАЦ: Ова што ќе ви го кажам ве интересира и уште како обајцата.

САМУИЛ (Љубопитно): Кажувај, Ивац.

ИВАЦ (Поднадуено): Јунакот Несторица направи вистински подвиг. Како божигробец тој ги минал и олимписките и светогорските манастири, но никаде не можел да ѝ ја фати трагата на Славјанка како сестра Софија. Најпосле дошол во Солун. Дури таму, со помош на некој си наш пресоблечен трговец, успеал да ѝ ја фати трагата, во црквата Свети Димитрија како храмоодржувачка на црквата.

ГАВРИЛ (Раздвижено): Таа ли е таа од пергаментот на чичко Арон, Ивац?

ИВАЦ: Таа е, Гавриле, само сепак не била истата.

САМУИЛ (Начулено): Како таа, а не била истата?!

ИВАЦ (Довикнува): Добромире, Добромире, доведи ја сестра Софија.

(Додека Добромир ја доведува, Самуил и Гаврил го опкружуваат љубопитно, прашувајќи го).

ГАВРИЛ: Здрава ли е?

ИВАЦ: Како да се земе.

САМУИЛ: Остарена или уште се крепи?

ИВАЦ: Нешто не е во ред.

ГАВРИЛ: Си зборувал ли со неа?

ИВАЦ: Во сосем мал досег. Впрочем еве ја доаѓа и сами ќе се уверите. (Се слушаат чекори).

(Влегуваат Славјанка и Добромир).

САМУИЛ (Искрено): Славјанка!

СЛАВЈАНКА: Јас сум сестра Софија.

САМУИЛ: Да, гледам, но за мене ти си само Славјанка.

СЛАВЈАНКА: Никаква Славјанка нема овде, овде има само сестра Софија.

САМУИЛ: А кој сум тогаш јас?

СЛАВЈАНКА: Некој злодеен големец веројатно.

ГАВРИЛ: Зошто злодеен, татко?

СЛАВЈАНКА: Така, злодеен, синко, зашто злодејни се сите големци.

ГАВРИЛ: Татко!

САМУИЛ: Синко!

ИВАЦ: Таа е огорчена, озлојадена, Гавриле, поради тоа покрај сувото и суровото... Добромире, води ја да се пресоблече, да се одмори, да се заложи со нешто што ѝ љуби волјата, белки поинаку ќе се чувствува. Во меѓувреме нека се распознае со кнегинката Агата, со Габриела, Косара...

ДОБРОМИР (Се обидува да ја земе под мишка кога таа му се тргнува): Не грижете се, сè ќе биде во најдобар ред. Ајде...

СЛАВЈАНКА (Возбудено): Слушајте го камбанениот ѕвон од црквата Свети Димитрија. Таков ѕвон никаде не сте чуле. Пуштете ме да се помолам. (Сите се погледнуваат зачудено).

(Самуил се стрчува и ја каснува за уво).

САМУИЛ (& довикнува): Славјанка, мравјанка, танка шишка, остра осилка, носи сламка за зимовиште наместо зрно кај својата господарка мравка, печ. (Ја удира по плеќи).

СЛАВЈАНКА: Самуил пчелин мед на пчелинок мириса, отпеч (Го удира по плеќи).

(Сега вистински се гушнуваат, својски. Останува само Самуил).

САМУИЛ: Навистина се менила. Убаво рече Ивац. Колку само остарела, побелела. Како да не е таа, туку како да е некоја друга. А и очите ѝ се мениле, погледот. Каде се оние бистри кладенци на Славјанка? Потемнеле, се поматиле. Како само тие се погледнуваа крадешкум со Ивац некогаш. А сега ништо. Никаде ја нема таа возбуда, го нема тоа треперење, тој пламен... Колку време само требаше да сфати дека сум Самуил. Во неа изгледа толку се вгнездила сестра Софија, што таа изгледа не ја чувствува воопшто Славјанка во себе. Личи како да ја истиснала едната другата. Зар е можно тоа? Само пак постој, почекај, Самуиле, немој, не брзај, белки ќе ги задоволи Славјанка Гавриловите љубопитства и немири. Зашто, во човека додека робува еден зароб, може да загосподари друг закон.

(Влегува Ивац, носејќи извештај на служевник).

ИВАЦ: Повели, кнезу!

САМУИЛ: Повелба да имаш, Ивац. Дај го првин мечот, да не е пак некој заговор како оној на Арон.

ИВАЦ: Не бој му се, кнезу, штом Ивац те служи. Читај па ќе видиш каков воен доклад стои тука напишан. (Озрачен во лицето).

САМУИЛ (Изненаден): Ивац, моја верна војводо, старино моја верна, моја десна рако, победниче во многу битки славни. Што молчиш, што не кажеш веднаш како нижеме успех по успех. Значи успеа мојата препорака за пробив на живиот ѕид со најхрабри стрелоносци напред. Та вие сте ја опколиле Лариса!

ИВАЦ: Целиот народ од оваа страна на Лариса е со нас, честити кнезу. Немаме тука мака. Византиските војски беа растурени, а и се повлекуваат кон Солун и Лариса.

САМУИЛ: А самата Лариса?

ИВАЦ: Тука ќе биде тешко, кнезу мој.

САМУИЛ: Како тешко, зошто тешко?

ИВАЦ (Загрижено): Тврдината е силна, а Византијците се безмерно богати и бескрајно многубројни. Поради тоа од големо значење е да го заземеме овој чиреј на здравото наше тело.

САМУИЛ: Прав си, да чиреј. Вистински чиреј! Туку, старино моја, јас мислам дека не е неразрешлив, крај сите наемништва, крај сите платеништва и тој на прв поглед Гордиев јазол. Само јас по сè ќе морам да ги оставам овие моментни семејни бури и да доскочам со тебе и со Гаврил и јас лично до Лариса.

ИВАЦ: Волја твоја, кнезу. Ако наоѓаш за потребно нам со Гаврил ќе ни биде само мило да ги втроиме силите.

САМУИЛ: Да Ивац, првин не мислев така. Да си признаам, јас долго не мислев така, зашто, како што гледаш и самиот и овде треба да се работи, а вие со Гаврил доволно докажавте дека сте силни, зрели полководци. Меѓутоа, не само што треба во дадениов момент да се подигне духот на војската, туку, чинам, ќе треба да се поведе и нова подмладена ударна сила што ќе треба јас лично да ја поведам во бој. Јунаци сте сите вие, деца од мојот славен род, зашто сме сите ние синови на громовникот Перун и на стрелоносецот Велоса од старо–прастаро време од деда–прадеда...

ИВАЦ: Прекрасно.

САМУИЛ: Потоа ќе треба да здивнеме малку и да ги пуштиме мажите кај жените за да живее и да го продолжува животот ова наше племе, овој наш народец, ако сакаме да имаме и род и пород достоен на татковците и на дедовците и да имаме успех и напредија во она што сме смислиле да го сториме и да го повеламе. Инаку, спас и бог од оваа положба ни нема. А тебе (насмеано), Ивац, да знаеш, не те оставам веќе да самотиш само немој да ми откажеш тогаш (му се заканува со прстот).

ИВАЦ (се смее): Ќе има убави Гркинки колку да сакаш, ако даде Господ и среќа јуначка, честити кнезу.

САМУИЛ: Ќе даде, Ивац, само живот и здравје...

ИВАЦ: Довидување, кнезу.

САМУИЛ: Довидување во Лариса, војводо.

Завеса

 

 

 

Трето дејствие

 

(Пред тврдините на Лариса во лирски делириум, Гаврил ја милува Ирена, таа изразито убава во профил патрициска ларишанка, кога до нив втасува Самуил).

 

ПРВА ПОЈАВА

САМУИЛ (Потсмешливо): О, хо, хо, полководецу мој, си ѝ кажал ли на убавицата како се љуби по нашински? Што одговор дава ларишанката на она што си женет со Габриела, ќерка од кралско колено, благословен од татко ти Самуил и мајка ти Агата, среќен во бракот со машко чедо по име Михаило.

ГАВРИЛ (Станува распашан): Не татко, чинам не треба кога се сака, сè да се каже. Доволно е само срцето да проговори и тоа е сосем доста за убавицата.

САМУИЛ: За убавицата е доста, можеби, и јас го знам тоа, но дали е, и дали треба да биде и за јунакот, е прашање за одговор.

ГАВРИЛ (Иронично): Изгледа тоа во ваше време не било та толку што те чуди и те изненадува, те гледам. Да ти ја претставам: Ирена е најубавиот „плен“ на Лариса, татко.

САМУИЛ: Тоа ли е таа, синко, поради која ја остави Габриела да самотни со Владислав и со Марија во Просек? Го напуштила својот народ и дошла овде само женско да се нуди и да се војува.

(Ирена зграгорена реагира гневно, ситно чекорејќи на просторот пред себе).

ГАВРИЛ: Не навредувај, татко, зашто и таа е човек и, не е така како што сметаш ти „евтин“ плен. Татко ѝ е во немилост кај царот Василиј Втори. Од патрициско колено е Ирена. А ние се сакаме...

САМУИЛ: Знам, синко, каква е љубовта. А за потврда тоа го гледам и овде, како што го гледам од височинкана кубено на камбанаријана на Свети Ахилес, што се надвишило над Лариса, какво уште повеличествено ќе изградам во мојата островска Преспа за да заприлега тој наш од убав поубав брсјачки предел во знак на благодарност што ми даде сили за истрајна четиригодишна опсада на Лариса. Сепак таа си е Ромејка, а ние сме си со нив крвно зајадени.

ИРЕНА (Во себе): Ме предизвикаа овие да помислам на татко ми. Којзнае колку време лежи заточен во стара Грција да нема на стари години кој да му ги олесни грижите, маките, да го пере – препере, збор да не се чуе од негова уста, а така нè растел нас, мене и сестра ми помалата, како деца.

ГАВРИЛ (Пламнува): Татко! Ах, татко, те молам повлечи го зборот што го рече, зашто ми се чини, толку ми се мати во мозоков, некакво чудо ќе направам, а можеш да ме натераш да истргам и меч.

САМУИЛ (Советодавно): Немој, синко, не лудувај, остави ја заканата, и разбери, ако ти е до тоа, насекаде има женски поли и тие секаде за подобро срце за евтино се продаваат, но домаќинството и домаќинката со ништо живо, ни со младост, ни со монети не се докупуваат. Но не е сега таму упатена нашата цел, што е мошне сложена, и на бојното поле и на семејното зглавје.

ГАВРИЛ (Гневно): Обврски, обврски, насекаде обврски. Не може глава да се крене. Никаде мир, никаде спокој. Барем да бев загинал во толку лути битки, демонски судири, ќе беше решено сè еднаш засекогаш, и тогаш ни главоболка, ни тебе, Гавриле, само кај што те боли забот, само тамо ја тераш работата – да ми вели татко ми (за себе) ката месечина, ката смена, јуначка, војничка, ко што ми се вели впрочем.

САМУИЛ: Истерај го змискиот отров што ти влегол во срцето од оваа змиска убавина, синко. Тука работата не е и по никаков начин не може да биде чиста ако сакаш да знаеш, та си ме почув та не. Зашто, впрочем, и грев е на крајот на краиштата, по наша вера и закон, туѓовозрасна женска челад без венчило да се втонува во машка самица...

(Ситуацијата е наполно разбрана и од Ирена и е мошне напната).

ИРЕНА (Непоседно): Гавриле, љубов моја, штом била таква работата, јас си одам. Не сакам никому да му пречам. Мене не ме испратиле старците советници на градот мој да барам милост со своите чувства кај овој кнез со тврдо како кремен и студено како мермер срце, па да морам да стојам овде додека ми попува татко ти благослов за тебе важен, можеби, но за мене сосем беспредметен.

САМУИЛ: О, многу итро, девојко.

ИРЕНА: Јас знам и поитро, туку не смеам. Во рацете сум ви.

САМУИЛ: Стара е таа оддалечи ја од нас „дивурија“; скраја да е.

ИРЕНА: Не го реков јас тоа.

САМУИЛ: Но се токмеше да го речеш?

ГАВРИЛ: Ирена!

ИРЕНА: Нема Ирена штом била ваква работата.

ГАВРИЛ: Како нема Ирена не разбирам? Зошто нема Ирена? Што се стори Ирена? Каде отиде, кај излета таа убава ларишанка?

САМУИЛ: Пушти ја неа, оддели ја од себе нека плива, синко, каде сака нека оди, каде и љуби волјата нека си го пули патот.

ИРЕНА (Навистина тргнува да си оди): Беше на земја, излета на небо, ете што сакаш повеќе, клетниче, да ти каже твојата Ирена. Мислиш ти, можеби, дека таа патрициска девојка и леб не јаде, туку живее од свети дух, како самодива, самогорска, дрзниче.

САМУИЛ: Во ставањето на здравица здрав темел синко, уште како ќе си имаме главоболки поради кое ќе треба да се остава зад себе секакво премреже додека плетеме трпеливо мрежа, и за најкрупна и најситна риба и рипка. Народот што сме го заповеле, водејќи го кон подобра иднина и подобар живот, ветувајќи му праведна власт и слободна земја, нема време за љубење.

ГАВРИЛ: Ирена, најубавиот цвет од градината на моите соништа!

САМУИЛ (Разметливо): Нескромно е, синко ти да се забавуваш макар и да е оваа убавина „самовилска“, самата ко што ти рече, а секој наш воин век да векува далеку од својот дом и од најмилите, жената, децата...

ГАВРИЛ (Колебливо): Татко, Ирена...

ИРЕНА (Иронично): Остави, кнежуле, не гибај ме во рана која крвотни, зашто не сакам никој да ме смета за крпа со која си ги бришат рацете мажите во машките логори. Впрочем, јас мислам дека мојата љубов што веќе години траеше спрема тебе, беше далеку почиста за да не мора онака навредливо да ја вика кнезот „змиска убавина“ што би ја грабнал и самиот тој да може и да му се дава една ваква ларишанка, образувана во високите грчки школи.

(Ирена која дотогаш нервозно и на место тропкаше, преместувајќи се од нога на нога и од место на масто сега веќе забрзано се готви да си замине).

ГАВРИЛ: Ирена, Ирена... Чекај, девојко, уште нешто да ти кажам.

ИРЕНА: Не труди се, Гавриле, толку околу мене, немој, не треба, откако и онака и самиот гледаш дека сè е свршено меѓу нас. Впрочем јас можам и сама. Настојувај, потем, колку побргу да ја заборавиш четиригодишната љубов и подобро ќе ти биде, јас мислам, ако ја замениш со некоја зла Ирена, како јас што ќе се обидам во срцево да сместам некој сметен Гаврил, способен да се одушеви од големата љубов каква што беше впрочем мојата спрема твојата што ќе вреже спомен еднаш за секогаш во тронот на своите зимзелени зеници ко на кнежулето во кнезовите.

(Потоа Ирена дефинитивно си оди).

 

ВТОРА ПОЈАВА

ГАВРИЛ (Почнува да се распојасува): Татко, ох, татко, што ми стори ти откако ми се замеша во уживањето на најубавиот ларишки цвет. Дури сега ми е наполно јасно каков си во омразата.

(Прижежува, зашто сонцето силно припечува).

САМУИЛ (Бесен од лутина): Што? Да не мислиш ја сакав стрина ти та затоа го убив стрика ти?

ГАВРИЛ: Не знам каква прељуба, каков престап врие во тебе и каков враг те гони на раскол, татко, но навистина и тогаш се исплашив за Владислав, исповедан грев не е грев, како сега за девојката додека го чистеше пак мечот. Луничав си на моменти, на моменти способен сè да сториш, а потоа откако ќе ти мине луната одеднаш стануваш друг, како ништо да не било, како да не си ти.

САМУИЛ (Му подава рака): Дај да си ги пуштиме рацете еден на друг, Гавриле, зашто крвта вода не станува. Ти си моја крв, те гледам моја, и откако подобро ќе размислиш и уште помоја ќе бидеш и ќе останеш.

ГАВРИЛ (Откако го гледа и се колеба): На, ако ти е за до раката. Само страшна ти е сенката, тоа треба да го знаеш. И на тетка Славјанка така отпрвин ѝ се зеде здравјето како мене сега.

САМУИЛ: О, хо, хо тоа е веќе многу. Како ви се зема здравјето од мене не знам, кога ни со копје фрлам по вас, ни со стрела, синко?

ГАВРИЛ: Зборовите ти се стрели секавични, татко, погледот од очите молњи ти реже, громови ти пушта.

САМУИЛ (Резигнирно): Подобро би изгледало да си мислиш така, синко, отколку што ги сновеш со деноноќија логориве со неа за да не мора секој гласник што ќе пристигне во Герман со присмев да ѝ приоѓа и сосипничнки да ја огорчува Габриела со лажни поздрави за здраво–живо. А колку за тетка ти Славјанка што се однесува, таа и овде може да дојде слободно и непречено за да благословува среќен живот и кревко здравје меѓу војнициве како сестра Софија, зашто ти самиот ми раскажуваше што страданија видела во животот, само и само да е поблиска до нас. Зашто, земјата влече и инаку, а камоли најден како нејзе со никого свој околу себе на стари години.

 

ТРЕТА ПОЈАВА

(Од далеку се слушаат победоносни звуци. Ивац води една избезумена жена, целата парталава, во скутот носи кореништа од билки, ковчишта, кокалишта од пцовисани мрши, мртовечки череп, придружена од Ивац силуетно).

ГАВРИЛ (Се препознава): Ене ја тетка Славјанка, доаѓа како порачана, таа самата ќе каже сè најдобро.

САМУИЛ (Истрпнува): Што бара сега пак таа овде поѓаволите, и тоа ѓавол да ја носи онаква за пак да ги тера војниците на нов дошеп и на нов озбор. За мене, туку идат горчила разни...

ГАВРИЛ: Ако де, нека го разбуди тоа што заспало во тебе, кнезу, за да видиш и ти како е. Боли ли, или не боли?

САМУИЛ (Растревожено): Ама носи ми се од пред очите, та ти, та кој било друг, не можам веќе да ве слушам.

ГАВРИЛ: А, не можеш да нè слушаш, а ние можеме... Та ти самиот пред малку се повикуваше на неа како на сведок и молитвуваше да дојде за пред војнициве и за во војничкиве рабоќе... Како сега вака се мени и се изврте, не знам, во полза на кого и на што?

(Кога ќе дојде среде сцената, жената го истура скутот).

ИВАЦ (Покажувајќи кон жената): Славиме победа, кнезу! Еве ја Лариса.

САМУИЛ: Која е оваа, војводо мој славен? Се преплашив да не е Славјанка.

ИВАЦ: Не, не е Славјанка.

САМУИЛ: Сега гледам и јас дека не е Славјанка.

ГАВРИЛ: Не плаши се татко, не е тетка ми.

САМУИЛ: Која е, војводо, женава во која се препознавме и јас и Гаврил, не кажа.

ИВАЦ: Ова е онаа жена, честити кнезу, што ја фативме на гробиштата кога се обидуваше на мртвиот маж да му го прегризе колкот.

ГАВРИЛ: Сите имаме гравови да плаќаме, кој повеќе кој помалку.

(Жената држи в раце мртовечки череп).

САМУИЛ: А што ѝ е она во рацете што го држи ко смртта да ја држи в раце.

ИВАЦ: Черепот на претците.

ГАВРИЛ: Сите ние си ја носиме смртта како судбина кој порано кој подоцна (песимистички расположен).

САМУИЛ: Приберете ја!

ИВАЦ: Нема ли друга наредба, кнезу?

САМУИЛ: Која, каква, по кој повод?

ИВАЦ (Ко за себе): По однос на падот на Лариса...

САМУИЛ (Се тргнува ко од сон, замислен, потем извикува): Па што чекате сега, синови мои, чеда мои мили, отворете врчви со мед и вреќи со лешници, колете добиток и дајте да се јаде и да се пие за да се развесели народот на Лариса. Само со убаво, само со благо се спитомува народ, бидејќи народот колку повеќе го раздивуваш, толку повеќе го отуѓуваш, терајќи го да скока и да ти се противставува. Добрина за добрина, дарба за дарба. На птицата телото ѝ е во перјето, на воинот срцето во оружјето, на човекот душата му лежи во човештината. Гледајте ја само нашана Светиклиментова градина како цути, земајќи ја за пример и како напредува, па ќе осведочите што е во состојба да стори мудрата глава и трудољубивата рака.

 

ЧЕТВРТА ПОЈАВА

(Ивац и Гаврил седат на една вишинка пред тврдините на Лариса).

ИВАЦ: Слава Богу, и тоа еднаш се сврши. Туку, што е намесниче, што си толку тажен, што се случило со тебе та така си се стуштил, заглобил во мисли, облак веѓи си намуртил?

ГАВРИЛ: Ништо, војводо, туку така си мислам, еве веќе четири години војуваме рамо до рамо, гради до гради, меч до меч, и ни една исповед не сме си чуле, не сме си рекле еден на друг. Ти си целиот оддаден на воените работи, војводо, ко братучед ми Владислав на небесните и така сме секој на свој начин оддалечени од природните.

ИВАЦ: Би имал наполно право да се налутам на тебе, намесниче, за ова што ми го рече како на татков воин и на синов прв војвода.

ГАВРИЛ: Тогаш што ми се мешаш? Подобро пушти ме да си поживеам со своите надежи или со својот очај, сеедно, војводо. Пак белки кој чека ќе дочека. Белки ќе дојдат повесели дни. Ако не, ништо не ни било, ни прв ни последен ќе сум кој почнал не завршил...

ИВАЦ: Сакаш да кажеш дека не те разбирам, Гавриле.

ГАВРИЛ: И не можеш и да сакаш, војводо, зашто си ист татко ми по овие прашања што мене ме кинат, иста нарав, иста природа. Со исти очи гледавте на сè што ми го лости срцево, очајува душава, како да сум открил, ми се чини, најголема воена тајна, толку болно се чувствувам, војводо. Само, сепак не знам што има тука толку навредно? Што реков толку болзадавачко?

ИВАЦ: Ете тоа, на пример, за човекот што беше било! Зар ние, војниците, не сме луѓе? Зар ние немаме душа? Не чука ли во нас човечко срце?

ГАВРИЛ: Не го реков јас тоа така, војводо. Ти сосем погрешно ме сфати.

ИВАЦ (За себе): Се разбира, секој има право да се брани. Туку којзнае во очите на другиот како изгледам, како некое старо волчиште – војничиште и на што сум заприлегал.

(Двајцата за миг изгледаат очајно, интроспективно. Гаврил гледа во небото, Ивац в земја. Молчат.)

ГАВРИЛ (Исто за себе): Како да гонам вештерки, си ги колнам дните...

ИВАЦ (На Гаврил): Но, како за правилно да те сфатам, Гавриле? Кај ти е Ирена, таа најубава ларишанка, четири години токму со нас што војуваше рамо до рамо, а што ја истргнавме од очајот со подвиг кога со косекуб, плач и ридание го придружуваше татка си по патот на заточение кај Василиј Втори, делејќи го и доброто и злото во војната додека тајно влегуваше и излегуваше во Лариса, носејќи ми најполезни вести за состојбата на градот.

ГАВРИЛ (Очајно): Нека оди сè по ѓаволите, реков еднаш, ништо не спомнувај ми, војводо, за таа моја пролет во животот, зашто ќе направам чудо почудено, чудо невидено, ако ми се приспомне за тоа што го имав, што го загубив.

ИВАЦ: Јас со наклоност...

ГАВРИЛ (Му го пресечува зборот): Ти со наклоност, војводо, туку татко ми со омраза. Затоа не гибај тука, не подновувај стари рани, не подмладувај диво месо додека не најдам и самиот залек ако воопшто го најдам за она што не го разбира господарот ми татко.

ИВАЦ: Во тој судир ли е пак заматена работата, заметната расправијата, та што ве гледам обајцата кисели, намесниче татков?

ГАВРИЛ: Во што друго, војводо?

ИВАЦ: Тогаш ќе се обидам јас да се намешам, намесниче кнежев, за да најдам залек од таа болка, од таа рана.

ГАВРИЛ: И да се намешаш, и да не се намешаш,толку ти чини, војводо. Зашто, и тогаш кога ме беше натокмил за Габриела, тој ми ја ожени на сила, без моја опита. Поради тоа сит сум од сè.

ИВАЦ: Не хули така, татков намесниче, не зборувај грдо за госпоѓата своја, зашто грев е и хула така да се зборува за неа и за нејзиното страдање на срцето.Ти се колнам дека таа е најкрупниот маргар, најмилиот и најсаканиот бесценет камен на дворецот во Герман...

(Ивац се токми да замине.)

ГАВРИЛ: Се брзаш, војводо, те гледам.

ИВАЦ: Брзам, Гавриле. Дури веќе и се забавив.

ГАВРИЛ: До кога сите ќе ме сметате за дете?

ИВАЦ: Си вообразуваш.

ГАВРИЛ: Какви сте плукнати сите, како една мајка да ве родила. Ни некој за нокот поваму, ни некој потаму. Не мрдате.

ИВАЦ: Што ќе мрдаме, откога така ти е тоа. Така ти се чини, Гавриле, кога секој својата болка си ја кажува, секој на свој начин нему достоен и достапен си се тужи, ти твојата, татко ти својата. Кому да му веруваш понапред откога се знае дека поради жени царства паѓале, покрај жртвеници – жртви!... А на жените во крвта им е да сакаат да престолничат...

(Во полуубиена денска светлина, во замраченасилуетна појава на предметите ко во облак на сцената стапува Добромир).

ДОБРОМИР (Во полумрачна појава): Каква слава, каков триумф. Кнезот е овенчан со венецот на победата. Пред неговите нозе се поклонија најголемите ларишки велможи и откако коленичија, паднаа метании и највисоките црковни великодостојници на градот. Ова е, богу благодарност, богу фала, поради кое бога фалиме,бога славиме, најубавиот божји подарок за денес и за во вјек и вјеков, амин (Се крсти). Што се овие богатства што ги истурија ларишани пред нозете на кнезот, боже фален, во споредба на неговата милост да ги види паднати на коленици како бараат прочка и нудат надомест?

ПЕТТА ПОЈАВА

(По помпезниот триумф, Самуил и Ивац водат интимен разговор).

САМУИЛ: Од каде сега пак, војводо, ваков раскош и вакво невидено богатство во Лариса? Нели рече ти дека ларишани добро ги познаваш, живи се јадат едни со други ко онаа жената со колкот?

ИВАЦ: Пак велам, богати се ларишани со злато,честити кнезу, бидејќи се големи трговци и се итри Ромејци. Му ја знам, ми се чини, секоја жила крвоносна на овој град, а и Гаврил му ја знае по Ирена.

САМУИЛ (Се прави дека не ја познава): По која Ирена?

ИВАЦ: По онаа, де, најубавата ларишанка.

САМУИЛ: А, ха, има ли тука и твое масло замешано, војводо?

ИВАЦ (Поднасмевнато): Не, кнезу, само што си е, си е; девојката мошне многу ми услужи и тоа е сè.

САМУИЛ: Што ме интересира мене тоа што ми го кажуваш? Зошто сте се зафаќале со неа? Зошто сте ја воведувале во воените тајни, војводо? Кој ви рече тоа да го правите, создавајќи ја оваа чаша?

ИВАЦ: Никој, кнезу. Така тоа само од себе испадна природно и добро послужи за делото, чинам.

САМУИЛ: А сега?

ИВАЦ: А сега, ништо. Да ги пуштиме работите пак природно и неизнасилено да си течат како што си течеле.

САМУИЛ: Добро, Ивац, убаво велиш, да го оставиме тоа сега засега и јас се согласувам. Туку, што да правиме со заробениците, тоа мислам дека е поважно. Дали за пример да ги уништиме, или да ги пуштиме за да им ја докажеме нашата бестрашност?

ИВАЦ: Ни едното, ни другото, кнезу, најдобро ќе биде да ги пуштиме во наши страни на заточение.

САМУИЛ: Не, не, војводо! Заробеништвото е товар, а ние сме безгрижни кога стрелите ги ставаме во појасот, а копјата ги фрламе в трње.

ИВАЦ: Уживај ја непречено тогаш Лариса, кнезу. Дај наредба да си ја прославиме победата. На Лариса ќе ѝ ставиме наш знак на триумф.

Завеса

Четврто дејствие

 

(Самуиловите тврдини во силуета од едниот агол на сцената, од другиот царскиот престол во Охрид).

СЛАВЈАНКА (Во полутемно): Видов и полно ми е срцево со среќа, дека добро е расположен мојот Самуил, брат и братучед прв по крв и по божја милост. Сега сосем слободно можам пак да му се оддадам во божји раце на некој манастир за да го пречекам крајот, зашто убаво се затемели нашата земја и се зацврсти со силата божја нашиот напатен народ. Овде сум за пред цел свет Славјанка и да решам да останам ќе останам само како Славјанка и никако поинаку. А јас сум посветена како сестра Софија и како таква треба да си заминам за да му служам на бога во цел божји свет. (Си оди засекогаш).

ДОБРОМИР (Исто така во полутемно, само со изменет тон на светлината): Дниве на светлоликиот Самуил во храмот на Свети Ахилеј премудрата глава му ја закити со светла царска круна на самодржец патрикот Герман наречен и Гаврил, кој својата архиепископска расположија од Воден ја префрли во преспа и откако и самиот беше ракоположен во чин на патрик, го миропомаза и кнезот во царски чин на великодостојник властодржец, кој сега заедно со царот, по славната победа на бесмртието на Лариса, Охрид го одбра за своја славна столица.

Пред тоа царот Самуил даде во Охрид да се изгради нов дворец што го опаша по божја милост и волја на народот со дебели тврдини на врвот на највисокиот брег за спомен и за зштита на населението во царскиот град и во царската земја. Тоа го стори во чест своја и во име на сенародната слава што ќе ги надживува вековите ко орелот што ги надвишува другите птици во својот царски лет и ќе говори ко вечен сведок за великиот цар и великото царство на Балканскиот Полуостров во вјек и вјеков.

 

ПРВА ПОЈАВА

(Самуил во царска облека и со царски знаци води разговор во ранска доба со Ивац кој е во воена спрема).

САМУИЛ: Како ти се допаѓа тврдинава, војводо? Ја изградивме во твое отсуство.

ИВАЦ: Мошне убава, царе мој. Кој ја изгради, кој ја изведе, та е толку великолепна, мошне би сакал да знам.

САМУИЛ: Наш човек, наши луѓе, наши јуношници тоа го сторија, војводо.

ИВАЦ: Но кој поточно го даде планот, честити царе?

САМУИЛ: Е, кој, Ивац, не се досетуваш? Тоа го стори Војнимир со оној Мирострој, кој во еден сенокос го постави на здрави темели ко на здрави нозе војнички и дворецот во Преспа.

ИВАЦ: Наши строевници и ѕидари велиш, честити царе, тоа го сториле. Ме весели, да ти кажам право, ако и за оваа и ваква работа сме оспособиле наши луѓе. Значи, сме станале вистинска држава, а не само еден обичен воен логор, често зависен од суредбата и вкусот на туѓ ред и туѓ поредок, откога имаме и уште како свои училишта и свое писмо што ни го создадоа и ни го зачуваа од секаков загин светите мажи Свети Климент и Свети Наум Охридски, зачувувајќи го словото божје на нашата земја.

САМУИЛ (Гордо): Го избрав местово над двата други брега, Ивац, додека дворецов и тврдинава ги пуштив на волја да вишнеат над Езерово, облеани со обилно сонце ко круна со прскот од бесценети камења. А сега Охрид, јас мислам, војводо, ќе треба да се пушти да расте слободно и непречено над недогледните води плискотни на Езерото Охридско за да не биде водата само врзана в камен и биена в бигор. Ела тогаш да те видам, какви сака пратеници да ти дојдат, да не ти е срам да се појавиш и да се покажеш за да ги пречекаш царски...

ИВАЦ (По војнички): Тогаш молам за позвол, честити царе, за да ја опшетам тврдинава.

САМУИЛ (Весело): Имаш слобод колку сакаш и каков сакаш, војводо.

(Самуил останува сам, потонат во мисли).

САМУИЛ: Сè е добро, сè, само едно не чини. Каде ли ќе закуќи гнездо Славјанка? Дали воопшто таа ластовица ќе прелета Југ и ќе задоми макар и манастирско гнездо, или ќе се потолчува и натаму по светот од немило до недраго. Како дојде, така си отиде на долг далечен, а можеби и неповратен пат во баштината. Уверен сум дека и Марија и Владислав во меѓувреме го имаат правено своето ко што знаат тие.

(Се слушаат весели женски гласови, од портата излегуваат Агата, Габриела и Косара).

 

ВТОРА ПОЈАВА

САМУИЛ: Каде сте исшетале, госпоѓи мои? Каде сте забрзале од?

АГАТА: До Свети Пантелејмоновиот храм, господару, ако немаш ништо против.

САМУИЛ: Што би имал против? Каде ви е Марија?

АГАТА: Таа остана дома, господару.

ГАБРИЕЛА: На домашна молитва.

КОСАРА: На закон ко на закоп.

АГАТА: Ајде молчи ти тука, малечка, не е твоја работа.

САМУИЛ: Што сон видовте?

АГАТА: Се зарековме.

ГАБРИЕЛА: Се заветивме.

КОСАРА: Да, тие две се обетоваа на сон, татко.

САМУИЛ: Како сте се заветиле?

АГАТА: Со простена молитва.

САМУИЛ: Мирисате на земја: Упокој души раба твоего!

АГАТА: Да, господару, има тука нешто што ни е спроти глава.

САМУИЛ: Побргу, речете, што ви работи спроти глава, да ве разберам, монахинки мои.

АГАТА: Ти си нешто своеврсно расположен, господару.

САМУИЛ: Не знам кој, свештенице моја, пресветија владичице, Богородице дјево.

АГАТА: Ќе стануваме калуѓерки.

САМУИЛ: Што ќе правиш со мене тогаш?

АГАТА: Ќе те оставам да си починеш.

САМУИЛ: Да си починам, а ти друг да...

АГАТА: Не така да си починеш. Не да се упокоиш, туку да се успокоиш, Самуиле, за уште повеќе да ги потераш државните работи, да ги унапредиш царскиве, Царевината.

САМУИЛ: За таму ли сте тргнале, навистина, та што не ми вртите глава, госпоѓи мои?

КОСАРА: Јас сум тука, тате, ти само биди си без грижа спокоен.

(Самуил ја гушнува Косара, сите грохтно се смеат и си одат).

ТРЕТА ПОЈАВА

(Самуил тупка со патерицата кога отповтор ете го Ивац).

ИВАЦ: Ја опшетав тврдинава, честити царе. Навистина е мошне убава. Надвиснал дворецот над Лабино како пролетен цветец во рајско градинче, само сепак имам белешка, бидејќи внатре чинам недостасува малку дворски ред.

САМУИЛ: Во која смисла мислиш тоа, Ивац? Нели реков дека изградивме дворец во кој ќе можеме да пречекаме пратеници и од најславен род.

ИВАЦ: Не мислам на тоа, честити царе, по никаков начин, ти тоа убаво го знаеш.

САМУИЛ: Тогаш на што мислиш? На недостигот на дворски церемонијал?

ИВАЦ: Ни на тоа дотолку, бидејќи откога се зацари, светла круно, ти мени многу обичаи и многу редови во новиов царски дом, од каде се раководат толкав број дијацези и заземи од туѓи земји.

САМУИЛ: Е па тогаш што е тоа, Ивац, ти што го гледаш ко по јасно сонце и ко по јасна месечина уште поубаво, а јас што не можам да го видам? Можеби разновкусие во суредбата внатрешна, кому како ќе му текне?

ИВАЦ: Не, туку, преголемата слобода што ја имаат во дворецот Владислав и Марија, честити Самуиле.

САМУИЛ: Што можам тука јас, кога жените имаат повеќе збор?

ИВАЦ: Како што можеш? Зар твоите госпоѓи да излегуваат од домов, а Марија и нејзиниот Владислав да ги оставаат да коват коварни планови по ширините на дворецов?

САМУИЛ: Хм, можеби имаш право. Тука ќе треба нешто повеќе да се има предвид за да се направи и да се стори. А вие со Гаврила, освен тоа што ќе треба и уште повеќе да го стегате оружјето околу појас, потхранувајќи ги и уште повеќе потфатите и преземањата во државава, моја царска војводо, ќе треба да се заложите и за оваа потрага одејќи им по трагата и по стапалките на Марија и Владислав.

ИВАЦ: Се разбира тоа само по себе, царе мој. Царевиот воин стои секогаш на страж, буден, служејќи го својот милен цар како војник и како труженик на полето на доброто на државата.

САМУИЛ (Гледајќи го во воена опрема): А сега каде пак, Ивац?

ИВАЦ: Се знае каде му е местото на воениот заповедник во овие воени прилики. На зафатнината спроти Ромеите. Таму, во таа заредница војникот го чисти, стокмува и подмачкува своето оружје како полгрешникот душата во чистилиште. Таму го кове со мев и го остри со точило сред глутница каде што го темнее и го разденува...

САМУИЛ: Имај ми го в зеница тогаш Гаврила, војводо.

ИВАЦ: Тоа е и без да ми го кажеш, моја грижа, царе мој. Толку повеќе што војните итака–итака во многу ни ги имаат заличено годините во времето од ноќ до ноќ заедно и како да ни го имаат израмнето врсништвото што е за сите нас војниците прав и единствен долг.

 

ЧЕТВРТА ПОЈАВА

ДОБРОМИР (Сам): Добра моја земјо, мое славно царство! Нека те грее вечно сонце на слава, нека те кити ореол на триумф. Ти бескрајно порасна, се возвелича како Царевина, со милоста божја и бесмртното име Царево. Во тебе долините и полињата, планините и реките, езерата и пладнините раѓаат такви војници и заповедници што на далеку по падините и бреговите и морињата ја разнесоа твојата слава. Пресветлото име на Царот Самуил насекаде сега се носи со восхит и се изговара со најдлабока почит, метанија и паѓање на коленици. Во оваа земја штом ќе стаса пролет, овошјата што ги накалеми светиот маж наш Свети Климент Охридски, се опсипаат во бујат цут што носи турен гранка богат плод, а додека ластрат лозјата во својот надрочен грозд, носат самоток вино за света молитва и света причесна во изобилство за опток на светите олтари и светите божји трпези по домовите, црквите и манастирите наши. Благословен е овој народ мој од бога даруван и даден на водење на мојот од бога избран Цар Самуил. Впрочем, и госпоѓите му се добри како во божјето семејство, во имја оца и сина и светаго духа – амин. (Се крсти длабоко).

(Враќајќи се госпоѓите од света молитва го гледаат Добромира кој се крсти во ползанес).

АГАТА: Што е, Добромире, што го мамиш сонцето на трпеза да ти дојде?

ДОБРОМИР: Преблага, премудра, преблагоусна и преблагочестива, господарко, од благороден род. Вие и сами знаете оти нашето сонце е од бога благослов и дарувание за да личи царската трпеза со него, поради кое јас, неговиот роб и поданик Добромир нему, на возвеличениот Цар и вам, Царице моја, ви молитвувам крепкост и добро здравје и ви пожелувам долг и среќен живот навеки...

(Сите се смеат на духовитиот одговор).

АГАТА: А ако за крепкост, Добромире, посакам подмишка малку да ми ја понесеш уморава што ми ја создаде возвишенкава над Плаошник од Свети Пантелејмон до тврдинава, тогаш што ќе кажеш на тоа?

ГАБРИЕЛА: Ќе одбие.

КОСАРА: Не ќе посмее.

АГАТА (За себе): Токму би сакала така де се понесе овој наш Добромир.

(Му ја пружа раката Агата за подмишка, но Добромир се прави како да се двоуми).

ДОБРОМИР (Повторно се крсти): Благослови ги, господи, со своето миро госпоѓиве што ме удостоија мене роб и поданик твој и царев да го отстранам ова искушение кое како во Византија и овде како да сака да воведе чудна обноска.

(Госпоѓите повторно брбнуваат во смеа).

ГАБРИЕЛА: Ви реков?

КОСАРА: Ми се допаѓа.

АГАТА: Што ти се допаѓа, Косаро?

КОСАРА: Ми се допаѓа духовитоста на Добромир. Тој знае и да рече и да одрече.

АГАТА: И мене ми се допаѓа.

КОСАРА: Што ти се допаѓа, мамо?

АГАТА: Вкусот, ќерко, што го има една добро воспитана девојка од царско колено.

КОСАРА: Што сакаш да речеш, мамо?

АГАТА: Сакам да речам, ќерко, дека добриот вкус што треба да го има една девојка секогаш треба да се граничи со мудроста на дворскиот поданик што се наоѓа во праведна служба на својот господар. А, ти, Добромире, не ја одигра доволно добро својата улога, би рекла јас. Другпат ќе треба подобро да ја играш.

(Му се смее, се смее и тој и ги собира рамениците).

 

 

ПЕТТА ПОЈАВА

(Марија и Владислав во расправија излегуваат од тврдината).

МАРИЈА: Тие ме одбегнаа мене за в црква, Владиславе.

ВЛАДИСЛАВ: Сигурна ли си во тоа, Маријо.

МАРИЈА: Сигурна сум веќе и пресигурна, зашто го пратија тие лајкучки Ивац да ме види и да ме проконтролира?

ВЛАДИСЛАВ: Дане така ти се сторило, моја мила Маријо?

МАРИЈА: Море, иставими се ти мене со тоа твоето, „моја мила Маријо“. Не ми треба мене тоа.

ВЛАДИСЛАВ: Ами што ти треба, Маријо?

МАРИЈА: Што ми треба? Ми треба – и ти а и јас – да значиме овде нешто повеќе. Инаку, истави ми се од шијава, ти реков, и пак ти велам. Што ќе ми си ваков ако си и понатаму замрзнат?

ВЛАДИСЛАВ: Немој така, Марие моја мила, да велиш. Зашто знаеш ти и самата мошне убаво што значиш за мене, што значам јас без тебе, и што значи мојот живот без твојот во овој „царски“ изгор како што ти имаш обичај да велиш.

МАРИЈА: Токму затоа и ти велам и настојувам веќе тука нешто да се мени, и тоа откорен да се мени, зашто и ти си некој и нешто белки овде. Не си тукутака дојден. Додека беше Славјанка ај мораше да се молчи. Сега пак цареви станаа и пак треба да се молчи. До кога вака ќе мора да се молчи – не знам. Ти испаѓа како да си вонбрачен во овој дом, а не со легитимно право на постаророден и попрвороден отколку оној царевион Гаврил. Тука ќе треба сепак нешто да се смисли и да се изнајде такво нешто што ќе даде инаков плод отколку што досега даваше.

ВЛАДИСЛАВ: Не знам на што мислиш, Маријо, не те разбирам доволно. Те молам биди појасна, ако сакаш поотворена во кажувањето и во настојувањата.

МАРИЈА (Го фаќа за брада и го дрмуси): Нема ни да разбереш, глупчо, дотолку, не сили се. Туку, шутјаку мој низаеден, имаш луда среќа, лудо те служи счастие задека е итра твојата Марија, ќе смисли таа нешто што ќе го погоди и оној самоповикан самогласен Цар самодржец и оние надуени своевласни поткренати во носовите госпоѓи, како и оној Гаврил што седи ко на две седела – и тука и таму.

ВАЛДИСЛАВ (Наивно): Тогаш ако си сигурна во тоа што го велиш, да му го кажам сето тоа на чичко ми Самуил ќе биде најдобро, мислам јас.

МАРИЈА (Со прст на устата): Пст, Владиславе. Да не си кажал никому ништо. Прави си се, ти само како мене, видов – не видов, чув – не чув и ладувај си ја душата. Тоа нека ти биде твоето, а моето јас си го знам. А, ене го и Добромир, и тој ко Ивац, само три шути полош, каде ни оди по трагата, по стапалките...

ВЛАДИСЛАВ: И тука се лажеш ти, жено, чинам. Не е таков Добромир.

МАРИЈА: Молк, безволјо, бестијо бесознајна. Врагот црн нека те земе та нека те носи. Ти му велиш едно, тој тоа што си го знае. Носи ми се од пред очиве, оти ќе ти го викнам сега, та ќе видиш кој е и каков Добромир.

ВЛАДИСЛАВ: Немој, жити бога, не можам сега никого да слушам, мила моја Маријо.

МАРИЈА: Ќе го викнам (го вика) Добромире, Добромире...

(Добромир се врти и гледа кој го вика. Откако ги забележува Владислава и Марија во еден агол се упатува кон нив).

 

ШЕСТА ПОЈАВА

МАРИЈА: Се правиш како да не ме гледаш, Добромире.

ДОБРОМИР: Што милувате да речете со тоа госпоѓо?

МАРИЈА: Ништо повеќе од она што го чу од мојата уста, Добромире.

ВЛАДИСЛАВ: Нешто беше слаба утрово Марија, Добромире, поради кое не треба да те чуди дотолку што не би в црква како обично со другиве наши домаќинки, нели Маријо?

МАРИЈА: Не е вистина.

ВЛАДИСЛАВ: Што е вистина тогаш?

МАРИЈА: Вистина е дека си ти сенка на минатото, а тие се ѕвезда на иднината ако вака продолжиш, така чкртнато, така напишано од невидливата рака божја. Мене зело да ме носи со него, туку не слушај го, Добромире, Владислава што ти зборува, слушај ме ти мене што ти кажувам, зашто тој се занесува во нешто, нели умот му лета по нешто, по галици...

ДОБРОМИР (Правејќи се како да не разбира ништо): Што е тоа, госпоѓо, што Ве разгневило, а што не ми е јасно, што Ве мачи?

МАРИЈА (Директно нему): Не ме мачи мене ништо, слуго загубена.

ДОБРОМИР (Со сигурност): Сите сме ние слуги божји, госпоѓо.

МАРИЈА: Но не и на твоите господари, душо продадена.

ДОБРОМИР: Што ќе рече и ваш.

МАРИЈА: Не мој, да простиш.

ДОБРОМИР (Се преправа пак): Пак не Ве разбирам, госпоѓо.

МАРИЈА: Ниту пак ќе ме разбереш и ти ко него (очајна покажува го главата кон Владислав).

ВЛАДИСЛАВ: Маријо!

ДОБРОМИР: Вам Ви е навистина тешко, како што гледам, госпоѓо, убаво рече господинот Ви маж. Само не знам зошто се измачувате. Да не сакате нешто да Ви донесам? Или со нешто да Ви сум од помош јас, слуга божји, допуштете ми со нешто ако можам да ви услужам.

МАРИЈА (Тргнувајќи да си оди, изоставајќи го Владислав зад себе лута како рисмачка): Мавнете ми се од пред очите сите, не можам да ве гледам по ѓаволите, та ти, та ти...

ВЛАДИСЛАВ (На Добромир): Ти реков дека нешто не ѝ е добро, а ти уште настојуваш.

ДОБРОМИР (Се потсмевнува): Да Ве разбрав, господине. Само жалам што госпоѓата не ги прими моите добронамерни услуги и доброжелбени подвизи. Зашто јас сум или не сум Добромир (Свртен кон публиката).

(Откако Владислав и Марија си одат, Добромир за извесно време останува сам на сцената).

ДОБРОМИР: О, чудна ти е оваа игра на природата човечка по несреќа. Ту нешто те носи, воздигнува, крева, ту нешто те ломи, паѓа, руши, кине, ко што е суетата човечка, впрочем, сега една сенка те следи, чиниш потем друга. Тукушто си се воздигнал од мртви ко Лазар од по воскресот, веќе честопати мораш пак повторно да се завиваш во покровното платно на смртта и да се возвишуваш и да се вознесуваш на небото, или да ја изигруваш својата смрт што во костур иде да те земе додека си уште жив каква и да е дијанија, кал господов, дооденија, дососанија.

Завеса

 

Петто дејствие

 

(Два гроба лежат под две брези еден до друг, тоа е гробот на Агата, жена му на Самуил и на Габриела, жена му на Гаврил Радомир. Тие се странично, додека поцентрално се издигнува возвишинка во подножјето со мовче, понависко со камен престол).

ДОБРОМИР (Наполно во темно): И би ден и би ноќ. И така со ред заредија ден и ноќ додека не се судрија двете војски така закрвавено, така настрвено, така зајадено око со око да не се видат, уво со уво да не се чујат, како трн со трн во штитот Хефестов... И тогаш руши, било речено од бога да биде ко по писанија, чирејот на Сперхеј. Многу нешта од нашата добрина и благодетел, дарба и ползотворенија останаа во самоизмамна мечта на бојното поле крај коњите и крај копјата, во тој успех на тој источник од крв и од самобиднина. Во самозаблуда се стори засек од мачно излеклива извалкана рана. Запотошено зеде сила Василиј Втори, собра кураж, направи пробив, направи поткин. Простина од замрзотија на крвта во жилите оваа бојнополска широтија во која наемнината бесно исука меч и како негибната дотогаш резерва му спаси за плачка, монети и дарови на Василиј Втори чест, зашто кај него златото и железни порти отвара.

(Се пали светло потихом, на гробовите Самуил поднаведнато, Гаврил поподигнато, клечат во силуетен израз во воена спрема на која бојот оставил трага).

ДОБРОМИР: Но, кои се овие два витеза во оваа самовина што положиле меч над гробовите еднакво занесени во тежината на својот бол. И ти се чини дека се слеваат во еден миг, се стопуваат во еден образ обете лица. Како не ќе се слеат и како не ќе си личат еден на друг кога се впрочем татко и син. Велеславниот Цар Самуил и неговиот син Гаврил Радомир, со витешко срце издржале еднакво и победи и порази на овој славобид и славослав. Тие сега ко над поразија мана на лозја и ко по облак скокалечки тагуваат над гробовите на своите госпоѓи.

ПРВА ПОЈАВА

(Косара со цвеќе в раце, во истиот светлосен услов, стапува на сцената. Самуил и Гаврил се малку повлечени во темнината. Косара запалува масленик, свеќи).

КОСАРА (На мајкиниот гроб): Ах, мајко, што би тој злочест час што се случи со тебе, кога гласници втасаа и донесоа лоши гласови. Сперхеја – рекоа тие – станала нашиот гроб, а додека бате и тате, богуфал, не се знае кој кои се, кој каде се загинати, и ниту каде им е гробот, ниту каде им е знакот. Те собра тебе тогаш Сперхеја во својот длаб, о, мајко, бидејќи уште тогаш ти тука не издржа, туку на место падна мртва, ти се исполни сонето што си го виде, а што го кажуваше со дедо Никола.

А Габриела што лежи овде гроб до гроба мртва заедно со тебе, изгуби памет, нека и е на чест и слава на родот, и се фрли од карпана вишна во студените води на езерото и се утопи ко тешка грижа во тешки мисли, темни соништа. Не издржа да му подариш уште еден жив спомен на Гаврила крај Михаила, што како славофал над непријателските порази и богослав на нашите победи и прошири на баштината, го имаше понесено в срце, снао и сестро Габриела.

 

ВТОРА ПОЈАВА

САМУИЛ: Косаро!

КОСАРА: Тате!

САМУИЛ (Откако се гушнуваат): Дете мое.

КОСАРА: Кога втасавте, тате?

САМУИЛ: Тукушто, чедо. Во црно си, а си пресекла цулуф? Што треба тоа да значи, ќерко?

КОСАРА: Се зарачав, ако е среќа да биде со Владимира, дуклјанскиот кнез. Дојдов поради тоа и од мама да барам благослов. Ќе ми го дадеш ли, тате?

САМУИЛ: Како си смеела без опита?

ГАВРИЛ (Повеќе за себе): Ете го и тука е, како и таму истиот.

КОСАРА: Се сакавме, тате и се зарековме.

САМУИЛ: Сте се сакале и сте се зарекле? Пред кого сте се зарекле?

КОСАРА: Се заколнавме и бацивме крст пред свештеникот Еремија.

САМУИЛ: Како тоа? Тој е наш роб.

КОСАРА: Да, тате, само тој е толку благороден.

САМУИЛ: По што го позна?

КОСАРА: Тајно се состанувавме.

САМУИЛ: Не може тоа така, зашто сè си има тука свој ред. Од кога е создадена таа врска?

КОСАРА (Замрзнато): Не знам точно.

САМУИЛ: Уште кога бевме ние тука?

КОСАРА: Да, тате, ми помагаше во тоа и Гаврил.

(Гаврил кога ќе си го чуе името се тргнува ко од сон).

ГАВРИЛ: Што тоа, Косаро?

САМУИЛ: Како си смеел?

ГАВРИЛ: Што како сум смеел?

САМУИЛ (Упрекно): Да ѝ помагаш на Косара тајно да се состанува со Владимира.

ГАВРИЛ: Благороден маж е навистина нејзиниот избраник, по срце, татко.

САМУИЛ: Јас не кажав каков е.

ГАВРИЛ: Туку што кажа со тоа твое испитување?

САМУИЛ: Кажав дека е тој наш роб.

ГАВРИЛ: Владимир недолжен лежи в затвор.

САМУИЛ: Тогаш што?

ГАВРИЛ: Јас кажав што, уште кога ја помагав Косара.

КОСАРА: Благослови ја врската наша, тате.

САМУИЛ: Ќе видиме таа работа, ќерко. Отпослежно е тоа.

ГАВРИЛ: Нема тука ќе ја видиме таа работа и отпослежно е тоа. Маж си, родител, не треба, чинам, двапати да ти се повтори она бездруго и сам што го ѝ ѝмене, било како било, окутраме мене, но за Косара јас мислам нешто мора да се стори. Уште повеќе кога сме ние повеќе во војна отколку дома.

САМУИЛ (Попуштено): Добро. А Марија и Владислав?

КОСАРА: Тие се чини како да се единствените господари во домот.

(Самуил заитува накај тврдините и дворецот во Охрид).

 

 

 

 

ТРЕТА ПОЈАВА

ГАВРИЛ: Какви новинки, сестро?

КОСАРА: Марија е мошне опасна, бате. Поопасна и од Владислава ми се чини. Тогадамна, додека беше жива уште мама, ми го кажуваше тоа Добромир, не можела да се додржи од надавање по нас. Блатела сè на ред со сè што ќе ѝ паднело прво на памет, дојдело науста без пехриз.

ГАВРИЛ (Гледајќи го Владислава како мине како силуета): Каде оди сега како привид, призрак? Сув како ситка.

КОСАРА: Често самотни тој кутар.

ГАВРИЛ: А што е правата причина за тоа?

КОСАРА: Фурија е тоа, не е женско, бате. На сè е способна таа. Туку ти, чувај се од нејзините примки.

ГАВРИЛ: Таква беше и во Просек. Таква беше, таква и си остана, цецо.

КОСАРА: Волкот влакното го менува, ќудта никогаш.

ГАВРИЛ: Сепак, јас мислам, среќа е што секој си имаме по една ѕвезда под која сме родени, сестро.

КОСАРА: Добро е тоа, бате, само не чини кога ѕвездата ти е истривена светулка.

ГАВРИЛ: Не знам за чија ѕвезда мислиш?

КОСАРА: За сечија, бате, штом е истривена светулка што изгубила сјај, ко мојата, твојата...

ГАВРИЛ: Немој, Косаро, премлада си така да си мислиш за својата ѕвезда, својата светулка... Уште си ти во пролетта на своите години... Допрва ти е зимата...

КОСАРА: Можеби и нема зима за мене да има, сакаш да речеш, ко за другите, Гавриле.

ГАВРИЛ: Можеби, сè е можно на овој бел свет, темна ноќ.

(Косара си оди преку мовчето, Гаврил останува замислен).

 

ЧЕТВРТА ПОЈАВА

(На сцената, по целосно осветлување на сликата пред мовчето, двобој меѓу Гаврил и Владислав, ги среќава Ивац).

ИВАЦ: Какво е тоа мерење на силите, јунаци?

ВЛАДИСЛАВ: Додека ме чува таткова омраза, нема гибел за мене.

ГАВРИЛ: Подобро речи, злоба, Владиславе.

ВЛАДИСЛАВ: Одмаздата е тоа што ме гони на дело.

ИВАЦ: А кого одмаздуваш? Предавник!?

(Владислав јурнува на него, Гаврил му го препречува патот).

ВЛАДИСЛАВ (На Ивац): Јудијо Искариотска, сега ја разбирам мојата Марија, и тебе те прејудија овие бездушници, овие душевадци, душеизмамници (Покажува кон Гаврила со мечот).

ИВАЦ (Избивајќи му го мечот од рацете): Зошто се здечкавте, зошто се спечкавте?

ГАВРИЛ: Се споречкавме за повеќе работи. За татко му, за татко ми, за чичо Мојсеј, за тетка Славјанка, за заврзувањето за скутот на Марија, за неговото бегање в црква, неидење заедно со мене и со тебе во одбранбените појаси на земјата како во опасна и ризиковна зона што го бара одбраната на баштината по војнички дозреан закон за возрасни и дораснати должни да ја бранат машки глави... Туку само: раскол, раскол, се научил да вели и тој, јас овде ќе правам немир, кој што ми може, зашто оваа земја и не е учена мирно да живее, да пасе стада, прави благота и свири во двојанка.

ВЛАДИСЛАВ (За себе): Ист татковец, иста катара како оној омразен папски круноносец, бабунија, оченашец, богумил...

ГАВРИЛ: Задробол, аскетијо!...

(Овојпат Гаврил сериозно го збркува Владислава, а тој се дава во сериозно бегство. Ивац останува сам на сцената).

 

ПЕТТА ПОЈАВА

(Самуил иде задишен).

САМУИЛ: Кај го пуштивте Владислава да бега, царска војводо?

ИВАЦ: Да се носи по ѓаволите, царска круно.

САМУИЛ: Нема ли во пределите на забојот да дојде и по овој вознемир на овој заветер да се бори против Ромеите кога е потребно учеството за да не дојде до мошне зла участ и на секое дете закрепнало да даде ако може сè од себе во борбата на живот и смрт што се води кога баштината вика, Ивац.

ИВАЦ: И без него ќе поминеме, ко со попосно, честити Царе, зашто и без него сме учени ние да војуваме еве години по ред додека баштината толкупати била во прашање па ништо слава богу не ни би ко на котомани.

САМУИЛ: Не ви би навистина, само сега е друго.

ИВАЦ: Друго е навистина, честити Царе, само што му можеш кога нејќе и нема во него пред сè доволно војничка добра волја, витешка совест. Со сила ’рт на лов не се води, а може да направи и бркотија. Што полза тогаш од таков човек, од таков војник?

САМУИЛ: Да, точно така е, само мрморат војските.

ИВАЦ: Што мрморат?

САМУИЛ: Дека премногу сме му дале слобод, сме му ги пуштиле уздите да ужива а да не се обврзува.

ИВАЦ: Точно е тоа што мрморат војниците, честити Царе.

САМУИЛ: И јас знам дека е точно тоа преголемо пуштање волја, Ивац, само што му можам особено сега. Да си ти на мое место што би правел, кажи.

ИВАЦ: Ништо, нема морал, нема чувство и тоа ти е сè.

САМУИЛ: А тоа е лошо за моралот на војските, Ивац.

ИВАЦ: Дрско суштество, впрочем нема на кого.

САМУИЛ: Та татко, та жена, мани богати, остави, не гибај...

ИВАЦ (Покажувајќи му го амблемот на Василиј Втори): Уште едно изненадување, честити Царе. Го гледаш ова чудо почудено, чудо невидено, го нашле војниците на гранките на едно дрво закачено. Смртен страв видел и самодржецот на Ромеите.

САМУИЛ: Секој властодржец видува смртен страв најмалку по еднаш во животот, војводо.

(Го вади својот амблем од нагуша Самуил и го става на патерницата. Потоа го зема амблемот на Василиј, го загледува добро од сите страни и го става на гуша. Откога ќе го сврши сето тоа, го зема својот и му го става на Ивац на гуша).

САМУИЛ: Биди бестрашен, војводо, како што си бил и чувај ги влезовите на нашата заземја. Тогаш балчакот никогаш нема да ти загуби сјај, исукан и цврсто држан в рака ко нова плужница во вимето на новоразработена дојка на родната грутка.

ИВАЦ: Без грижа, штом Ивац ти служи, честити Самуиле. Зашто вистински Брсјак си, господару, а јас сум горд што токму тебе ти служам против секакви изнајмени бездушници. Боже, колку е човек горд кога му служи на мудар, суверен и на цврста рака војничка што секогаш знаела сигурно да држи дизгини в раце, како што знаела секогаш преточно што сака, еднакво служејќи се вешто и со мудрост и со меч.

(Се разделуваат со долго гушнување и бакнување).

 

ШЕСТА ПОЈАВА

ДОБРОМИР: И пак зареди војна, и пак зареди битка, окрш за окрш, коњ за коњ, меч за меч, штит за штит, човек за човека... Тогаш Василиј Втори, лукавиот византиски властодржец, служејќи се со итрост ги нападна нашите војски в грб и удри преку тилот во главнината прекутрупа како град по просо во Струмичкото поле по падините на бреговите на Беласица. Во летото на дваесет и деветтиот ден господов, ден ѓаволов, во јулија 1014 лето се случи тоа.

Што би овој помрак сонце, затемнина, помрачнина од која веди се ведат, грдомазни глави на али ненаситни...

...И кој ли сè не би, и кој ли сè не се нареди во редот на четиринаесетте илјади ослепени со по две очи во селото Водоча, а на секој стотен со по едно око за да ги води во безочен бол по патот за баштината и бесветлосниот бескрај по светот...

(Грмежи и секавици. Фуртуна. Добромир застанал пред портите на тврдината, реди ослепени војници од колоната):

– Оној беше самохран домаќин.

– Оној растен сирак.

– Оној витез и јунак.

– Оној орач и земјоделец.

– Оној ковач на оружје.

– Оној ловец на дивеч.

– Оној чуваше царска стража.

– Оној одбираше коњи и пушташе соколи во бојот.

– Оној крстосуваше врвици и ловеше птици.

– Оној беше гласник и дуваше на зов во бојниот рог.

– Оној владееше меч како сор.

– Оној сости лостеше риби.

– А кој беше оној?

– А кој оној?

– А оној?

– Оној?

 

ЗАВРШНА ПОЈАВА

(На вишинката доаѓа Самуил. Тука има и каменен осматрачки стол, додека во близина одзади за забележува во контури истакната стерна за вода околу која ќе има допрва запирање, миење, пиење вода).

САМУИЛ: Какви вести, Добромире?

ДОБРОМИР: Уште ништо, честити Царе.

САМУИЛ: Што е она што се точи без почин, Добромире?

ДОБРОМИР: Нашите победници бездруго, светла круно.

САМУИЛ: Победата се слави, какви победници, дворски советниче. Што ме залажуваш? Зошто нема никаков восторг, восхит?! Камо триумф да се вести, запалпламен, оганзапалија? Кои се оние ко преклукани закажани напред, врзани, вежани!?

ДОБРОМИР: Напред се можеби заробените, светла круно.

САМУИЛ: Ти поубаво ко помлад пулиш, советниче, или јас. Чии заробени? Наши или нивни?

(Колоната се доближува до Самуила, додека тој како скаменет седи на престолот. Како што минуваат ослепените, зборуваат):

САМУИЛ (Ги милува по главите): Чеда мои!

ПРВИОТ ОСЛЕПЕН: Честити Царе!

ВТОРИОТ ОСЛЕПЕН: Наш сакан Самуиле!

ТРЕТИОТ ОСЛЕПЕН: Го гледате ли делото на Василиј Втори, пресветли Царе, до каде втаса, способен дете во мајка да расплаче.

ДОБРОМИР: Кој семе ќе сее в ниви за да ’рти? Од јулија до оваа жолта есен поснопица се снопја ни в јажица врзани, ни в ставица скупени. Се снопи сè по земјава наша, се снаопачи како во време на беззакон, безвласт, време од бури, ветришта диви, далги, фуртуна, метеж и смат. Кој плужница ќе рие в добра земја за да роди, кој?... Сите сили откога ги фрливме на среќа ко на ждрепка во оваа недобитна бојбитка, ни на саперникот, Пречиста да им е сапарна, да им даде господ кел и краста та никогаш да не можат да се исчистат од таа шуга, чума, кошоболест, човекопоморија како за горјани, полјани, езерјани така исто и за поморјани...

ЕДЕН СО ЕДНО ОКО: Полководецот Никулица пред сите го обесија за пример, честити Царе.

ДОБРОМИР: Ах, и стотникот Никола, неуморен чувач на проширбите и на заземите, ко од улера да лежи, сипаничаво изнакажан...

НЕСТОРИЦА: Овој пат и јас, божигробецот Несторица, не го преитрив лукавиот, од лукаваго, честити Царе, туку настрадав невин, ко од мајка роден...

ДОБРОМИР: Зар и Војнимир со Мирострој биле тамо? А, у, зар до една сите резерви се заложиле во тој исцрп на числото на сета мажевност машка? Нели Вие лично, честити Царе, издадовте наредба за овие строевници на тврдинава и на дворецов, ко за мене и за нив, да не одат нигде, да не мрдаат, туку да останат тука зедно со нас?

САМУИЛ: А кој таму ќе строел градобрани оклопни, ако не токму тие, Добромире. Не ги дотрпело срце, не дотрајале, отишле. А и добро сториле. Што би правеле друго. Ако не го стореа тоа ќе ги гризеше сега совеста, ќе ги јадеше заглобот што ’рти внатре во немирот на душата (Воздивнува очајнички).

ДОБРОМИР (За себе): Ко мене сега што ме има запленето овој потпалоган в потпалпламен во мојава потпалена душа, впрочем.

САМУИЛ: Василиј нас, Добромире, очигледно убаво нè начекал... Ни во мислите на човека да не му дојде подобар подоб на ум за намир, позавиден начек отколку овој овеговиов.

ДОБРОМИР (Ко за себе): Колку само пресушени езера од море солзи видов во овие очи, колку подбелени испуштени јазици, изгушени очи, издушени души... Каде е тоа светло оружје, каде се китените коњи, шарените руби, што се сторија, каде се денаа, ги снема, се стопија ко што се топи впрочем животот и здравјето и на најјуначките коњи во сакагијата коњска.

... Во оваа земја болскотеше живот до скоро во повеќе радосни езера (Ги крие солзите бришејќи ги), во повеќе светли кандила полелејни под божиот свод. А сега, а сега, о дали пак ќе тече тука, о вишен боже, семожен и седржен, живот во повеќе весели реки в близнец како некогаш, во повеќе текови и повеќе утоки?...

САМУИЛ (Со последен прибир на силите познај се): Добромире, немој така чедо, немој така дете, не цвили, не кори никогаш непокорни, зашто секој има срце, секој има чувство (Липнува).

ДОБРОМИР (Повеќе за себе): Што ми гледаат очиве ако не ме лажат. Да се очаи и најкуражниот, да попушти и најхрабриот (Гледа ко избезумено во Самуила). Поубаво да ми обневидеа и мене очиве очајно во безочен вид како нив, или и сосема да не беа прогледале, барем ќе бев помирен, поспокоен... Што е ова што се случи со овие наши војници и полководци... Какво ѕверство, боже, каква испамет за да се памети, каква омраза тињала во душата отровна на еден самодржец што ни во најгрд сон, ни во најцрн мрак, освен во наказниот пекол не би можел човек ни во вечнаја памјат од најјако светло, најусвитен пламен, до најмрачно црнило, најзнаменосно, најусвитено ѕвездено врнило од знаменија погребни и покопни да го види и да го науми.

САМУИЛ (Клонувајќи): Зар и за она голомешесто (Покажува очајно со прстот) на татко што отишло меч да му точи, вода да му носи жед да не го пече во борба без почин, милост да се немало? Василиј, проклетијо, Васи...

Завеса

 

КРАЈ

 

1 Драмата е прв пат објавена во списанието „Културен Живот“ во март 1969-та година.

 

 

 

 

 

 

 

gallery/img_2445